У.бр.74/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 56 и 70 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 јули 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Кирил Бошковски од Скопје за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на уверување, јавното изразување на мислата и забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Кирил Бошковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на уверување, јавно изразување на мислата и забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

Во барањето е наведено дека барателот во 1989 година во поранешна СФРЈ завршил школа за резервни офицери во Билеќа, каде се стекнал со више воено образование (според дипломата која му била издадена од школата по завршувањето), во согласност со тогаш важечкиот закон-поточно со член 20 од истиот (Закон за воени школи и научно истражувачки центри на ЈНА-Службен лист на СФРЈ бр.12/78 и 43/86). Истото образование со измените на законот во 1986 година станува више стручно образование (член 7 од измените). На 18.04.2000 година поднесол барање, неговото стекнато право на степен на образование (VI/1 степен на стручна подготовка) да биде верифицирано од страна на Министерството за одбрана.

Првостепениот орган со Решение бр.14/4-372 од 3.08.2001 година го одбил неговото барање за признавање на школата за резервни офицери на поранешна ЈНА како више образование кое се добива во високообразовните установи, како неосновано.

Жалбата на барателот против решението бр.14/4-372/2, Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на одбраната со решение бр.28/И -183/3 од 17.10.2001 година, ја одбила како неоснована.

Врховниот суд на Република Македонија со пресуда У.бр.1879/2001 од 15.01.2003 година, ја одбил тужбата на барателот против Решението на второстепениот орган бр.28/И -183/3 како неоснована.

Барателот смета дека со овие акти на државните органи на Републиката, е дискриминиран во однос на другите граѓани на Република Македонија, т.е. со граѓаните на Република Македонија кои завршиле одреден степен на образование согласно наведениот закон. Имено 90% од офицерите на АРМ својот степен на образование го стекнале според Законот за воени школи од 1978 година, тоа стекнато право никој не им го оспорувал, што од друга страна нему му се оспорувало ставајќи го во нееднаква положба во споредба со другите, со што се прекршувал Уставот на Република Македонија.

Од друга стра на, пак, за него и другите кои завршиле Више воено образование и школите за резервни офицери останувале обврските, што директно се апсолвирало во воениот конфликт во Република Македонија во 2001 година, кога овие воени старешини најдиректно ги извршувале с воите работни обврски како командири на водови, чети и баталјон во склоп на безбедносните сили на Република Македонија, исто како и воените старешни од АРМ во активниот состав.

Со завршеното образование и стекнатото познавање на одредена материја, како што е воената наука, неговите права биле прекршени согласно алинејата 3 од членот 110 со тоа што тој не можел да ја изрази јавно својата мисла како релевантна во ова општество бидејќи со одредени поединечни акти тоа му било ускратено – со непризнавање на одредено знаење кое го поседувал и за кое му бил даден сертификат – диплома по завршеното школување, неговата јавно изнесена мисла ќе се сметала како нерелевантна.

Исто така барателот смета дека бил доведен во нерамноправна состојба во однос на другите граѓани на Република Македонија во однос на социјалната положба од причина што со непризнавање на завршеното више стручно образование бил дискриминиран и ставен во позиција да го третираат како работник и воопшто граѓанин со пониско образование IV степен на стручна подготовка, за разлика од вистинската – како граѓанин со VI степен на стручна подготовка.

Барателот укажува и на толкувањето од предлагачот на тогашниот закон (дописот од Генералштаб на ЈНА-Наставната управа бр.03/239-123 од 6.09.1978 година) на член 20 од Законот за воени школи од 10.03.1978 година, кој член од страна на органите на Република Македонија бил поинаку толкуван. Така, Врховниот суд сметал дека не е повреден законот од причина што не бил вработен во служба во АРМ, ниту бил распореден во активниот состав на АРМ – а тој не барал да биде вработен, туку сакал неговото образование да се вреднува како треба. Понатаму, барателот смета дека со укинување на Законот за воени школи и научноистражувачки центри на ЈНА – Службен лист на СФРЈ бр.12/78 и 43/86, и со донесување на новиот закон за воена академија во 1995 година од една страна не можеле да се укинат неговите стекнати права, а од друга страна со новиот закон не станувало збор за статусот на кадрите кои ја завршиле Школата за резервни офицери што укажувало дека за нив требало да важат одредбите од стариот закон се до прецизирање што со таквите кадри.

4. Судот на седницата утврди дека со пресудата на Врховниот суд на Република Македонија У.бр.1879/2001, тужбата на Кирил Бошковски од Скопје, против решението на Владата на Република Македонија, Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на одбраната бр.28/И- 183/3 од 17.10.2001 година, се одбива како неоснована.

Во образложението на пресудата на Врховниот суд се наведува дека согласно член 20 од Законот за воените школи и за научно истражувачките установи на ЈНА (“Службен лист на СФРЈ” бр.12/79 и 43/86), лицето што ја завршило школата за резервни офицери стекнува виша стручна подготовка во смисла на распоредување на должности во вооружените сили и можност за напредување во чинови. Со денот на влегувањето во сила на Законот за воена академија (” Службен весник на Република Македонија” бр.30/95 и 54/97), престанал да важи Законот за воените школи и за научно истражувачките установи на ЈНА.

Во конкретниот случај тужителот своето барање до Министерството за одбрана, Сектор за правни работи го поднел на 18.04.2000 година, што значи во време кога престанал да важи Законот за воени школи и за научно истражувачките установи на ЈНА, така што не можел да се примени член 20 од Законот за воените школи и за научно истражувачките установи на ЈНА иако смислата на овој член била дека тужителот фактички можел да ја верифицира стекнатата виша стручна подготовка само доколку бил распореден на должност во вооружените сили (активен состав) и тоа во времето кога споменатиот Закон за воени школи и за научно истражувачките установи важел и се применувал.

Имајќи ја предвид цитираната законска одредба, како и фактот дека тужителот своето барање за верификација на стекнатата виша стручна подготовка го поднел во време кога престанал да важи Законот за воени школи и за научно истражувачките установи на ЈНА, Судот нашол дека не е повреден законот на негова штета кога му е одбиено барањето за верифицирање на диплома за стекнато вишо стручно образование. Бидејќи тужителот и не бил распореден во активниот состав на тогашната ЈНА, ниту, пак, стапил во служба во Армијата на Република Македонија, односно нема статус на воено лице за да стане збор за признавање на школата за резервни офицери како вишо воено образование. Со завршувањето на школата за резервни офицери тужителот не се стекнал со вишо образование кое се добива во високо образовните установи во Републиката, лицето што ја има завршено школата за резервни офицери, станува резервен офицер и се распоредува во резервниот состав на Армијата.

Судот ги ценел наводите во тужбата на тужителот со кои укажува дека фактичката состојба не е правилно утврдена, бидејќи органите на управата го ценеле само едниот доказ кој е приложен кон предметот, а тоа е дипломата за завршено вишо воено образование, а не сите кои се поднесени од негова страна, посебно клучниот по него доказ освен дипломата е дописот на Наставната управа на Генералштабот на ЈНА каде се дава упатство како да се третираат лицата кои ја завршиле школата за резервни офицери, поточно каде се укажува дека нема никакви правни пречки лицата кои го имаат стекнато овој степен на образование во секој поглед и во секоја организација да се третираат како лица со вишо стручно образование, а посебно се однесува на обавување на работи од областа на одбраната како што е неговата како вработен во Министерството за внатрешни работи. Потоа наведува дека тој има завршено Филозофски факултет, отсек – одбрана, на кој му е признат како положен еден испит од завршената школа за резервни офицери, каде исто така е потврдено дека станува збор за сродни и соодветни школи, каде наставниот план и програма во истите многу малку се разликуваат, односно се преплетуваат и се иднетични што е верифицирано и од нашите највисоки образовни институции, а тоа е решението кое го дава во прилог. Меѓутоа, ваквите наводи Судот не ги уважил од напред наведените причини, цитираните законски одредби, како и фактот дека во моментот кога тужителот го поднел барањето повеќе не важел Законот за воените школи и за научно истражувачките установи на ЈНА, а решението за признавање испити и семестри од страна на Филозофскиот факултет во Скопје е донесено во време на важење на ов ој закон, а тоа е 1.03.1995 година.

Со оглед на сето изложено, следувало Судот да одлучи како во изреката на оваа пресуда согласно член 42 став 2 од Законот за управните спорови.

5. Согласно член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Во делот на Уставот што ги уредува социјалните права, според членот 34, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. Согласно членот 35 став 1 Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Разгледувајќи ја пресудата на Врховниот суд очигледно е дека тужбата на Кирил Бошковски е одбиена како наоснована, не поради неговото уверување дека завршената школа за резервни воени старешини може да се смета како завршено више образование во високообразовните установи во Републиката,ниту, пак, за донесената пресуда била пресудна социјалната припадност на тужителот која во конкретната пресуда воопшто не се третира.

Всушност со пресудата на Врховниот суд се утврдува дека 1) лицето што ја завршило школата за резервни офицери стекнува виша стручна подготовка во смисла на распоредување на должност во вооружените сили и можност за напредување во чинови и 2) со денот на влегувањето во сила на Законот за воена академија (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/95 и 54/97) престанал да важи Законот за воените школи и за научно истражувачките установи на ЈНА (“Службен лист на СФРЈ” бр.12/79 и 43/86).

Во конкретниот случај Кирил Бошковски своето барање до Министерството за одбрана, Сектор за правни работи го поднел на 18.04.2000 година, односно во време кога престанал да важи Законот за воени школи и за научно истражувачките установи на ЈНА, што значи дека не можел да се примени член 20 од Законот за воените школи и за научно истражувачките установи на ЈНА иако смислата на овој член е дека барателот фактички можел да ја верифицира стекнатата виша стручна подготовка само доколку бил распореден на должност во вооружените сили (активен состав) и тоа во времето кога споменатиот Закон за воени школи и за научно истражувачките установи важел и се применувал.

Врз основа на изнесеното Судот утврди дека во конкретниот случај не станува збор за кршење на слободата на уверувањето, јавното изразување на мислата како ни за дискриминација по основ на социјална припадност.

6. Поради наведените причини, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7 . Со оглед на тоа што Уставниот суд со решение У.бр. 200/2003 го отфрли барањето на Кирил Бошковски за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на уверувањето, јавното изразување на мислата и забраната на дискриминација по основ на социјална припадност повредени со Решението на Министерството за одбрана бр.14/4-372/2 и Решението на Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на одбраната бр.28/ИИ -183/3, од причина што барањето не е благовремено поднесено односно во рокот предвиден во членот 51 од Деловникот, Судот не расправаше во делот од барањето што се однесува на овие решенија.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.74/2003
9 јули 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова