150/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 септември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 240 став 1 во делот “20%” од Законот за службата во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.60/02, 98/02 и 25/03).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот, означен во точката 1 од ова решение.
3. Според наводите во иницијативата со предвидувањето додатокот за посебни услови за цивилните лица да изнесува 20% од основната плата, а за воените лица, за истите посебни услови, да изнесува 30% од основната плата, се повредувало начелото на еднаквост, загарантирано со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 240 став 1 од Законот, армискиот додаток припаѓа заради посебните услови во служба во Армијата и се пресметува во висина од 20% од основната плата според степенот на образованието и должноста”.
Во тој контекст, Судот ја имаше предвид и одредбата од член 149 од овој закон според која армискиот додаток изнесува 30% од основната плата за воените лица.
5. Согласно член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Согласно ставот 2 на овој член од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Од содржината на оваа уставна одредба произлегува правото на граѓаните на еднаквост.
Од содржината на одредбите од членот 149 и 240 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, се гледа дека со нив се предвидува армиски додаток заради посебни услови на службата во Армијата. А, тие посебни услови се однесуваат за вршење на работа во теренски услови; логорување; тревога; учество во воени вежби; командно-штабни воени вежби, инструкторско-методски, показни и слични вежби; привремена дислокација на воени единици и установи; гаѓање; дежурство; чуварска служба; стражарска служба; работа подолга од полното работно време во работна недела; ноќна работа; работа за време на неделен одмор и празници утврдени со закон; користење и прекин на годишен одмор по потреба на службата; неможност да се избира работно место и место на вршење на службата; преместување; вршење служба во сите услови, како и други вонредени ситуации предизвикани со потребите на борбената готовност на Армијата.
Од текстот на овие одредби, навидум, како да произлегуваат исти задолженија за цивилните и воените лица, меѓутоа фактички, односно во практиката содржината на обврските е дијаметрално различна.
Имено, воените лица ја претставуваат униформираната структура поврзана со оружје и оружено дејствување, додека цивилните лица не се вооружени и всушност се во услуга на униформираните лица. Од тоа произлегува дека содржината на обврските на униформираната структура е поризична и потешка.
Со други зборови, според Судот, обврската во посебни услови на воените и на цивилните лица е различна, поради што за различни видови на обврски, законодавецот предвидел и различна награда.
Од тие причини, Судот оцени дека со оспорената одредба од Законот не се повредува начелото на еднаквоста, загарантирано со Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.150/2003
24 септември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова