95/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 и 13 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 34 точка 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за издавање документ касова сметка за сторна трансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем на управување (“Службен весник на Република Македонија” бр.57/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 34 точка 4 од правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Правилникот не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 96 од Уставот, член 106 став 5 од Кривичниот законик и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, затоа што на домашните правни лица баратели на дозвола за производство на фискална апаратура и интегриран систем на управување што се јавиле на јавниот повик на Министерството за финансии кон барањето, покрај доказите за исполнување на условите од член 16 од Законот за регистрање на готовинските плаќања требало да достават и доказ де ка не им е изречена мерка на безбедност – забрана за вршење на дејност што било спротивно на законот. Понатаму во иницијативата се наведува дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Од друга страна, пак, согласно член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната власт со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и правни лица да се утврдуваат права и обврски ниту да се пропишува надлежност на други органи.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 10 став 2 и член 19 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/2001) министерот за финансии донел Правилник за издвање на документ касова сметка за сторна трансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрирани автоматски системи за управување.

Со овој Правилник (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2001) се пропишува издавањето на документ касова сметка за сторна трансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираните автоматски системи за управување, постапката и документацијата за нивно одобрување, елементите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правилата за техничко одржување и сервисирање на истите.

Во член 2 од Правилникот е дефинирано што се подразбира под одреден термин (фискален апарат, фискален модул, фискална мемеорија, уред за печатење, функционална тастатура, фискална сметка и друго).

Понатаму, во дел ИИ од Правилникот е предвидено за што се користат фискалните апарати, групи на фискални апарати, системски делови на фискалните апарати, фискален модул, фискална меморија, фискален екран и друго и други апарати кои се користат за евидентирање и обработка на нумеричките податоци.

Во дел ИИИ од Правилникот се предвидени елементи на фискалната сметка (што всушност содржи фискалната сметка) фискалното лого (“Да купуваме македонски производи”, “За наше добро”) сторна сметка, дневен финален извештај и друго.

Во дел ИВ од Правилникот е уредена постапката за одобрување на тип и модел на фискален апарат, во која постапка влегува приложување на банкарска гаран ција, барање за добивање одобрување на типот и моделот на фискалниот апарат односно интегриран автоматски систем на управување, испитување на пробен тип и модел, софтвер на фискалниот апарат, стандарди што треба да ги исполнува фискалната опрема.

Во дел В од Правилникот е предвидено техничкото одржување и сервисирање што опфаќа сервисирање, евиденција, пломбирање на фискалниот апарат, фискална и сервисна пломба, евиденција на технологијата кои се квалификува за сервисирање и одржување на фискалниот апарат, итна сметководствена книга и друго.

Понатаму, Судот утврди дека со оспорениот правилник се извршени измени и дополнување на Правилникот за издавање на документ касова за сторена трансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фиксалните апарати и интегрирани автоматски системи на начин што насловот на Глава ИВ и членот 34 се менуваат и гласат: ИВ. “Постапка за издавање на дозвола и одобрување на тип и модел на фискален апарат”. Во членот 34 е предвидено дека: домашните правни лица, баратели на дозвола за производство на фискална апаратура и интегриран автоматски систем на управување што се јавиле на јавниот повик на Министерството за финансии, кои барале покрај доказите за исполнување на условите од член 16 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања треба да достават и:

1. извод од судска регистрација на дејноста;
2. документ за бонитет на барателот издаден од носителот на платниот промет, односно Централниот регистар;
3. доказ дека не се во стечај или ликвидација;
4. доказ дека не им е изречена мерка на безбедност – забрана за вршење на дејноста ; и
5. други докази по барање на Министерството за финансии.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 51 од Уставот е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, во надлежност на Собранието на Република Македонија е определено донесувањето на закони и автентичното толкување на законите.

Владата на Република Македонија, согласно член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, помеѓу другото е надлежна за утврдување на политиката за извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Во член 96 од Уставот е определено дека, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 51 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување.

Во член 15 став 1од Законот за регистрирање на готовинските плаќања (” Службен весник на Република Македонија” бр.31/2001) е предвидено дека за соодветен модел на фискална опаратура, односно за интегриран автоматски систем на управување се издава дозвола за негово одобрување, на начин и постапка пропишани од министерот за финансии.

Во член 16 од наведениот закон, пак, е предвидено дека производителот на соодветен модел на фискална апаратура односно на интегриран автоматски систем на управување е должен да обезбеди:

банкарска гаранција во висина од 500.000 американски долари,
редовно резервни делови, техничка помош и сервисирање,
три сервисни центри во Република Македонија,
најмалку едно одржување во годината како превентивно одржување,
поправка или замена на фискална апаратура во текот на 36 часа од барањето за интервенција од корисникот на апаратурата и еден техничар но не повеќе од 300 фискални апарати во сервисната област.

Според член 19 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања министерот за финансии ги пропишува функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрирани автоматски системи на управување, постапката и документацијата за нивно одобрување, елементи на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалниот апарат и правилникот за техничко одржување и сервисирање на истите.
Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, а посебно одредбите од член 15, 16 и 19 од Законот за регистрирање на готовинското плаќање, како и содржината на оспорениот правилник, Судот смета дека министерот за финансии во функција на операционализација на законските норми, со оспорениот правилник ги пропишал функционалните и техничките критериуми што треба да ги има фискалната опрема и интегрираниот систем на управување, како и постапката, а во тие рамки и документацијата, односно доказите што треба да ги приложи барателот на дозвола за производство на фискална апаратура и интегриран автоматски систем на управување при што тој не ги надминал законските овластувања. Исто така Судот оцени дека со оспорените одредби не се воведуваат нови односи ниту права и обврски за правните субјекти, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со наведените уставни и законски одредби.

6. Во член 24 од Законот за прекршоци е предвидено дека на правното лице може да му се изрече мерка на безбедност забрана на вршење на определена дејност.

Според член 26 од наведениот Закон, во пресудата со која на правното лице му е изречена мерка на безбедност се наведува дејноста чие вршење му се забранува на правното лице како и траењето на мерката на безбедност кое не може да биде пократко од шест месеци ниту подолго од пет години.

Според член 2 од наведениот Закон, на прекршочната одговорност, изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции се применуваат одредбите од општиот дел од Кривичниот законик доколку со овој закон поинаку не е определено.
Во член 33 од Законот за прекршоци е предвидено дека за изречена мерка на безбедност што се состои во забрана се води казнена евиденција кај првостепениот суд според седиштето на правното лице, а податоци од казнената евиденција дава судот на други државни органи, правни и физички лица ако се уште траат мерките.
Врз основа на изнесените одредби од Законот за прекршоци, Судот смета дека барањето податоци од казнената евиденција за тоа дали спрема одредено правно лице е изречена мерка на безбедност е во непосредна врска со правната способност на правното лице да врши определена дејност за која е регистрирано како елементарен услов за вршење на конкретната дејност за која е објавен јавниот повик, а не во функција на докажување на неосудуваност на правното лице.
Врз основа на изнесеното, Судот смета дека целта на изрекувањето на мерката на безбедност забрана на вршење дејност на правни лица е да се отстранат поводите и состојбите за незаконито однесување, односно да се спречи вршењето на дејноста да се искористува спротивно на прописите во правниот поредок. Од тука судот смета дека поаѓајќи од посебноста на законската регулатива која се однесува на изрекувањето на мерката на безбедност на правното лице забрана на вршење дејност, барањето доказ од правното лице кое учествува на јавниот повик дека не му е изречена мерка на безбедност е во функција на правната сигурност на субјектите на пазарот, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на член 34 точка 4 од Правилникот со наведените законски одредби и одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.95/2003
12 и 13 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова