Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 септември 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 65 став 2 од Општиот Колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/1994 и 73/2001).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членот 65 став 2 од актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Општиот Колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност, предвидувала дека работниците за време на штрајк имале право на надомест согласно колективен договор на ниво на работодавец, но не помалку од 60% од најниската плата утврдена со овој Колективен договор, меѓутоа тоа не било во согласност со членот 58 од Законот за државните службеници според кој за време на штрајк државните службеници имале право на плата во висина од 100% од платата што ја примиле претходниот месец. Од овие причини подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба од Општиот Колективен договор се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 32 став 3, членот 38 и членот 51 од Уставот на Република Македонија, како и членот 58 од Законот за државните службеници и членот 86 став 1 од Законот за работните односи.
3. Судот на седницата утврди дека Општиот Колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност во членот 65 став 2 предвидел: “За време на штрајкот работниците имаат право на надомест согласно колективен договор на ниво на работодавец, но не помалку од 60% од најниската плата утврдена со овој колективен договор”.
4. . Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Членот 38 од Уставот го гарантира правото на штрајк и утврдува дека со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Со Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” ; бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98, 25/2000, 34/2000, 3/2001, 50/2001 и 25/2003), во членот 2 е утврдено дека работниот однос се уредува со овој или друг закон и колективен договор.
Според членот 86 став 1 и 2 од овој Закон, колективен договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби, се применуваат соодветните одредби од законот. Одлуките и актите со кои се одлучува за правата на работниците не смеат да бидат во спротивност со колективниот договор, освен ако се поповолни за работникот.
Со членот 79 од овој Закон е утврдено дека заради остварување на своите економски и социјални права од работен однос, работниците имаат право на штрајк, во согласност со закон.
Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003) во делот на одредбите од “Глава ИВ – Систем на плати и надоместоци на плати на државните службеници”, кои одредби согласно членот 97 од Законот ќе се применуваат од 1 јануари 2004 година, го содржи и членот 58 според кој за време на штрајк државниот службеник има право на плата во висина од 100% од платата што ја примил претходниот месец.
Со членот 96 од овој Закон е утврдено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува примената на одредбите од колективните договори по прашањата кои се уредени со овој закон.
5. Општиот Колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност прашањето за остварување на правото на штрајк го уредил со членот 65, според кој во ставот 1 утврдил дека правото на штрајк работниците го остваруваат во согласност со закон, а во ставот 2 од овој член, кој е и предмет на оспорување со поднесената иницијатива, определил дека за време на штрајкот работниците имаат право на надомест согласно колективен договор на ниво на работодавец, но не помалку од 60% од најниската плата утврдена со овој колективен договор. Поаѓајќи од содржината на оспорената одредба од Општиот Колективен договор и имајќи ги во предвид погоре изнесените уставни и законски одредби, произлегува дека примената на оспорената одредба од Општиот Колективен договор која го уредува прашањето на правото на надомест и висината на надомест на вработените во нестопанството за време на штрајк, со денот на влегување во сила на Законот за државните службеници престанува во однос на лицата кои се стекнале со статус на државни службеници и како такви во време на штрајк согласно членот 58 од Законот за државни службеници имаат право на плата во висина од 100% од платата што ја примиле претходниот месец. Оттука, со оваа одредба од Законот се елиминира примената на оспорената одредба од Општиот Колективен договор, но само за лица кои имаат статус на државни службеници а не и за други лица кои немаат статус на државни службеници а се вработени во органите на државната управа, и други органи и стручни служби кои се утврдени во членот 3 од Законот за државните службеници, за кои пак важат општите прописи за работните односи.
Со оглед на тоа оспорената одредба од Општиот колективен договор уредува на општ начин едно право на вработените кои вршат нестопанска дејност во јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица, поаѓајќи од определбата во членот 32 став 5 од Уставот дека и со колективни договори се уредуваат правата на вработените и нивната положба. Имено, правото на штрајк и правото на соодветна заработувачка како дел од правата кои произлегуваат од работен однос, се загарантирани со Уставот кој не ја определува содржината и обемот на овие права. Тие се уредуваат со закон а со колективни договори се доуредуваат во согласност со закон како одделни права, обврски и одговорности за работниците и работодавецот. Со оглед на тоа што Уставот и Законот за работни односи не содржат изрична одредба дека за време на штрајк на работниците им се обезбедува надоместок и висината на надоместокот, Судот оцени дека со колективен договор може да се уреди и ова право. Основот за уредување со колективен договор на прашањето на надоместокот и висината на надоместокот за време на остварување на правото на штрајк на работниците, произлегува од членот 13 став 3 од Законот за штрајк (“Службен лист на СФРЈ” бр.23/91) кој согласно Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како републички пропис, според кој материјален надомест за време на штрајкот може да се оствари ако е тоа предвидено со колективен договор или со општ акт. Оваа норма е и законски основ за уредување на прашањето за висината на на доместокот за време на штрајк со оспорената одредба од Општиот Колективен договор кој се однесува за вработените во нестопанската дејност.
Исто така, треба да се има во предвид дека Општиот Колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност е склучен помеѓу Владата на Република Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија, и се однесува како за тие што го склучиле така и за работниците и за работодавците во чие име е склучен, па во тој контекст треба да се оценува еднаквоста на граѓаните. Имено, оспорената одредба од овој договор утврдува само рамка на најнискиот износ на надоместокот да изнесува 60% од најниската плата утврдена со договорот, која еднакво се однесува за вработените во нестопанската дејност, но не ја попречува примената на поповолно право утврдено со закон, како што е тоа уредено за лицата кои имаат статус на државни службеници со членот 58 од Законот за државни службеници.
Како резултат на изнесената анализа Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Општиот Колективен договор со членот 58 од Законот за државните службеници и членот 86 став 1 од Законот за работните односи, на кои се повикува подносителот на иницијативата. Исто така од погоре изнесеното произлегува дека не се повредуваат одредбите од Уставот во членот 8 став 1 алинеја 3, за владеење на правото, членот 9 кој се однесува на еднаквоста на граѓаните пред Ус тавот и законите, членот 32 став 2 кој предвидува дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, членот 38 кој го гарантира правото на штрајк и членот 51 според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.115/2003
17 септември 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова