160/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 90 став 2 од Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/1997, 16/2000 и 17/2003).
2. Јанко Бачев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот не била во согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија, затоа што не обезбедувала двостепеност во одлучувањето во случаите кога во управни работи се решавало за правата, обврските и правните интереси на граѓаните и правните лица.
Како аргумент за тоа се наведува дека министерот за труд и социјална политика согласно Законот за социјална заштита го именувал директорот на центарот за социјална работа, а од друга страна, според оспорената одредба тој бил надлежен и да решава по жалба изјавена против решение на центарот. Тоа, според подносителот на иницијативата значело дека во конкретниот случај во суштина се предвидувало за остварување на правата на граѓаните од областа на социјалната заштита во прв и втор степен да одлучува ист орган, наместо по жалба да одлучува друг орган кој не учествувал во одлучувањето во прв степен.
3. Судот на седницата утврди дека во член 90 став 2 од Законот предвидено е по жалбата против решението на центарот решава министерот за труд и социјална политика.
4. Според член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организации и други институции што вршат јавни овластувања.
Од наведената уставна одредба произлегува дека се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во прв степен, меѓу другото, и од организациите и другите институции што вршат јавни овластувања. Инаку, смислата на оваа уставна одредба е да се обезбеди двостепеност во одлучувањето, со тоа што по жалбата треба да одлучува друг повисок орган од органот што одлучувал во прв степен, во што се состои и деволутивното дејство на жалбата.
Во членот 36 од Законот за социјална заштита утврдено е дека за остварување на системот на социјалната заштита се основаат јавни и приватни установи за социјална заштита.
Според член 37 од истиот закон јавна установа за социјална заштита основа Владата на Република Македонија, во согласност со мрежата за јавни установи, а според членот 39, јавна установа за вонинституционална и институционална заштита, освен центар за социјална работа и јавна воспитна установа за сместување на деца и младинци со нарушено поведение, може да основа и надлежниот орган на општината, односно градот Скопје.
Според член 61 став 1 од овој закон, центарот за социјална работа се основа како јавна установа за социјална заштита со јавни овластувања заради вршење на работи од социјална заштита, а според членот 62, од делокругот на јавните овластувања центарот ги врши следните работи: решава за правата од социјална заштита, утврдени со овој закон; решава за работи утврдени со семејно-правните прописи; постапува по работите утврдени во кривично-правните прописи и врши и други работи утврдени со закон.
Според член 114 од Законот, Министерството за труд и социјална политика врши надзор над законитоста на работата на установата за социјална работа, како и над работата на правните и физичките лица кои вршат определени работи во социјалната заштита.
Во вршењето на надзорот над законитоста на работата, Министерството за труд и социјална политика, освен што може да запре од извршување општ акт на установата за социјална заштита доколку смета дека тој акт не е во согласност со Уставот и со законот, може, согласно член 116 од Законот и да укине конечно решение на центарот, ако утврди дека со него очигледно е повреден овој закон.
Од наведените законски одредби произлегува дека центарот за социјална работа е јавна установа со определени јавни овластувања, меѓу кои како јавно овластување е утврдено и решавањето за правата од социјална заштита. Понатаму, од овие одредби произлегува и тоа дека орган надлежен за вршење надзор над законитоста на работата на центарот за социјална работа, како и на другите установи за социјална заштита, е Министерството за труд и социјална политика.
Од погоре наведеното во однос на основањето, статусот и надлежностите на центарот за социјална работа, од една страна, и поставеноста на Министерството за труд и социјална политика, од друга страна, може да се констатира дека интерпретирајќи ја суштината на оспорената законска одредба, подносителот на иницијативата изведува погрешен заклучок дека во постапката за остварување на правата на граѓаните од областа на социјалната заштита во прв и втор степен одлучува ист орган.
Имено, разгледувајќи ја оспорената законска одредба во контекст на наведените и другите одредби од Законот за социјална заштита, според Судот јасно произлегува дека по жалбата изјавена против решението на центарот за социјална работа решава друг орган кој што не учествувал во одлучувањето во прв степен, а тоа е органот на управата надлежен за соодветната управна област, кој истовремено врши и надзор над законитоста на работата на центарот. Ваквото законско решение не само што е во согласност со барањето во членот 15 од Уставот за деволутивното дејство на жалбата воопшто, туку тоа кореспондира и со ставот 2 на член 229 од Законот за општата управна постапка, кој што согласно член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот како сојузен пропис на поранешната СФРЈ е преземен како републички.
Според тоа, а имајќи ја предвид и содржината на оспорената законска одредба во која се предвидува по жалбата против решението на центарот за социјална заштита да одлучува министерот за труд и социјална политика, како функционер што раководи со ова министерство, пред Судот не се постави прашањето за нејзината согласност со членот 15 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.160/2003
17 декември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова