91/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 и 11 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 26 од Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/1993, 71/ 1996, 54/2000 и 24/ 2003).

2. Кире Мојсоски, градоначалник на општина Другово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата и појаснувањето на иницијативата се наведува дека оспорената одредба од Законот и посебно оспорената точка 5 доведувале до неединствено постапување по однос на оданочувањето на прометот на недвижен имот во случаите кога како продавач се јавувала Република Македонија.

Потоа подносителот на иницијативата дава осврт на направениот поголем број на купопродажби на недвижен имот, сопственост на Република Македонија, по пат на јавно наддавање, во 1994 година и 2002 година, кога како купувачи се јавиле граѓаните. Во 1994 година не се пресметувал и наплаќал данокот врз основа на Заклучокот на Владата на Република Македонија од 22 февруари 1995 година, но во 2002 година, кога се продавал имот лоциран во општината Другово, граѓаните купувачи на имотот биле обврзани да платат данок. Бидејќи станувало збор за еквивалентни состојби, подносителот на иницијативата смета дека граѓаните што купиле имот во 2002 година, исто така, требало да бидат ослободени од плаќање на данокот.

Оспорениот член 26 и посебно оспорената точка 5 од Законот доведувале до нееднаква примена и создавале забуна кај граѓаните и надлежните органи, а воедно се создавала привилегирана состојба за граѓаните кои немале обврска да го платат данокот во однос на граѓаните кои таква обврска имале.

Поради забуната и нееднаквата примената што во практиката ја создавала оспорената одредба заедно со посебно оспорената точка 5, еден дел од граѓаните кои ја платиле пазарната вредност на недвижниот имот не можеле да располагаат со истиот, бидејќи не биле ослободени од плаќањето на данокот.

Со оспорената одредба се повредувале владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на претприемништвото гарантирани во член 8 алинија 3, 6 и 7 и член 55 од Уставот.

Од тие причини се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста, а потоа и укинување на одредбата со цел да се донесе нова одредба што попрецизно и поправедно ќе ги регулира таквите состојби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 точка 3 од Законот за даноците на имот, данокот на промет на недвижности и права е еден од видовите на данок. Воведувањето и уредувањето на овој вид данок се разработени во третиот дел од Законот, со наслов “Данок на промет на недвижности и права” во членовите 18 до 26.

Согласно член 18 од Законот, на остварениот промет на недвижности и права се плаќа данок на промет на недвижности и права.

Обврзник на данокот на недвижности и права е правно и физичко лице – продавач на недвижноста односно правото, согласно член 20 став 1 од Законот.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот (” Службен весник на Република Македонија” бр.24 /2003) во членот 20 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

“По исклучок од ставот 1 на овој член, обврзник на данокот на промет на недвижности и права може да биде правно и физичко лице-купувач на недвижноста, односно правото, доколку во договорот за купопродажба на недвижноста, односно правото е договорено данокот да го плати купувачот”.

Во оспорениот член 26 од Законот се определуваат случаите на даночни ослободувања или случаите кога данокот на промет на недвижности и права не се плаќа и тоа:

1) на прометот на недвижности во постапката на комасација и експропријација;
2) кога странското дипломатско, односно конзуларно претставништво го пренесува правото на сопственост на недвижности, под услови на реципроцитет;
3) при вложување на недвижности во капитал на акционерски друштва, односно друштва со ограничена одговорност;
4) кога правото на сопственост или друго право се пренесува заради подмирување на обврските по основа на јавни приходи во постапката за присилна наплата;
5) на промет на недвижности меѓу државни органи (посебно оспорена точка);
6) кога правото на сопственост на недвижности се пренесува на давателот на доживотното издржување кој во однос на примателот на издржувањето се наоѓа во прв наследен ред и тоа само за делот на недвижноста кој би го наследил според законот за наследување и без давање на издршката;
7) на првиот промет на станбени згради и станови кој ќе се изврши во период до пет години по изградбата на кој е пресметан данок на додадена вредност (точката 7 е додадена со Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.54/2000) ;
8) на тргување на хартии од вредност во смисла на Законот за хартии од вредност и
9) кога правото на сопственост на недвижноста се пренесува на банките како доверители, заради наплата на парично побарување, доколку во рок од 3 години го продадат стекнатиот имот. (точките 8 и 9 се додадени со Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.24/2003).

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи најнапред од содржината на членот 110 од Уставот, во која одредба е определена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, произлегува дека во надлежност на Судот не е предвидена оценка на правилната примена на законите и другите прописи, какво што барање е содржано во поднесената иницијатива.

Инаку, несогласноста на оспорената одредба со уставните одредби, подносителот на иницијативата, ја согледува во различната примена на оспорената одредба по однос на извршените купопродажби на недвижниот имот во 1994 и 2002 година, кога како продавач се јавила Републиката, а како купувачи на имотот граѓаните.

Предмет на уредување во оспорениот член 26 од Законот и посебно оспорената точка 5 се ситуациите за кои е предвидено осободување од плаќање на данокот. Сметано од стапувањето во сила на Законот, па се до последната измена и дополнување, оспорената одредба секогаш регулирала материја по однос на даночни ослободувања, но не регулирала обврска за плаќање на данокот на промет. Посебно оспорената точка 5 воопшто не ги засега правата и обврските на граѓаните по однос на овој вид на данок, бидејќи регулира ослободување од плаќање на данок во ситуација кога се прави промет на недвижности меѓу државни органи, но не и кога се прави промет помеѓу државен орган како продавач и граѓанинот како купувач на недвижниот имот.

Обврската за плаќање на данокот на промет на недвижности од страна на продавачот на имотот се определува во членот 20 став 1 од Законот, која одредба определува општо правило продавачот на имотот да го плати данокот на промет на недвижности било да станува збор за правно или за физичко лице.

Таквото законско решение се задржува до 12 април 2003 година кога влегува во сила Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот (” Службен весник на Република Македонија” бр.24/2003). Со дополнувањето на Законот, според член 20 став 2 како обврзник на данокот на промет на недвижности може да се појави и правното и физичко лице-купувач на имотот доколку е договорено тој да го плати данокот. Овој Закон не можел да најде примена на купопродажбата од 2002 година направена во општината Д ругово, а според времето кога истиот влегол во сила.

Според изнесените наводи од иницијативата и анализата на законските одредби, Судот, исто така утврди дека подносителот на иницијативата бара оценување на законска одредба што не постоела во правниот п оредок со содржина каква што се презентира. Бидејќи од Судот се бара оценување на согласноста на непостоечка содржина на законска одредба и од овој аспект на иницијативата Судот нема надлежност да оцени согласноста со уставните одредби на она што законите и другите прописи, според подносителот на иницијативата би требало да го содржат.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.91/2003
10 и 11 декември 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова