83/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 ноември 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 85 став 2 од Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр. 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 40/2003 и 42/2003).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија “.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У. бр. 83/2003 од 17 септември 2003 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 79 од Законот за средното образование, под нострификација се подразбира признавање на свидетелство стекнато во странство, а под еквиваленција се подразбира изедначување на свидетелството стекнато во странство со свидетелството стекнато во Република Македонија. Нострификација, односно признавање на еквиваленција на свидетелство стекнато во странство врши Министерството.
Според содржината на членот 85 став 1 од Законот, решение за нострификација и решение за признавање на еквива-ленција на свидетелство стекнато во странство донесува комисија составена од истакнати стручњаци што ја формира министерот.
Според содржината на оспорениот член 85 став 2 од Законот, против решението за одбивање на нострификација односно еквиваленција, може да се изјави жалба до министерот.
5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Во членот 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Од изнесената одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на жалба против поединечните акти преку обезбедување на начелото на двостепеност во одлучувањето.
Имајќи ги предвид уставните одредби, како и содржината на оспорената одредба, Судот смета дека со оспорената одредба од Законот не се обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето по жалба во смисла на членот 15 од Уставот. Имено, Комисијата за нострификација и еквиваленција на свидетелствата стекнати во странство се формира од страна на надлежниот министер и истиот министер одлучува по изјавената жалба. Оттука произлегува дека еден ист орган одлучува и во прв и во втор степен во постапката за нострификација и еквиваленција.
Поради тоа, Судот оцени дека законската одредба не е во согласност со уставната интенција за гаранција на начелото на двостепеност во одлучувањето, утврдена во членот 15 од Уставот. Според сегашното законско решение двостепеноста во одлучувањето не е запазена.
Воедно учеството на еден ист орган во донесувањето на првостепеното и второстепеното решение, по оценка на Судот претставува и повреда на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок гарантирана во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 83/2003
19 ноември 2003 година
С к о п ј е
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова
1