193/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/2002).

2. Здружението на финансиски работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија на Република Македонија од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, корисниците на буџетите на локалната самоуправа со оспорениот Закон немале и не им било признато право да го утврдат правото на нето платите за месец јуни 2002 година, до висина на правото утврдено за последниот месец за кој извршиле исплата на платите.

На тој начин корисниците на буџетите на локалната самоуправа биле ставени во нееднаква положба во однос на корисниците на Буџетот на Република Македонија, односно Фондот за здравствено осигурување на Македонија, иако за сите вработени таксативно наведени во членот 3 став 2 од Законот за исплата на платите во Република Македонија, важеле одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за државните службеници.

Со оспорениот Закон не се опфаќале буџетите на локалната самоуправа, со што се повредувал принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што Законот не бил во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија во членот 3 став 2 од законот зборовите: “2001 година за корисниците на Буџетот на Република Македонија” се заменуваат со зборовите: “2002 година и натаму за корисниците на”.

По ставот 2 се додаваат два нови става 3 и 4 кои гласат:

“По исклучок од ставот 1 на овој член, корисниците на Буџетот на Република Македонија и јавните здравствени установ и правото на нето платите за месец јуни 2002 година, го утврдуваат до висината на правото утврдено за последниот месец за кој извршиле исплата согласно со овој закон и зголемено до нивото на обезбедените средства од Буџетот на Република Македонија, односно од Фондот за здравствено осигурување.

Правото за исплата на нето платите од став 3 на овој член кај корисниците на Буџетот на Република Македонија и јавните здравствени установи за месец јули 2002 година и натаму не може да биде повисоко од правото утврдено за месец јуни 2002 година”.

4. Согласно член 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во постапката по предметот У.бр.158/2002, предмет на уставносудска оценка беше уставноста на истиот Закон за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, при што Судот со решение од 19 ноември 2003 година не поведе постапка.

Притоа, врз основа на член 9 став 2 од Уставот и одредбите од Законот за локалната самоуправа и Буџетот на Република Македонија за 2002 година, Судот утврди дека општината нема статус на корисник на Буџетот на Република Македонија, поради што со оспорените законски одредби не може да биде ставена во нерамноправна положба во однос на другите корисници на Буџетот на Република Македонија, а во смисла што таа не може да изврши зголемување на платите за месец јуни 2002 година, каква што можност на буџетските корисници им дава Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите.

Судот, исто така, застана на становиште дека оспорениот Закон го уредува прашањето на нивото и динамиката на исплатата на платите во Република Македонија на корисниците на Буџетот на Република Македониј а и јавните здравствени установи, предвидувајќи одделни корекции за 2002 во однос на 2001 година, не навлегувајќи во финансирањето на јавните потреби на другите субјекти, помеѓу кои и на единиците на локалната самоуправа, кои не се корисници на Буџетот на Република Македонија. Според тоа, во рамки на расположливите билансни можности законодавецот користејќи го своето право, извршил одделни корекции во исплатата на платите кај буџетските корисници, со што не се повредува приницпот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.

Во однос на другите причини изнесени во иницијативата, Судот утврди дека правото на соодветна заработувачка за вработените во локалната самоуправа не е предмет на уредување на оспорениот Закон, што значи се бара оценка на уставноста за прашање кое не е содржина на оспорениот Закон, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, а имајќи предвид дека Судот веќе ја оценувал согласноста на истиот Закон за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија со Уставот, не повел постапка за оценување на уставноста и не постојат основи за поинакво одлучување, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.193/2003
17 декември 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова
1