105/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 9 и член 13 став 2 од Правилникот за начинот на извршување на дисциплинската мерка војничка изолација (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одредбите од актот означени во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби не се во согласност, пред се, со членот 124 став 4 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, врз основа на кој е донесен Правилникот, бидејќи оспорените одредби излегуваат надвор од рамките на тој член од законот. Потоа, според член 26 точка 20 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001 и 5/2003), Генералштабот на Армијата донесува стручни правила и упатства што се однесуваат на употребата на единиците на Армијата, внатрешниот ред и односите во вршењето на службата во Армијата и други стручни правила и упатства од значење за работата во Армијата. Според тоа, работите од оспорените одредби можеле евентуално да се предвидуваат во правилата за внатрешниот ред и односите во вршењето на службата во Армијата, а не во предметниот Правилник.

Исто така се наведува дека според член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи, така што, оспорените одредби не се во согласност ниту со оваа законска одредба.

Согласно на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одредби од Правилникот се повредуваат членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 12 став 1 и 2, 27 став 3, 51, 54 став 1 и 96 од Уставот, членот 124 став 4 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, членот 26 точка 20 од Законот за одбрана и членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека според член 9 од Правилникот, за време на извршувањето на мерката војничка изолација лицата немаат посета од нивни блиски, како и од други војници. За време на извршувањето на мерката војничка изолација лицето не може да излегува во град.

Според членот 13 став 1 од Правилникот, распоредот на дневното време на лицата кои извршуваат дисциплинска мерка војничка изолација е утврдено од командантот на касарната – установата каде што се наоѓаат просториите за изолација. Според оспорениот став 2 на овој член, со распоредот од став 1 на овој член се предвидува најмалку седум часа ноќен одмор. Во попладневното време лицата можат да се ангажираат за извршување на работни задачи во касарната.

4. Согласно член 28 од Уставот, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин. Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Според член 46 од Законот за одбрана, Службата во Армијата се уредува со закон.

Со Законот за служба во Армијата на Република Македонија се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата на служба во Армијата на Република Македонија. Овој Закон, како видови на одговорност на воените лица ги утврдил материјалната одговорност и дисциплинската одговорност. Притоа, според овој закон, за повреда на воената дисциплина на војник за време на служењето на воениот рок може да му се изрече покрај другото, и дисциплинска мерка војничка изолација.

Согласно членот 124 од овој закон, дисциплинската мерка војничка изолација се извршува во посебни простории во касарната. За време на извршувањето на мерката војничка изолација, лицето учествува во обуката и наставата во неговата воена единица односно установа. Времето поминато во војничка изолација подолго од десет дена не се смета во служење на воениот рок. Начинот на извршување на дисциплинската мерка војничка изолација го пропишува министерот за одбрана.

За одбележување е дека Законот за служба во Армијата, покрај тоа што предвидува дисциплинска мерка војничка изолација на војник за време на служењето на воениот рок, предвидува и дисциплинска мерка војничка изолација за командир на чета и нему рамен или повисок воен старешина, командант на баталјон и нему рамен или повисок воен старешина и на командант на бригада и нему рамен или повисок воен старешина.

Врз основа на членот 124 став 4 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, министерот за одбрана донел Правилник со кој се пропишува начинот на извршување на дисциплинската мерка војничка изолација изречена за повреда на воената дисциплина на војник за време на служењето на воениот рок.

Врз основа на изнесеното произлегува дека со закон е утврдена дисциплинската мерка војничка изолација и дека со закон му е дадено овластување на министерот за одбрана да го пропише начинот на извршувањето на оваа дисциплинска мерка.

Тргнувајќи од фактот дека за време на извршувањето на мерката војничка изолација, војникот учествува во обуката и наставата во неговата воена единица односно установа, произлегува дека останатиот дел од денот како и ноќта, војникот ги поминува во изолација.

Војник за време на извршувањето на своите редовни обврски нема право да прима посета или да излегува во град, туку овие свои права ги остварува во слободното време и за време на викендите.

Оттука, произлегува дека и војникот на кого му е изречена дисциплинска мерка војничка изолација, за време додека учествува во обуката и наставата не може да има посети ниту, пак, да излегува во град. Дисциплинската мерка војничка изолација која содржи и забрана за посета или излегување во град се однесува само за периодот кога војникот не е на обука или на настава, односно кога војникот кој сторил повреда на воената дисциплина е под засилено воспитно влијание. Оттука, може да се заклучи дека воспитната цел на оваа мерка се остварува и преку оневозможување на контакти или излегување во град за време на траењето на оваа мерка.

Поради тоа Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за законитоста на оспорениот член 9 од Правилникот.

Понатаму, според Судот, се неосновани наводите содржани во иницијативата дека командантот на касарната не може да го утврдува распоредот на дневното време на лицата кои извршуваат дисциплинска мерка војничка изолација, туку дека тоа треба да биде во надлежност на Генералштабот на Армијата.

Имено, согласно член 26 точка 20 од Законот за одбрана, Генералштабот на Армијата донесува стручни правила и упатства што се однесуваат на употребата на единиците на Армијата, внатрешниот ред и односите во вршењето на службата во Армијата и други стручни правила и упатства од значење за работата во Армијата.

Генералштабот на Армијата согласно законот, ги врши оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата. Во извршувањето на своите со закон утврдени работи и задачи, Генералштабот меѓу другото, донесува стручни правила и упатства кои се однесуваат на Армијата во целина. Генералштабот нема надлежност ниту, пак, практични можности да го утврдува распоредот на дневното време на лицата кои извршуваат дисциплинска мерка војничка изолација.

Имајќи предвид дека дисциплинската мерка војничка изолација се извршува во рамките на касарната, произлегува дека командантот на касарната е најповикано лице кое по овластување на министерот за одбрана го определува распоредот на дневното време на лицата кои ја извршуваат дисциплиснката мерка војничка изолација, во зависност од можностите и потребите за ангажирање на овие лица во извршувањето на работните задачи во касарната. Во таа смисла, со оспорениот член 13 став 2 од Правилникот е определено дека со распоредот што го утврдува командантот на касарната се предвидува најмалку седум часа ноќен одмор, а во попладневното време лицата можат да се ангажираат за извршување на работни задачи во касарната.

Поради тоа, Судот оцени дека оспорениот член 13 став 2 од Правилникот не е во несогласност со членот 26 точка 20 од Законот за одбрана.

Исто така, според Судот оспорениот Правилник не утврдува права и обврски за граѓаните во поширока смисла, туку тој се однесува исклучиво на лицата (војниците) на кои им е изречена дисциплинска мерка војничка изолација, така што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

На крајот, со оглед на тоа што во иницијативата се наведени повеќе одредби од Уставот со оспорените одредби од Правилникот не се во согласност, без наведување на причините за тоа, Судот не ја оценуваше уставноста на оспорениот Правилник.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.105/2003
19 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова