86/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 1 и 2 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 110 став 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (” Службен весник на Република Македонија” бр.8/98, 11/98, 12/00 и 80/01).
2. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 146 став 3 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Колективниот договор, означен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од член 110 став 2 од Колективниот договор, во македонскиот полициски синдикат, за неговите потреби, можело да заснова работен однос и лице кое не е вработено во МВР, но кое, покрај другото, е државјанин на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 110 став 21 од Договорот, доколку синдикатот заснова работен однос и со други лица за свои потреби, истите треба да го исполнуваат посебниот услов утврден во член 48 став 1 точка 1 од Законот за внатрешни работи.
Судот, исто така утврди дека со одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.212/2000 од 23 мај 2001 година, го укинал овој член како несогласен со Уставот.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.
Со оглед на тоа дека членот 110 став 2 од Колективниот договор, својот основ го наоѓаше во членот 48 став 1 точка 1 од Законот за внатрешни работи (кој е укинат), Судот оцени дека со оспорениот член не се врши повреда на владеење на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок ниту, пак, постои несогласност меѓу повисоките и пониските правни акти, поради што не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
6. Судот, на седницата, исто така, утврди дека согласно член 146 став 3 од Колективниот договор, на работникот правна помош во расправата пред комисијата, може да му пружи само претставник на синдикатот.
Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се игнорирала специјалната самостојна и независна јавна служба-адвокатурата, која уставно и законски е овластена да дава и обезбедува правна помош.
7. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.
Согласно член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Ставот 2 на овој член од Уставот предвидува еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со овзможувањето само синдикалната организација во МВР да пружа правна помош на свој член и вработен во МВР при постапка за престанок на негов работен однос со отказ, и тоа да се однесува за секоја ситуација (а не евентуално само за одредени случаи), претставува ограничување во остварувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот и нивно ставање во нееднаква положба, поради што оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 146 став 3 од Колективниот договор особено со член 8 став 1 алинеја 1 и со член 9 од Уставот.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Решението под точка 1, Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
10. Решението под точка 2 Судот го донесе едногласно во истиот состав.

У.бр.86/2003
1 и 2 октомври 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова