У.бр.145/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 1 и алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 окотмври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 25 точка 4; член 33 став 6; член 79 став 2; член 123 точка 7; член 124; член 130 став 1 точка 1 под ѓ) точка 2 под д) и точка 3 под ѓ); член 135 став 2 во делот: “војнички притвор”; поднасловот ѓ) – Заштитни мерки; член 141 и 143; член 230 став 1 точка 4; член 255 во делот: “и немаат право да бидат унапредени во повисок чин; член 257 став 1 во делот: “и се поставува на формациско место за кое е предвиден чин капетан”; член 258 став 1 во делот “по истекот на две години од влегувањето во сила на овој закон” и став 2; член 263 во делот: “а одредбите од глава II – Посебни права и обврски на воените лица – поднаслов 10-Здравствена заштита” и глава XI – “Систем на плати и надоместоци на плати” и глава XII – Станбено обезбедување во делот: “ќе се применуваат од 1 април 2003 година од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002 и 25/2003).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 16 во делот “најмногу еднаш во текот на годината”, член 64 и член 225 став 1 точка 5 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите означени во точките 1 и 2 од ова решение од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

а) Според наводите во иницијативата во однос на член 25 точка 4 и член 230 став 1 точка 4 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека изречената мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност, предвидена во овие членови од Законот, не можела да биде пречка за засновање на работен однос, затоа што, оваа мерка претставувала правна последица од осуда.

Според подносителот на иницијативата поблиските прописи за спроведување на постапката за прием во Армијата на Република Македонија не може да ги донесува министерот за одбрана, како што е предвидено во член 33 став 6 од Законот, туку Собранието на Република Македонија.

Членовите 123 точка 7, 124, 130 став 1 точка 1 под г, 130 став 1 точка 2 под д и член 130 став 1 точка 3 под ѓ се оспоруваат затоа што војничката изолација, како облик на ограничување на слободата, не може да се изрекува од стана на воени старешни, туку само од страна на суд во согласност со член 12 од Уставот. Оттука, посебно членот 124 став 4 од Законот не бил во согласност со Уставот затоа што предвидувал начинот на извршувањето на дисциплинската мерка изолација да го пропишува министерот за одбрана, а не Собранието на Република Македонија.

Членовите 141 и 142 од Законот се оспоруваат затоа што предвидувале едновремено изрекување и на дисциплинска мерка и на заштитна мерка што спаѓало во надлежност на редовните судови.

Членот 258 став 2 од Законот се оспорува затоа што правел рапидна разлика меѓу луѓето без образложение во што се состои таа разлика.

Предвидувањето забрана за лицата кои немале високо образование да го задржат стекнатиот чин и да немаат право да бидат унапредени во повисок чин, пропишана со член 255 од Законот била крајно ригорозна и како таква несогласна со Уставот, а воедно била несогласна и со Законот за државните службеници.

Членот 263 од Законот, кој спаѓа во главата на Преодните и завршните одредби, се оспорува затоа што предвидувал законот да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето (7 август 2002 година), а одделни глави, кои регулираат прашања во врска со посебните права и обврски на воените лица; здравствената заштита, системот на плати и надоместоци на плати и станбено обезбедување, да се применуваат од 1 јануари 2003 година.

б) Исто така, според наводите во иницијативата, содржината на членот 16 од Законот била несогласна со Законот за службата во Армијата на Република Македонија, Законот за одбрана и Законот за државните службеници што, се вкупно, било несогласно со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 38, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија.

Членот 64 од Законот се оспорува затоа што ставот 1, кој го регулирал прашањето за унапредување на воените лица и престанувањето на нивниот работен однос, не се однесувал на офицерите во чин мајор и за подофицерите во чин заставник.

Членот 255 став 1 точка 5 се оспорува затоа што предвидувал доколку за три последователни постапки, офицерот и подофицерот не добијат унапредување, да им престане работниот однос, што било во несогласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1 и 2 и член 51 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 25 точка 4 од Законот, како офицер, подофицер или професионален војник на служба во Армијата може да биде примено лице на кое, меѓу другото, не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност.

Согласно член 33 став 6 поблиски прописи за спроведување на постапката за прием на лицата офицери, подофицери и професионални војници во Армијата, донесува министерот за одбрана.

Според член 79 став 1 од Законот, воен старешина кој ќе ја загуби посебната здравствена и физичка способност потребна за вршење на служба во Армијата, доколку има општа здравствена способност за работа, може да биде поставен на работно место за цивилно лице кое одговара на неговата стручна подготовка.

Согласно оспорениот член 79 став 2 во случај од став 1 на овој член воениот старешина го губи статусот воено лице.

Во членот 123 точка 7 од Законот е предвидено дека за повреда на воената дисциплина на војник за време на служење на воениот рок, може да му се изрече дисциплинска мерка – војничка изолација до 30 дена. Членот 124 од Законот предвидува дисциплинската мерка војничка изолација да се извршува во посебни простории во касарната.

За време на извршувањето на мерката војничка изолација лицето учествува во обуката и наставата во неговата воена единица, односно установа.

Времето поминато во војничка изолација подолго од десет дена не се засметува во служење на воениот рок.

Согласно членот 124 став 4 од Законот, начинот на извршување на дисциплинската мерка војничка изолација го пропишува министерот за одбрана.

Членот 130 став 1 точка 1 под г предвидува командир на чета и нему рамен или повисок воен старешина да изрекува дисциплинска мерка – војничка изолација до седум дена. Согласно членот 130 точка 2 под д команданат на батаљон и нему рамен или повисок воен старешина изрекува дисциплинска мерка – војничка изолација до 15 дена. Согласно членот 130 точка 3 под ѓ команданат на бригада и нему рамен или повисок воен старешина изрекува дисциплинска мерка – војничка изолација до 30 дена.

Според членот 135 став 2 дисциплинските мерки на војниците на отслужување на воен рок, питомците на Воената академија и лицата на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери (освен дисциплинските мерки одземање чин, војничка изолација и отстранување од Воената академија), односно на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери не се изрекуваат со решение, туку се соопштуваат јавно и се запишуваат во книгата за дневен извештај на единицата. Судот констатира дека во време на поднесување на иницијативата, наместо терминот “војничка изолација” во овој член фигурирал терминот “војнички притовор”, кој е изменет со Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.98/2002).

Членот 141 од Законот предвидува дека на професионален војник и воен старешина (пилот, воздухопловно-технички персонал, падобранец, нуркач, возач на воено моторно возило и друго лице кое работи на должности опасни по живот и здравје или на кои им се загрозува животот и здравјето на други лица или имот од поголема вредност) кој ќе ги повреди правилата на службата што ја врши и на тој начин ќе ги загрози животот и здравјето на луѓето или имотот, освен дисциплинска мерка може да му се изрече и една од следниве заштитни мерки: 1) забрана на самостојно вршење определена должност во траење до шест месеци и 2) забрана за вршење определена должност во траење до две години. Согласно членот 142 од Законот за времетраењето на заштитната мерка забрана за самостојно вршење определена должност лицето може да ја врши должноста на која е поставено само под непосредна контрола на надлежен воен старешина.

За времетраење на заштитната мерка забрана за вршење определена должност во траење од две години, лицето врши работи кои ќе му ги определи претпоставениот воен старешина, а кои не се вршат под условите од член 141 став 1 на овој закон.

На лицето на кое му е изречена заштитна мерка од член 141 точка 2 на овој закон, му припаѓаат правата од должноста која фактички ја врши. Член 143 од Законот предвидува заштитните мерки од член 141 на овој закон да ги изрекува началникот на Генералштабот на Армијата.

Во постапката за изрекување на заштитните мерки од став 1 на овој член се применуваат одредбите од членовите 133 до 137 на овој закон во однос на постапката за утврдување дисциплинска одговорност на професионалните војници и воените старешини.

Согласно член 230 став 1 точка 4 од Законот, работен однос во министерството за одбрана како цивилно лице во служба на Армијата може да заснова лице доколку не му е изречена мерка безбедност забрана на вршење професија дејност или должност.

Според член 255 од Законот офицерите со чин капетан, мајор, потполковник и полковник кои на денот на влегување во сила на овој закон немаат високо образование го задржуваат стекнатиот чин до стекнувањето на услови за пензионирање (доколку не завршат високо образование) и немаат право да бидат унапредени во повисок чин.

Член 257 од Законот, предвидува дека по исклучок од член 256 на овој закон, офицер со чин капетан И класа кој нема високо образование, го задржува стекнатиот чин до стекнување на условите за престанок на работниот однос во согласност со овој закон и се поставува на формациско место за кое е предвиден чин капетан. Согласно член 258 став 1 од Законот офицерите и подофицерите кои на денот на влегување во сила на овој закон имаат чин капетан, односно чин водник, без оглед на времето поминато во чинот, стекнуваат право за унапредување во чин мајор, односно постар водник според одредбите на овој закон, по истекот на две години од влегувањето во сила на овој закон.

Согласно став 2 на овој член времето од две години по влегување во сила на овој закон не се смета како време поминато во чин капетан, односно водник.

На крај, членот 263 од Законот предвидува дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а одредбите од “Глава II – Посебни права и обврски на воените лица – поднаслов 10 Здравствена заштита” и “Глава XI – Систем на плати и надоместоци на плати” и “Глава XII – Станбено обезбедување” ќе се применуваат од 1 април 2003 година.

5. Согласно член 13 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Во членот 14 став 1 од Уставот е предвидено никој да не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во тој контекст, членот 32 став 5 од Уставот предвидува остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективен договор.

Имајќи ги предвид овие уставни одредби во контекст на оспорените одредби од членовите 25 точка 4 и 230 од Законот кои предвидуваат лицето да не може да биде примено во Армијата, односно да не може да заснова работен однос во Министерството за одбрана доколку, меѓу другите услови, не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност, Судот оцени дека наводите во иницијативата, според кои мерката на безбедност претставува правна, последица од осуда, не стојат.

Ова од причина што независно од тоа што мерката на безбедност мора да биде предвидена во законот (како што е со другите видови казни), таа се изрекува со цел да се заштити општеството од криминалитетот и да се спречи сторителот на кривичното дело да го повтори криминалното однесување.

Мерките за безбедност не претставуваат правна последица од осуда, туку посебни индивидуализирани мерки, а пречката постои додека трае мерката за безбедност.

Од тие причини Судот оцени дека со предвидувањето на овие безбедносни мерки како услов за стапување во Армијата, односно за засновање на работен однос во Министерството за одбрана, не се повредуваат членовите 13, 14 и 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.

6. Согласно член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Во членот 96 од Уставот, меѓу другото, е предвидено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со овластувањето на министерот за одбрана да донесува поблиски прописи за спроведување на постапката за прием на лицата во Армијата на Република Македонија, законодавецот се движел во рамките на неговите овластувања, особено ако се имаат предвид членовите 24 – 31 од Законот во кои детално се утврдени условите и постапката за прием на служба во Армијата на Република Македонија.

Со актот за спроведувањето на постапката за прием на лицата в о Армијата на Република Македонија министерот, всушност, уредува прашања од процедурална природа и според Судот, тие поблиски прописи за спроведување на постапката за прием на лица во Армијата на Република Македонија се акти што ги носи во функција на операционализација на законот.

Од тие причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на членот 33 став 6 од Законот.

7. Во врска со прашањето дали со поставувањето на воениот старешина на работно место за цивилно лице кое одговара на неговата стручна подготовка и општа здравствена способност, затоа што ја загубил посебната здравствена способност потребна за вршење на служба во АРМ, се повредува начелото на еднаквост, Судот смета дека ова начело не се повредува поради следното:

Како што зборува и самиот став 1 на член 79 од Законот, воениот старешина треба да поседува посебна здравствена и физичка способност за извршување на работите и работните задачи во Армијата, која се утврдува во посебна постапка предвидена со Закон. Во ситуација кога ќе се констатира дека военото лице ја загубило ваквата посебна здравствена способност, а поседува само општа здравствена способност за работа, раководен од начелото на солидарност и рационалност, законодавецот таквото лице го поставува на работно место за цивилно лице кое одговара на неговата стручна подготовка. Оттука, оспорениот член 79 став 2 се јавува како заштитна одред ба која на ваквото лице му дава можност неговите променети психофизички способности да ги користи на она ниво на кое што се, односно го распоредува како цивилно лице со што, воедно му престанува статусот на воено лице.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека лицата од член 79 став 1 и 2 се ставени во нееднаква положба со лицата од ставовите 3 и 4 од овој член од Законот, Судот ги оценува за неосновани поради следното:

Ставот 1 на член 79 зборува за можноста воениот старешина кој ќе ја загуби посебната здравствена способност потребна за вршење на служба во Армијата, а има општа здравствена способност, да биде поставен на работно место за цивилно лице кое одговара на неговата општа здравствена способност и стручна подготовка при што, според став 2 на овој член го губи статусот на воено лице.

Ставот 3 на овој член зборува за сосема друга ситуација кога воениот старешина ќе ја загуби посебната здравствена и физичка способност во вршење на службата во Армијата.

Во овој случај законодавецот поаѓа од фактот дека посебната здравствена способност воениот старешина ја загубил не по своја вина, ниту сама од себе, туку во вршење на службата во Армијата, поради што пропишува повисок степен на заштита на неговиот статус овозможувајќи да биде поставен на формациско место според неговиот чин или на непосредно понизок чин во согласност со неговата здравствена и физичка способност.

Откако оваа можност се исцрпува, законодавецот во ставот 4 на овој член предвидува нова можност во смисла воениот старешина да се постави на работно место за цивилно лице при што го задржува чинот и платата која ја имал пред загубувањето на посебната здравствена способност во вршењето на служба во Армијата.

Врз основа на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на овој член од Законот со член 9 од Уставот на Република Македонија.

8. Во поглед на прашањето дали дисциплинската мерка-.војничка изолација е еквивалентна на ограничување на слободата од член 12 од Уставот, Судот смета дека се работи за различен контекст на односи во кој критериумите за постоење на ограничување на слободата се построги од оние што вообичаено важат во цивилната сфера.

Во тој контекст, имајќи ја предвид и Европската конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, Судот смета дека член 12 од Уставот во принцип, важи не само за граѓанските лица, туку и за членовите на вооружените сили, и дека неговата цел е да се обезбеди никому да не може да му биде одземена слободата на произволен начин.

Притоа, за да се утврди дали некој е лишен од неговата слобода, појдовна точка треба да биде неговата конкретна ситуација, а воената служба, сама по себе, не претставува лишување од слобода.

Во Конвенцијата се имаат предвид широките ограничувања врз слободата на движењето на членовите на вооружените сили што произлегува од специфичните потреби на воената служба, а секоја држава е надлежна да организира свој сопствен систем на воена дисциплина. Така, дисциплинската казна или мерка која би се сметала за лишување од слобода кога би била применета врз граѓанско лице, може да нема карактеристика каква што би имала кога би се применувала кон воено лице.

Во конкретниов случај, војникот кому му е изречена дисциплинска мерка војничка изолација, според член 124 став 2 во текот на работниот ден, ги врши сите дејствија што се во рамки на неговите редовни задолженија под посебен надзор, а неговото физичко одвојување од останатите војници доаѓа на крајот на денот по завршувањето на сите дневни обврски. Оттука, Судот смета дека мерката војничка изолација не претставува радикална промена на секојдневниот војнички режим односно не доведува до затворање на војникот и негово физичко спречување да ги извршува секојдневните активности заедно со другите војници, туку претставува мерка на засилена дисциплина како реакција на нејзини повреди од страна на војниците. Со оглед на оваа околност, Судот оценува дека мерката војничка изолација не може да се квалификува како лишување од слобода во смисла на член 12 од Уставот, поради што и оспорените одредби од член 130 во поглед на надлежноста на старешините за нејзино изрекување остануваат во рамките на дисциплинскиот контекст во кој судската одлука не е нужна.

Од тие причини Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 123 точка 7, 124, 130 став 1 точка 1 под г, 130 став 1 точка 2 под д и член 130 став 1 точка 3 под ѓ со член 12 од Уставот на Република Македонија.

9. Според член 32 од Уставот секој има право на работа и достапност на секое работно место под еднакви услови.

Од содржината на оспорените членови 141 и 143 од Законот, се гледа дека станува збор за професионални војници и воени старешини (пилот, воздухопловен персонал, падобранец, нуркач, возач на воено моторно возило и друго лице кое работи на должности опасни по живот и здравјето на други лица или имот од поголема вредност) кои вршат високо ризични и стручни професии во Армијата на Република Македонија, а се и дефицитарни.

Од тие причини, законодавецот предвидува на лице кое ја прекршило дисциплината и со тоа го загрозило здравјето и животот на други лица или имот покрај дисциплинска да му се изрече и заштитна мерка забрана на вршење на должноста во определен временски интервал, чија цел е несомнено заштита на животот и здравјето на други лица или имот од поголема вредност.

Со оглед на тоа дека овој вид специјализирани кадри бројно се ограничени, доаѓаат ситуации кога нивното дејствување е неопходно. Во тој случај законодавецот предвидува можност, лицето кому му е изречена забрана за самостојно вршење на таа должност, да се задолжи истата да ја извршува но, под надзор – контрола на надлежниот воен старешина. На тој начин, едновремено се запазува дејството на изречената дисциплинска мерка и се овозможува неопходното делување во дадениот момент.

Во потешки ситуации, пак, забраната е целосна во траење од 2 години.

Судот смета дека означените заштитни мерки ниту имаат за цел, ниту претставуваат ограничување на правото на работа, туку се насочени кон заштита на животот и здравјето на други лица и имот од поголема вредност кои можат да бидат загрозени со утврдено недисициплинирано извршување од страна на означените лица. Оттука, Судот оценува дека овие мерки се пропорционални на, од една страна, однесувањето на овие лица во вршење на службата и, од друга, на целите што тие треба да ги постигнат, без загрозување на работниот однос на тие лица.

Наводите во иницијативата дека вакви мерки во нашиот правен систем постојат во сферата на казненото законодавство и се изрекуваат со пресуда за кривично дело, па затоа не може да се предвидуваат како дисциплински санкции, Судот не може да ги прифати затоа што фактот што една санкција постои во казненото законодавство во принцип не исклучува таква санкција да постои и во дисциплинската сфера, доколку е пропорционална на тежината на дисциплинските повреди, како што на пример, парична казна се изрекува и како кривично-правна санкција, но и како дисциплинска санкција. Природата на оспорените заштитни мерки, како што веќе е наведено, според мислењето на

Судот е соодветна на барањата за дисциплинирано извршување на воените должности.

Од тие причини Судот смета дека овие одредби имаат своја функција и дека истите не треба да се поистоветуваат со изрекувањето на безбедносни мерки за извршено кривично дело.

10. Одредбите од членовите 255, 257, 258 став 1 и 263 од Законот, кои спаѓаат во Преодните и завршните одредби, според мислењето на Судот, се во согласност со Уставот.

Така, во членот 255 од Законот, според кој офицерите со чин капетан, мајор, потполковник и полковник, за кои е потребна висока стручна подготовка, а истата не ја поседуваат, законодавецот им дава: 1. можност да останат во работен однос, 2. можност да го оформат потребното образование и 3. да го задржат стекнатиот чин, независно од тоа што нема да го оформат образованието.

Со евентуалното давање на можноста за унапредување на овие воени лица, а без исполнување на законските услови како што бара подносителот на иницијативата, би можело да стане збор за повреда на начелото на еднаквост, а самата одредба би ја изгубила функцијата, затоа што има преоден карактер и содржи решенија за затекнати состојби.
Во однос на наводите во иницијативата со кои се оспорува членот 257 од Законот, во кој контекст подносителот на иницијативата се повикува на Женевската конвенција за постапување со воените заробеници и според која на истите не им се одземале стекнатите чинови, па смета дека ни со овој член од Законот не смее да се дозволи одземање на чин, Судот констатира дека овој член не пропишува одземање на чин, туку распоредување на капетан И класа на формациско место капетан, затоа што според овој Закон за служба во АРМ не постои повеќе чин капетан И класа.

Во однос на членот 258 став 1 од Законот кој се оспорува само затоа што предвидува можност за унапредување во определени чинови после протек на определен временски период од неговото влегување во сила, Судот смета дека ваквото преодно решение нема импликации врз уставноста, туку е во границите на овлстувањето на законодавецот да го уреди преминот од старата кон новата структура на чиновите во Армијата.

Имено, до влегувањето во сила на Законот за служба во Армијата на Република Македонија (2002 година) постоело правило според кое военото лице морало да помине 4 години во еден чин, па потоа, доколку со успех ги врши работите, да помине во повисок чин.

Оваа одредба од членот 258 според Судот е, еден вид, преоден механизам кој, по влегувањето во сила на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, дава можност Законот да заживее и да почне неговата примена.

Така, Законот предвидува офицерите и подофицерите кои на денот на неговото влегување во сила имаат чин капетан, односно чин водник, да стекнат право за унапредување според одредбите на овој закон, по истекот на две години од неговото влегување во сила, при што времето од две години по влегување во сила на овој закон не се смета како време поминато во чин капетан.

Со други зборови, тоа значи дека воените лица не може да очекуваат дека имаат еден вид стекнато право кое би подразбирало унапредувањето во повисок чин да се изврши веднаш.

Тоа е проценка на фактичката ситуација во Армијата од што резултираат и предвидените решенија.

На прашањето, дали преодните и завршните одредби од Законот, конкретно член 263, можат да предвидуваат еден дел од Законот да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” (7 август 2002 година), а за другиот дел да се предвидува одложно дејство (1 април 2003 година), Судот оцени дека одложената примена на одделни одредби од Законот по негово влегување во сила не е во несогласност со член 52 од Уставот.

11. Судот, на седницата, исто така утврди дека согласно член 16 од Законот правото на штрајк, во согласност со закон, военото лице може да го оствари најмногу еднаш во текот на годината.

Според подносителот на иницијативата овој член бил несогласен со Законот за одбрна и Законот за државните службеници.

Со оглед на тоа дека оценката за меѓусебната согласност на законите излегува надвор од доменот на надлежноста на Судот, иницијативата за оценување уставноста на овој член од законот, Судот ја отфрли.

12. Понатаму, Судот утврди дека согласно членот 64 од Законот доколку за три последователни постапки за унапредување во повисок чин, офицерот и подофицерот не биде унапреден во непосредно повисок чин, му престанува работниот однос.

Одредбата од став 1 на овој член не се однесува за офицери во чин мајор и повисок чин и за подофицери во чин заставник.

Судот утврди дека членот 225 став 1 точка 5 од Законот, исто така, предвидува на професионален војник и на воен старешина да му престане работниот однос во Министерството за одбрана ако за три последователни постапки за унапредување во повисок чин професионален војник, подофицер, заклучно со чин постар водник И класа и офицер заклучно со чин капетан не биде унапреден во непосредно повисок чин, со денот на доставување на конечно решение за престанок на работниот однос.

Согласно член 18 и член 45 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/03) оспорените одредби од членовите 64 и 225 став 1 точка 5 се бришат.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа дека одредбите од членовите 64 и 225 став 1 точка 5 се отстранети од правниот поредок, односно престанале да постојат, Судот оцени дека постојат процесни пречки за оценување на нивната уставност.

13. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

14. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.145/2002
29 октомври 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова