У.бр.153/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Петре Стоилев од Свети Николе за заштита на слободите и правата, утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Петре Стоилев од Свети Николе на Уставниот суд на Република Македо- нија му поднесе барање за непосредна конкретна и индивидуална уставно судска зашти- та на слободи и права – забрана на дискриминација по основ на социјална и друга припадност и поништување на конечни поединечни акти на работодавец.

Во барањето, подносителот наведува дека бара заштита врз основа на членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, членот 51 од Деловникот на Уставниот суд и членот 18 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Како причини за поднесување на барањето се наведуваат: одземање и ограничување на слободите и правата, право на еднаквост пред законот и право на забрана на дискриминација гарантирани во ченот 9 од Уставот и правата од работен однос, слобода на работа и право на работа, како и слободен избор на вработувањето гарантирани во членот 32 од Уставот.

Според наводите од барањето, неговите права и слободи биле повредени со актите на АД за осигурување и реосигурување “Кјуби Македонија” – Скопје, и тоа:

– Решението бр.0402-2320/323 од 26.05.2003 година за прераспоредување на работникот Петре Стоилев од работно место Тим менаџер за продажба во филијалата Свети Николе на работно место Агент во Секторот за продажба;
– Одлуката број 0302-2680/99 од 1.07.2003 година, со која Второстепената комисија за зашита на правата на работниците при Акционерското друштво го одбила приговорот на Петре Стоилев како неоснован, и
– Решението број 0402-2911 од 08.07.2003 година, со кое на Петре Стоилев му престанува работниот однос.

Понатаму во барањето се дава осврт на движењето во службата на подносителот на барањето во периодот од 1.08.1977 година до престанокот на работниот однос кај работодавецот.

Повредата на слободите и правата била направена на начин што не му било удово лено на барањето да биде прераспореден на соодветно работно место во моментот кога настанале структуралните промени кај работодавецот и не му била одобрена исплата на соодветна испратнина при престанокот на работниот однос како технолошки вишок.

По однос на второ и трето донесениот акт се нагласува дека подносителот на барањето не користел судска заштита, пред да побара заштита на слободите и правата пред Уставниот суд.

3. Судот на седницата утврди дека со решение од 11.09. 2001 година на Акционерското Друштво, Петре Стоилев е распореден на работно место “Тим менаџер во филијалата”.

Барање за прераспоредување на работно место правен застапник, од страна на Петре Стоилев е поднесено до работодавецот на 11.05.2003 година, а откако барателот дознал дека работното место “Тим менаџер” се укинува.

Иако било поднесено ваквото барање, работодавецот, со Решение бр.0402-2320/323 од 26.05.2003 година, Петре Стоилев го распоредува на ново работно место ” Аген” во Секторот за продажба, сметано од 1.06.2003 година.

Во приговорот против донесеното решение е наведено дека истото е донесено спротивно на позитивната правна регулатива, а најповеќе од причина што решението за распоредување е донесено без слободно изразување на волјата на работникот. Во истиот приговор се наведува дека постои подготвеност за спогодбен престанок на работниот однос поради прогласување на технолошки вишок, заради идно вработување како адвокат, но се бара исплата на испратнина во висина на 8 месечни плати.

Со Одлука број 0302-2680/99 од 1.07.2003 година, приговорот на Петре Ст оилев е одбиен како неоснован, а решението за прераспоредување на новото работно место е потврдено.

Работодавецот донел решение број 0402-2911 од 8.07. 2003 година за престанок на работниот однос на Петре Стоилев сметано од 10.07.2003 година, поради структурални и реорганизациски промени, во кое решение воедно е определено дека му се обезбедува исплата на еднократен надомест во вид на испратнина во висина на 0 нето плати.

Против вака донесеното решение, Петре Стоилев не поднел приговор, но на 7.08. 2003 година поднел барање за исплата на испратнина и неисплатена плата од дополнителна работа. Во ова барање покрај укажувањето на спротивност на решението за престанок со позитивната правна регулатива се наведува и тоа дека решението во делот на испратнината е апсолутно ништавно и покрај неговата согласност да не му биде исплатена испратнина. Понатаму се наведува дека решението е дискриминаторско бидејќи на поедини вработени лица им била исплатена испратнина.

Инаку, против решението за прераспроредување и решението за престанок на работниот однос, Петре Стоилев не побарал судска заштита, а како што се наведува во барањето, бидејќи според времето на донесување на решенијата судот активно не работел, заради користење на годишните одмори.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македпонија” бр.70/1992), секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за превземеното дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во конретниот случај барањето за заштита на слободите и правата се базира на дискриминација по основ на социјална припадност, направена на начин што при донесувањето на решението за прераспоредување не била почитувана слободно изразената волјата на подносителот на барањето да работи на ново определеното работно место, а при донесувањето на решението за престанок на работниот однос не му била одобр ена исплата на испратнина, како на други вработени лица. Како акти со кои е направена дискриминацијата се наведуваат: решението за прераспоредување на ново работно место, одлуката со која се одбива како неоснован приговорот против ова решение и решението за престанок на работниот однос.

По однос на наводите за направена дискриминација по основ на социјална припадност со означените конкретни акти, Судот оцени дека поднесеното барање по својата суштина не е барање за заштита на слободите и правата, туку конкретно барање Уставниот суд да направи контрола на законитоста на поединечните акти на Акционерското Друштво, а заради неспорно пропуштената судска заштита.

Од друга страна, од сета приложена документација и наводите од барањето не може да се согледа во што се состои и на кој начин е направена дискриминацијата по основ на социјална припадност, па Судот оцени дека во случајов се работи само за начелно повикување на сторена повреда на слободите и правата по овој основ. Впрочем и барањето е насловено како барање за непосредна конкретна и индивидуална уставно судска заштита на слободи и права -забрана на дискриминација по основ на социјална и друга припадност и поништување на конечни поединечни акти на работодавец.

Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да ги заштити слободите и правата во случај кога истите се повредени со поединечни акти или дејство, по основ дискриминација според личните карактеристики и особини на граѓаните, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот и член 51 од Деловникот на Судот. Според содржината на наведените одредби, Уставниот суд не е надлежен да прави контрола на законитоста на поединечните акти, како и да ги штити повредените права од работен однос, што претставува цел на подносителот на барањето, заради пропуштената судска заштита.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.153/2003
15 октомври 2003
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова