У.бр.86/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 ноември 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 146 став 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 8/1998, 11/1998, 12/2000 и 80/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесената иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.86/2003 од 1 и 2 октомври 2003 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на колективниот договор, означен во точката 1 на оваа одлука.

4. Судот, на седницата, утврди дека согласно член 146 став 3 од Колективниот договор, на работникот правна помош во расправата пред комисијата, може да му дава само претставник на синдикатот.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката се основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот и признати во меѓународното право.

Согласно член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 53 од Уставот и член 2 став 1 од Законот за адвокатура (” Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002) адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со овозможувањето само синдикалната организација во Министерството за внатрешни работи да дава правна помош на свој член и вработен во Министерството за внатрешни работи во постапка за престанок на работен однос со отказ, претставува ограничување на остварувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, организирање на граѓаните да користат правна помош од адвокатурата како јавна служба и нивно ставање во нееднаква положба, поради што оцени дека членот 146 став 3 од Колективниот договор не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 со член 9 и член 53 од Уставот и член 2 став 1 од Законот за адвокатура.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.86/2003
26 ноември 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова