У.бр.146/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Ристевски Стефан од Битола за заштита на слободите и правата, а во врска со забраната од дискриминација по основ на социјална припадност, утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот.

2. Ристевски Стефан од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата во врска со забраната од дискриминација по основ на социјална припадност.

Како акти со кои подносителот смета дека е дискриминиран по основ на социјалната сигурност ги наведува:

1. Решението на Основниот суд Битола К.бр.80/03 од 24.02.2003 и
2. Решението на Апелациониот суд Битола КЖ.бр.295/2003 од 26.06.2003 година.

Со горенаведените акти биле повредни член 9 и член 11 од Уставот, како и член 6 од Европската конвенција за заштита начовековите права и основни слободи.

Од наводите од барањето произлегува дека поради тоа што во сметката за електрична енергија биле внесени невистинити податоци (содржина) подносителот на ова барање до Основниот суд Битола на 13.02.2003 година поднел приватна кривична тужба против правното лице и одговорното лице во правното лице – Електростопанство на Македонија – Подружна единица Битола, за кривично дело “клевета” по член 172 од Кривичниот законик.

Во тужбата не бил наведен идентитетот на извршителите, но согласно член 122 од Казнениот законик точно се знаело за кои лица се работело во тој момент.

Но и покрај тоа, подносителот во тужбата барал Основниот суд да спроведе истрага за откривање на сторителите, односно за утврдување на нивниот идентитет. Основниот суд, игнорирајќи го ова посебно негово барање, со поднесок му побарал да ја прецизира тужбата со наведување на имињата на сторителите на ова кривично дело.

Одговарајќи на ова барање подносителот во поднесокот што го упатил до Основниот суд Битола на 22.02.2003 година му предложил на Судот по службена должност од Електро стопанство на Република Македонија да ги побара имињата на сторителите на кривичното дело, а доколку одбие да го стори тоа повторно го истакнал барањето за спроведување на истрага во однос на откривањето на сторителите.

Основниот суд Битола, постапувајќи по тужбеното барање донел Решение К.бр.80/03, со кое ја отфрлил приватната тужба на подносителот, при тоа повикувајќи се на член 72 став 3 од Законот за кривичната постапка.

Против ова решение, подносителот изјавил жалба, по која Апелациониот суд во Битола донел Решение КЖ.бр. 295/2003 со кое жалбата ја одбил, како неоснована, а првостепеното решение го потврдил. При тоа, тој суд во образложението на Решението несоодветно го цитирал член 421 став 1 од Законот за кривичната постапка, со тоа што во дел од овој член самоволно ставил запирка, која во текстот на Законот ја немало.

Исто така, Апелациониот суд, како и Основниот суд, намерно испуштил да се произнесе по неговото барање за спроведување истрага.

Изнесувајќи ја наведената фактичка состојба, подносителот понатаму наведува во што се се состојат повредите на член 9 и 11 од Уставот и член 6 од Конвенцијата. Она што е посебно за одбележување е дека според него и двата суда го повредиле член 152 од Законот за кривичната постапка, бидејќи не спровеле истрага во однос на откривање на идентитетот на сторителите на кривичното дело, како и член 424 став 1 и член 262 од истиот закон, бидејќи спротивно на условите предвидени во наведените членови кои се однесуваат на водење на скратена постапка, ја отфрлиле неговата тужба.

Со ваквото постапување од страна на двата суда во Битола, според подносителот истовремено била направена повреда и на Европската конвенција во смисла на “ограничен пристап до судот”, која што повреда се третирала како една од поголемите повреди на оваа Конвенција.

Поради повредите на член 9 од Уставот и членот 6 од Европската конвнеција бара идентично оштетување како во случајот 58185/00 по предметот Јанева против Македонија на Европскиот суд за човекови права.

На крајот подносителот, меѓу другото, укажува дека овој судски предмет е само дел од “Административниот притисок” кој што Република Македонија го спроведувала спрема него и неговото семејство и тоа со единствена цел – да се откаже од неговите жалби до Европскиот суд за човекови права во Стразбург. Во прилог на тоа наведува дека истиот судски совет на Апелациониот суд во Битола ја донел и одлуката КЖ.бр.56/2002, која се наоѓала во предметот на Уставниот суд У.бр.197/02.

3. Постапувајќи по барањето, Судот ја утврди следната фактичка состојба:

Со Решение К.бр.80/03 од 24.02.2003 година Основниот суд Битола ја отфрлил приватната кривична тужба на приватниот тужител Ристевски Стефан од Битола, против одговорно лице во правен субјект – Електростопанство на Македонија – Подрачна единица Битола, за кривично дело “клевета” по член 172 од Казнениот законик, согласно член 72 став 3 од Законот за кривичната постапка.

Од образложението на Решението произлегува дека во конкретниот случај, иако приватниот тужител во определен рок одговорил на писменото барање на судот да го отклони формалниот недостаток на тужбата (да посочи лице обвинето со точно име и презиме по можност и точна адреса) тој не постапил по ова барање, односно не ги отклонил формалните недостатоци на кои му било укажано од судот, поради што Основниот суд и ја отфрлил неговата приватна кривична тужба.

Апелациониот суд Битола одлучувајќи по жалбата со Решение КЖ.бр.295/2003 од 12.06.2003 жалбата ја одбил, а првостепеното решение го потврдил.

При тоа, во образложението на Решението Судот се произнел по жалбените наводи на тужителот дека тој во целост одговорил на известието на првостепениот суд и јасно му предочил дека како на приватен тужител не му се познати имињата и истите не може да ги дознае, па затоа требало Судот да побара од Електро стопанство на Македонија – Подрачна единица Битола да му посочи кои се тие одговорни лица, со наведување на нивните имиња и презимиња или евентуално да се спроведе истрага.

Ваквите жалбени наводи Апелациониот суд нашол дека се неосновани бидејќи согласно член 421 став 1 од Законот за кривичната постапка приватната тужба треба да ги содржи името и презимето на обвинетиот, со лични податоци доколку се познати што значи дека евентуално судот би можел да ги прибави само личните податоци на обвинетиот доколку тие не му се познати на приватниот тужител. Од тие причини Апелациониот суд утврдил дека првостепенито суд правилно ја отфрлил приватната тужба бидејќи приватниот тужител во определениот рок не ја дополнил тужбата со бараните податоци.

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, на кој подносителот на барањето се повикува, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 11 од Уставот, на кој што подносителот на барањето, исто така, се повикува, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени (став 1), дека се забранува секој облик на мачење, нечовечно или понижувачко однесување и казнување (став 2) и дека се забранува присилна работа (став 3).

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредно право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Според член 52, исто така, од Деловникот, во барањето за заштита потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, од една страна, и наводите содржани во барањето, од друга страна, Судот утврди дека барањето не е поткрепено со ниеден податок, односно елемент кој би упатил на повреда на уставниот принцип на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, поради што е поднесено и барањето за заштита. Освен тоа такви податоци, односно елементи Судот не можеше да утврди ниту од актите (решенијата) на судовите кои постапувале по приватната кривична тужба на подносителот на барањето.

Според тоа, единствено што може да се заклучи е дека преку користењето на правото за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, подносителот на барањето всушност бара Уставниот суд на Република Македонија да се впушти во оценување на тоа дали првостепениот и второстепениот суд во неговиот конкретен предмет правилно постапиле, односно ги примениле соодветните одредби од Законот за кривичната постапка, а за што тој е убеден во спротивното. Тоа, во крајна линија, пак, би значело дека Уставниот суд во конкретниот случај треба да одлучува за работи кои не се во негова надлежност, но се во надлежност на другите судови.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.146/2003
15 октомври 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова