70/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 септември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 135 став 2 во делот “односно од денот кога дознал за повредата на правото”, и член 138 став 1 во делот “или ако тој орган не донесе одлука во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето односно на приговорот”, од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 53/1997, 59/1997, 21/1998, 25/2000, 34/2000, 3/2001, 50/2001 и 25/2003).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на деловите од одредбите од Законот за работни односи означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорениот дел од член 135 став 2 од Законот за работни односи предвидувал дека “работникот имал право да поднесе приговор или барање во определен рок и во случај кога ќе дознаел за повреда на некое негово право од работен однос”, меѓутоа според подносителот на иницијативата приговор може да се поднесува само спрема конкретна одлука, а доколку таква не му била врачена на работникот, тој можел веднаш во судска постапка да ги штити своите права против незаконито дејствие на работодавецот односно нема основ за поднесување на приговор.
Во однос на оспорениот дел од членот 138 став 1 од Законот за работни односи, во иницијативата се наведува дека регулира можност, која е раширена и во практиката, работодавецот односно надлежниот орган да не донесе во рок од 15 дена одлука по приговорот или барањето на работникот, меѓутоа законот не требал воопшто да пропишува ваква можност бидејќи надлежниот орган е должен да донесе одлука во определениот рок по приговорот односно барањето на работникот, согласно членот 136 од Законот.
Од овие причини оспорените делови од наведените членови од Законот за работни односи, биле во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со членот 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 15 и член 51.
3. Судот на седницата утврди дека членот 135 став 2 од Законот за работни односи предвидува: “Барањето, односно приговорот работникот го поднесува до органот утврден со колективен договор, во рок од 15 дена од денот на врачувањето на одлуката со која е повредено неговото право, односно од денот кога дознал за повредата на правото”. Во членот 138 став 1 од Законот се предвидува: “Работникот кој не е задоволен со конечната одлука на надлежниот орган или ако тој орган не донесе одлука во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето, односно на приговорот, има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд, освен за оцена на потребата и оправданоста од престанок на работен однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени”.
4. Уставот на Република Македонија во делот на одредбите кои се однесуваат на економските, социјални и културни права, со членот 32 став 1 предвидел дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Во ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со Законот за работни односи во членот 1 е утврдено дека со овој закон се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос.
Според членот 2 од овој Закон, работниот однос се уредува со овој или друг закон и колективен договор.
Во уредувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос, Законот со одредбите од членовите 134 до 138 содржани во Главата ВИИИ , ја регулирал заштитата на правата на работниците.
Според членот 134 од Законот, во остварувањето на поединечните права од работен однос, работникот има право да бара заштита кај работодавецот, пред надлежниот суд, синдикатот, инспекциските органи и други органи, во согласност со закон.
Со членот 135 став 1 од Законот е предвидено дека работникот има право да поднесува барање заради остварување на своите права од работен однос, како и право на приговор против одлука донесена во врска со неговите права, обврски и одговорности, а според ставот 2 барањето, односно приговорот работникот го поднесува до органот утврден со колективен договор, во рок од 15 дена од денот на врачувањето на одлуката со која е повредено неговото право, односно од денот кога дознал за повредата на правото.
Со одредбата од ставот 3 на овој член од Законот е уредено дека поднесувањето на барањето, односно приговорот од став 1 на овој член, го задржува извршувањето на одлуката до донесувањето на конечна одлука кај работодавецот, освен во случаите утврдени со закон. Според членот 136 од Законот, надлежниот орган е должен да донесе одлука во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето, односно приговорот.
Законот за работни односи во контекст на изнесените одредби со кои ја регулирал заштитата на правата на работниците, предвидел со членот 138 став 1 дека работникот кој не е задоволен со конечната одлука на надлежниот орган или ако тој орган не донесе одлука во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето, односно на приговорот, има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд, освен за оцена на потребата и оправданоста од престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени.
Со одредбите од став 2 и 3 од овој член од Законот, е уредено дека заштита на правата пред надлежниот суд работникот не може да бара ако претходно не барал заштита на правата пред надлежниот орган кај работодавецот, освен правото на парично побарување, а работодавецот е должен правосилната одлука на судот во постапката за заштита на правата на работникот да ја изврши веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на доставувањето, ако судот не определил друг рок.
Поаѓајќи од анализата на изнесените одредби од Законот за работни односи произлегува дека тој во основа ја нормирал заштита на правата на работниците од работен однос приоритетно да се остварува пред надлежниот орган утврден со колективниот договор односно кај работодавецот и таа да претходи на заштитата на правата на работниците од работен однос пред надлежниот суд. Имено, по преземањето на пропишаните правни средства односно правото на работникот да поднесува барање заради остварување на своите права од работен однос како и правото на приговор во определен рок пред надлежниот орган утврден со колективниот договор односно кај работодавецот, со Законот за работни односи се упатува и се дава можност работниците да ги штитат своите права од работен однос пред надлежниот суд.
Во однос на уредувањето на прашањето кое се однесува на правото на работникот во определен рок да поднесува приговор до надлежниот орган утврден со колективен договор не само против одлука донесена од тој орган туку и во случај кога работникот ќе дознае за повреда на некое негово право односно кога не му е врачена одлука, како што е тоа уредено со оспорениот дел од ставот 2 на членот 135 од Законот, Судот оцени дека ваквата законска определба е во насока на заштита на правата на работниците од работ ен однос која воопшто не се спротивставува со нормите од Уставот. Исто така неспорно е дека на правото кое е уредено со наведената одредба се надоврзува и правото уредено со ставот 1 на членот 138 од Законот, кој го содржи и оспорениот дел, а кое предвидува дека во случај кога органот во рок од 15 дена од поднесувањето на приговорот не донесе одлука, работникот има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд.
Овие права содржани во оспорените делови на членовите од Законот за работни односи, се прашања од сферата на правата и обврските кои имаат уставен основ да бидат пропишани со закон на начин и под услови кои ќе ги утврди законодавецот, а воедно спротивно на тврдењата на подносителот на иницијативата дека оспорените одредби ја попречуваат заштитата на правата на работниците од работен однос, Судот оцени дека овие одредби во својата суштина опфаќаат пошироко остварување на правата од работен однос ако се земе во предвид дека нивното остварување е обезбедено како пред надлежниот орган утврден со колективен договор така и пред надлежен суд, и за случаи кога работникот смета дека му е повредено некое негово право со одлука или без донесување на одлука на надлежниот орган.
Врз основа на наведеното Судот утврди дека со оспорените делови од членовите на Законот за работни односи не се повредуваат одредбите од Уставот во членот 8 став 1 алинеја 3, за владеење на правото, членот 9 кој се однесува на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, членот 15 кој го гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, и членот 51 според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и законот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.70/2003
24 септември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова