41/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на
а) Одлуката бр.09-2764/1-26 за утврдување на критериуми за стопанисување со шумите на кои постои право на сопственост, донесена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на 12 септември 1991 година и
б) Ценовникот за ознака и други услуги за шумите, меѓите и осамени дрва во приватна сопственост, донесен од Јавното претпријатие “Македонски шуми” Скопје.
2. Илија Димитриевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на постапката и овластувањето на правните лица – Јавното претпријатие за стопанисување со шумите и неговата подрачна единица Велес и испоставата во с. Богомила за сеча на градежни и огревни дрва од шуми и земјоделско земјиште надвор од шума во приватна сопственост. Притоа подносителот на иницијативата поставува прашања дали е исправна и на закон заснована наплатата на шумски такси за одбележување, одобрување на сеча и пренос на дрва од шума во приватна сопственост.
На барање на Судот за прецизирање на актот што се оспорува, подносителот на иницијативата достави до Судот појаснување. Во него се вели дека тој се обратил до ЈП “Македонски шуми” со барање за објаснување врз основа на кои акти се врши наплата за ознака и одобрение како и за ограничување на сеча на дрва од шуми и од површини кои не се сметаат за шуми. Јавното претпријатие усно му одговорило дека стопанисувањето со шумите се врши во рамките на Законот за шумите и други акти и поради тоа подносителот на иницијативата не е во можност да ги идентификува овие акти.
Јавното претпријатие “Македонски шуми” достави Одлука за утврдување на критериуми за стопанисување со шумите на кои постои право на сопственост бр.09-2764/1-26 од 12 септември 1991 година, донесена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Ценовник за ознака и други услуги за шумите, меѓите и осамени дрва во приватна сопственост, донесен од ЈП ” Македонски шуми”.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија од 1991 година е утврдено дека стопанисувањето со шумите на кои постои право на сопственост се врши врз основа на критериумите за извршување на сечите и работите на одржување и унапредување на шумите, утврдени со оваа одлука.
Со одлуката се дава опис и се утврдуваат мерки кои треба да се преземат кај соодветниот вид насади (високостеблести зрели склопени и разредени насади, високостеблести незрели насади, обновени насади, едновозрасни и вештачки подигнати насади, нискостеблести лоши шуми итн.).
Со одлуката се утврдува период од 10 години во кој се определува обемот на сеча во катастарска парцела под шума.
Според одлуката, ознака, жигосување и издавање на испратница за исеченото дрво врши стручно лице од овластеното претпријатие, при што приемот на исеченото дрво, жигосувањето и издавањето на испратница се врши по претходно воведен шумски ред.
Со оспорениот Ценовник за ознака и други услуги за шумите, меѓите и осамени дрва во приватна сопственост, донесен од ЈП “Македонски шуми” – Скопје, се утврдува висината на цените за извршени услуги по одделни стапки и тоа: за дневници и за материјални трошоци, при што е утврдена висината на цената на услугата за 1м2 (во оваа цена е вкалкулиран и законски утврдениот износ за проста репродукција на шумите).
4. Судот на седницата исто така утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.169/99 од 28 јуни 2000 година, ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за утврдување на критериуми за стопанисување со шумите на кои постои право на сопственост, бр.09-2764/1, донесена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија на 12 септември 1991 година.
Во образложението на ова решение, Судот утврди:
“Согласно член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Во членот 2 од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97), е утврдено дека шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Согласно членот 33 од Законот, ознака за сеча во државна и приватна шума врши јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена. Според ставот 2 од истиот член,за вршење ознака за сеча во приватна шума, средства обезбедува сопственикот на шумата.
Со членот 38 од Законот е утврдено дека одобрение за сеча во шума во приватна сопственост издава јавното претпријатие. Со ставот 5 од истиот член е утврдено дека со одобрението за сеча се утврдуваат дрвната маса за сеча и мерките за обновување, одгледување и заштита на шумите, како и рокот за нивно извршување, при што средствата за овие мерки ги обезбедува сопственикот на шумата (став 6).
Согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за јавните претпријатија (” Службен весник на Република Македонија” бр.38/96), основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците.
Во конкретниот случај, Владата на Република Македонија со Одлука бр.23-1755/4 од 06 јули 1998 година дала согласност на оспорениот Ценовник.
Со оглед на фактот што со оспорениот Ценовник не се уредуваат односи на општ начин, туку се утврдуваат цени за одделни услуги што ги врши ЈП ” Македонски шуми” – Скопје, според мислењето на Судот истиот не претставува пропис за кој Судот е надлежен да одлучува.
Што се однесува до оспорената одлука за утврдување на критериумите за стопанисување со шумите на кои постои право на сопственост, од анализата на нејзината содржина може да се заклучи дека истата ги утврдува критериумите за стопанисување со шумите во приватна сопственост.
Согласно член 5 од Законот за шумите, одгледувањето, користењето и заштитата на шумите (стопанисување со шумите) е дејност од јавен интерес.
Според членот 6 од Законот за шумите, со шумите се стопанисува со цел трајно да се сочува нивната површина и да се зголеми нивната вредност, да се обезбеди најголем прираст според природните услови и да се сочуваат и подобруваат нивните производни и општокорисни функции.
Согласно член 17 став 2 од Законот, со шумите во приватна сопственост стопанисуваат сопствениците.
Според член 20, за стопанисување со шумите во државна и приватна сопственост, без оглед на намената, Собранието на Република Македонија донесува општ план за стопанисување врз основа на кој се носат посебни планови со кои се опфаќаат и шумите во приватна сопственост (член 22 став 1, 2 и 5).
Оттука, произлегува дека согласно законските одредби, стопанисувањето со шумите, без оглед на намената и сопственичкиот режим, како добро од општ интерес, се врши врз основа на општиот, односно посебните планови.
Сепак, правниот основ за постоењето на оспорената одлука претставува членот 85 од Законот (поместен во главата преодни и завршни одредби) според кој до донесувањето на посебните планови за стопанисување со шуми, со приватните шуми ќе се стопанисува според постојните критериуми.
И покрај горенаведеното, од содржината на оспорената одлука произлегува дека не постојат процесни претпоставки Судот да ја оценува нејзината законитост, како акт кој не уредува права и обврски на субјектите во правниот промет, туку утврдува технички стандарди и критериуми при стопанисувањето со шумите во приватна сопственост”.
5. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Судот еднаш веќе одлучувал и ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на оспорените акти, од причините содржани во точката 4 од ова решение, а предметната иницијатива не содржи елементи кои би биле основа за поинакво одлучување, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.41/2003
5 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова