90/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 септември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за давање на концесија за вршење на комунална дејност, стопанисување и тековно одржување со стара водоводна и канализациона мрежа во Кратово, донесена од Советот на општина Кратово на 20 јули 2000 година бр.10-294.
2. Душко Павловски и Стоилко Мишевски од Кратово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што таа не била во согласност со Законот за концесија кој бил во сила во време на нејзиното донесување.
Според наводите од иницијативата Советот на општината воопшто немал надлежност да донесува одлуки за давање концесија за вршење на комунална дејност. Имено давател на концесија била Република Македонија и во име на Република Македонија а во согласност со концесискиот акт концесија дава Владата на Република Македонија.
Понатаму подносителите наведуваат дека во точка 4 од одлуката е предвидено дека договорот во име на општината ќе го потпише градоначалникот што е во спротивност со член 15 од Законот за концесии каде е предвидено дека договорот за концесија го склучува Владата на Република Македонија.
Исто така подносителите сметаат дека одлуката не е во согласност со член 10, 11 и 12 од Законот за концесија бидејќи воопшто не бил распишан јавен конкурс.
Врз основа на оспорената Одлука бил склучен незаконит и штетен договор за концесија за стопанисување со водоводната мрежа во Кратово.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 14 од Законот за комунална дејност Советот на општина Кратово на 20 јули 2000 година донесол Одлука за давање на концесија за вршење на комунална дејност.
Во оспорената одлука е предвидено дека на АД РИК “Силекс” ПЦ Комуналец се дава концесија за вршење на комунална дејност стопансиување и тековно одржување со стара водоводна и канализациона мрежа во град Кратово за период од 8 години.
Висината, условите и начинот на наплата на надоместокот за дадената концесија од точка 1 на оваа Одлука ќе се определи во договорот за концесијата. Преку комисијата која што ќе ја утврди цената во договорот. Се овластува одборот за урбанизам и заштита на животната средина во својство на комисија да ја утврдат цената на договорот.
Како почеток на концесијата ќе се смета денот на потпишувањето на договорот за концесија.
Во името на општина Кратово договорт ќе го потпише градоначалникот на општина Кратово.
Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во ” Службен гласник на општина Кратово”.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија покрај другото одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Разгледувајќи ја иницијативата, содржината на оспорената одлука како и одредбите од Законот за концесии кој е во сила, Судот смета дека оспорената одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува поединечен акт со кој на одреден субјект за определен временски период се дава концесија т.н. дозвола за вршење на комунална дејност, стопанисување и тековно одржување на водоводната и канализациона мрежа, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.90/2003
24 септември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова