88/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 16 јули 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 51 став 2 и 3 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/98, 31/2000 и 42/2003).
2. Акционерското друштво Треска – Мебел од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 53 од Законот за денационализација – пречистен текст (” ;Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000). Меѓутоа, причините поради кои се оспорува уставноста на наведениот член од Законот упатуваат дека всушност станува збор за член 51 став 2 и 3 од интегралниот текст на овој закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/98, 31/2000 и 42/2003).
Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 50 од Уставот на Република Македонија бидејќи со него се ускратувало правото на судска заштита на слободите и правата на граѓаните, како и правото на судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, загарантирани во став 1 и 2 од наведениот член од Уставот.
Како непосреден повод за оспорување на овој член од Законот во иницијативата се наведува дека токму поради одредбите на член 51 од Законот, чија содржина инаку одговара на член 53 од Законот за денационализација – пречистен текст (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/2000), на АД ” Мебел-Треска” му било оневозможено во постапката за денационализација да ги заштити сопствените права и интереси како заинтересирана странка, поради што со Решението бр.17-08-06/1/4/2000, со кое било уважено барањето на барателот за денационализација на дел од неговиот имот, ова друштво било оштетено.
Поради напред наведените причини се предлага Судот да ја оцени уставноста на оспорената одредба и да ја поништи.
3. Судот на седницата утврди дека уставноста на оспорените законски одредби веќе ја оценувал и тоа по повод иницијатива поднесена од истиот подносител, а кои биле оспорени од истите причини и од аспект на истите одредби од Уставот како и со оваа иницијатива.
Постапувајќи по претходно поднесената иницијатива Уставниот суд со Решение У.бр.166/2002 од 13 март 2002 година не повел постапка за оценување уставноста на член 51 став 2 и 3 од Законот за денационализација.
Уставниот суд вака одлучил, со оглед дека според негово мислење со оспорените одредби од Законот, со кои како странки во постапката за денационализација на кои им се доставува решението за денационализација ги утврдил само поранешниот сопственик и јавниот правобранител, а не и корисникот на имотот, не се навлегува во правото на корисникот како вмешувач согласно член 13 од Законот и во постапката за денационализација да ги заштитува своите права и интереси, како и во правото во рок од пет години од правосилноста на решението за денационализација своите права и интереси спрема лицата на кои им е вратен имотот или платен надомест да ги остварува со тужба пред надлежен суд согласно член 61 од Законот.
Поради тоа, пред Судот не било поставено прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Меѓутоа, според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, освен во други случаи, и во случај ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед дека Судот веќе ја оценувал уставноста на членот 51 став 2 и 3 од Законот за денационализација, а нема основи за поинакво одлучување по оваа иницијатива, согласно член 28 од Деловникот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.88/2003
16 јули 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова