76/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 и 13 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на град Кичево за населба “Бала Маало” општина Кичево, бр.07-1794/17 од 27 декември 2001 година (“Службен гласник на општина Кичево” бр.9/2001), донесена од Советот на општината Кичево.
2. Стојан Калчиноски од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, Советот на општината Кичево спровел постапка и ја донел оспорената Одлука за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на град Кичево, за населба ” Бала Маало”, спротивно на интересите на граѓаните. Имено, во иницијативата се наведува дека со планот била предвидена изградба на станбена зграда и улица која зафаќала дел од дворното место на станбениот објект на подносителот на иницијативата и доколку се реализирале новопредвидените објекти би се нарушила функционалноста и користењето на постојниот објект.
Поради тоа што оспорената одлука не била во согласност со одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, во иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да биде поништена.
3. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.48/2003 од 22 октомври 2003 година, постапувајќи по поднесена иницијатива од друго лице, Уставниот суд одлучи да не се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на град Кичево бр.07-1794/17, за населба “Бала Маало” општина Кичево, донесена на седница на Советот на општината Кичево одржана на 27 декември 2001 година и објавена во “Службен гласник на општина Кичево” бр.9/2001. При одлучувањето по тој предмет Судот ја оценувал уставноста и законитоста на оспорената Одлука и од аспект на постапката за нејзино донесување согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и утврдил дека истата била спроведена согласно со закон.
4. Врз основа на наводите изнесени во иницијативата на Стојан Калчиноски од Кичево, Судот утврди дека наведената Одлука за донесување на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на град Кичево за населба “Бала Маало”, која веќе била предмет на уставносудска оценка, во случајов се оспорува не поради конкретни повреди во постапката за донесување на планот, туку поради незадоволството на подносителот на иницијативата што воопшто се пристапило кон измени и дополнувања на планот за конкретното подрачје спротивно на интересите на граѓаните и тоа не било во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање и со Уставот. Меѓутоа, во однос на овие наводи во иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува целисходноста на донесувањето на измените и дополнувањата на планот, ниту да оценува дали конкретни решенија во планот ги изразуваат интересите на граѓаните, а во тие рамки и имотните интереси на подносителот на иницијативата кои, како што се наведува во иницијативата, не биле исполнети со предвидените содржини во планот.
Согласно членот 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, како и во случај ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
5. Со оглед на тоа што оспорената Одлука била предмет на одлучување пред овој Суд, а Судот оцени дека не е надлежен да ја испитува уставноста и законитоста на оспорената Одлука од аспект на изнесените наводи во оваа иницијатива, согласно членот 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.76/2003
12 и 13 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова