58/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 септември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 6 став 3 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/ 1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001 и 50/ 2001).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорената одредба од Законот ги ограничувала правата од социјалното осигурување, со што се повредувале членовите: 34 и 54 став 1 од Уставот. Ова од причина што Уставот во членот 54 став 1 предвидел дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, но не и со закон, а уште повеќе што членот 34 од Уставот не предвидел можност за ограничување на правото на социјално осигурување. Покрај посоче-ните уставни одредби, оспорената законска одредба, според наводите на подносителот на иницијативата, ги повредувала и членовите: 8 став 1 алинеја 3 и 51 од Уставот.

Врз основа на изнесените наводи, подносителот на иницијативата бара поведување на постапка за оценување уставноста на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорениот член 6 став 3 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001 и 50/ 2001), користењето на правата од пензиско и инвалидско осигурување остварени според овој закон може да престане или да се ограничи само во случаи и под услови предвидени со овој закон.

4. Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, според содржината на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Членот 34 од Уставот определил дека, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, при што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 54 став 1 од Уставот, е предвидено дека, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Според став 2 од истата одредба, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена и вонредна состојба според одредбите на Уставот. Во став 3 е определено дека, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, националното и социјално потекло, имотната и општестената положба. Во став 4 е определено дека, ограничувањето не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казни- вите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

5. Тргнувајќи најнапред од содржината на членот 34 од Уставот, произлегува дека правото на социјална сигурност и социјално осигурување што го гарантира Уставот на граѓаните, се утврдува со закон и со колективен договор. Меѓутоа, според оценка на Судот, фактот што Уставот зборува само за утврдување на правото со закон и колективен договор, не значи дека еднаш стекнатото право на социјална сигурност и социјално осигурување не може да претрпи промени во правец на негово мирување, ограничување или целеосно губење, а под одредени услови и околности утврдени со закон и со колективен договор.

Од друга страна во членот 54 став 1 од Уставот е определен еден од посебените механизам за заштита на уставно гарантираните основни слободи и права на човекот и граѓанинот, а во ставот 2, 3 и 4 од истата уставна одредба се разработуваат отстапувањата во примената на овој механизам на заштита. Така, во ставот 2 на членот 54 е определено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена и вонредна состојба според одредбите на Уставот, што не е случај и со гарантираното право на социјална сигурност и социјално осигурување од членот 34, бидејќи за ова право не е предвидено уставно ограничување за време на воена или вонредна состојба.

Понатаму во став 3 на членот 54 од Уставот, е определена забрана за ограничување на слободите и правата, на начин што ограничувањето не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, националното и социјално потекло, имотната и општестената положба. Оспорената одредба од Законот воопшто не се занимава со ограничување или губење на правата од пензиско и инвалид- ско осигурување според полот, расата, бојата на кожата, јазикот, верата, националното и социјално потекло, имотната и општестената положба.

Во став 4 на членот 54 децидно е определено на кои слободи и права не може да се утврди ограничување, а во така наброените слободи и права не е споменато и правото на социјална сигурност и социјално осигурување.

Според тоа, Судот оцени дека подносителот на иницијати-вата своето сомнение за согласноста на законската одредба со Уставот го темели на тесно граматичко толкување на изразот “утврдени” употребен во членот 34 од Уставот. Имено, според Судот, комплексната анализа на директно гарантираните и утврдените слободи и права со Уставот или со закон, покажува дека истите можат да бидат ограничени или да се изгубат, но според околности и услови утврдени или со Устав или со закон, како и со колективен договор, доколку се од сверата на работните односи.

Според изнесеното, оспорената одредба не може да се доведе под сомнение и по однос на нејзината согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, Уставот му дал право на законодавецот, покрај другото, да ја уреди процедурата во која се остваруваат правата од пензиско и инвалидско осигурување, а во тие рамки и процедурата за престанок или ограничување на тие права. Тоа значи дека со закон и со колективни договори се определува постапката на остварување, ограничување и губење на правата од оваа област.

Оттука, според оценка на Судот во конкретниот случај оспорената законска одредба не го повредува ни членот 51 став 1 од Уставот, каде е предвиден уште еден уставен механизам за заштита на уставно гарантираните основни слободи и права на човекот и граѓанинот, преку почитувањето на Уставот и законите од секого и правната неопходност за согласноста на законите и другите прописи со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 58/2003
24 септември 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова