8/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 јули 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изменување и дополнување на Одредбите за спроведување на Детален урбанистички план за Месната заедница “Вардар” бр.07-53/11 од 28.03.2000 година, донесена од Советот на општина Кисела Вода, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Маргарита Шијакова од Скопје со Решение У.бр.8/2003 од 30 април 2003 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано беше поставено прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука има вкупно 3 члена и тоа во првиот член фактички се констатира дека се извршени изменувања и дополнувања на Одредбите за спроведување на Детален урбанистички план за Месната заедница ‘’Вардар’’.
Според членот 2 од Одлуката, текстуалниот дел на овие одредби се составен дел на Одлуката, кои не се објавуваат, а се чуваат во Министерството за урбанизам и градежништво-Подрачната единица Кисела Вода.
Членот 3 од Одлуката го регулира прашањето за нејзиното влегување во сила.
Понатаму, Судот утврди дека според текстуалниот дел на одредбите, (Елаборатот) кој е составен дел на одлуката, коефициентот на искористување на земјиштето на одредени содржини во рамките на планот, изнесува:
за станбени објекти или комплекси до 1,5
за станбено-деловни објекти или комплекси до 1,8
во зоните со деловни содржини индустрија и трговија до 2,5
во централните градски подрачја, утврдени со урбанистички план до 3,0
Во текстуалниот дел на одлуката, исто така, е утврдено дека предвидените габарити на објектите во графичките прилози на планот се ориентациони, а подетална површина за изградба на објектите ќе се утврдува со урбанистички проект, согласно закон.
Исто така, според текстуалниот дел се допушта при планирање на содржини за јавни намени и стопански дејности на нови или на постојни комплекси, на една урбанистичка парцела со урбанистички проект да можат да се планираат повеќе објекти во зависност од намената и технологијата.
5. Врз основа на документацијата доставена од Советот на општина Кисела Вода, Судот ја утврди следната фактичка состојба во врска со спроведената постапка за донесување на оспорената одлука:
Со заклучок бр.07-32/3 од 07.03.2000 година Советот на Општина Кисела Вода ја усвоил Нацрт-Одлуката за изменување и дополнување на Одредбите за спроведуање на Деталниот урбанисти-чки план за Месната заедница ‘’Вардар’’ и заклучил по истата да се спроведе јавна анкета, во рок од 15 дена од денот на објавувањето во јавните гласила.
По предметната Нацрт – одлука, како и по други 18 исти вакви одлуки, кои се однесувале за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на исто толку детални урбанистички планови за други населби, е дадено позитивно мислење од Главниот архитект на градот Скопје под бр. 18.а.458/1 од 27.03.2000 година.
Стручната ревизија на Нацртот на оваа одлука е извршена од страна на Институтот за просторно планирање, урбанизам, сообраќај и екологија на Македонија ‘’ИН-ПУМА’’ Скопје, кој има овластување за вршење на стручна ревизија.
Соопштението за организирање на јавна анкета е објавено во весникот Дневник од 11.03.2000 година.
За спроведување на јавната анкета е составен извештај во кој е констатирано дека не е поднесен приговор, односно забелешка на ниеден анкетен лист и дека по Нацртот треба да продолжи постапката за усвојување на Предлог – одлуката.
Предлогот на Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за Месната заедница “Вардар ИИ ” бил разгледан на седницата на Советот одржана на 28.03.2000 година, кога е донесена и самата Одлука, која потоа е објавена во ‘’Службен весник на град Скопје’’ бр.8/2000.
Министерството за урбанизам и градежништво, под бр.10-2245 од 30.03 2000 година има издадено согласност за спроведување на измените и дополнувањата на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план, извршени со оспорената Одлука.
6. При оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука Судот ги имаше предвид одредбите од член 8 од Уставот на Република Македонија, како и одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои што важеле во времето на нејзиното донесување, а во однос на кои истовремено и се оспорува оваа одлука.
Имено, во член 8 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македо-нија, меѓу другите, се утврдени и принципот на владеењето на правото, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата на унапредувањето на животната средина и на природата.
Според член 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/96, 28/97 и 18/99), деталниот урбанистички план содржи особено: план на намена на просторот и објектите, план на градежни парцели и површини за изградба на објекти определени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за изградба. Исто така според овој член од Законот деталниот урбанистички план мора да содржи и одредби за спроведување на планот, билансни показатели и соодветни графички прикази.
Според член 21-а од истиот Закон, при изработување на просторен и урбанистички план задолжително се применуваат урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот, кој ги донесува министерот надлежен за работите на урбанизмот.
Во однос на постапката за донесување на деталните урбанистички планови Законот пропиша неколку правила и тоа :
Во членот 17 од Законот е утврдено дека деталните урбанистички планови, како и сите други урбанистички планови, се изработуваат како нацрт и предлог на план.
По нацртот на деталниот урбанистички план по неговото утврдување се спроведува, односно организира, јавна анкета, која, пак, согласно член 18 од Законот, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена (по измените на Законот од 2001 година овој рок е скратен на 10 дена), во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата.
За времето и местото на кое ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.
За јавната анкета се изготвува извештај, со образложение за неприфатените забелешки кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување.
Во членот 20 од Законот, на кој се повикува подносител-ката на оваа иницијатива, утврдено е дека измените и дополнувањата на урбанистичките планови се врши по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку определено.
Според член 22 став 6 и 7 од Законот, урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавањето на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, а плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.
Од наведените законски одредби, како и од утврдената фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука, со која се врши изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Детален урбанистички план за Месната заедница ‘’Вардар ’’, кои се составен дел на овој план, е донесена по спроведување на севкупната постапка која е пропишана и за донесување на планот.
Меѓутоа, самиот факт дека со оспорената одлука се вршат измени и дополнувања на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за Месната заедница ‘’Вардар’’ а не на планот и дека овие измени и дополнувања се однесуваат само на текстуалниот дел, а не и на графичкиот дел на планот, за Судот е доволен основ за изразување на сомневање во нејзината согласност со Законот.
Имено, според мислењето на Судот со оспорената одлука и формално и суштински е повреден Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Прво, формалната повреда на Законот во конкретниот случај се состои во тоа што оспорената одлука е насловена како Одлука за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Детален урбанистички план, а Законот познава само донесување и изменување на урбанистички план, а не и донесување и изменување на дел на планот. Оттука, со оглед дека одредбите за спроведување на планот сами за себе не постојат, односно немаат третман на посебен акт, но се дел од деталниот урбанистички план, тие и неможат посебно, односно одвоено да се изменуваат и дополнуваат планот, надвор од постапката пропишана за изменување и дополнување на самиот урбанистички план.
Второ, имајќи предвид дека според Законот, деталниот урбанистички план содржи графички и текстуален дел, според Судот не е можно овие делови да се одвојуваат, бидејќи по правило нумеричките показатели во текстуалниот дел засегаат и податок во графичкиот дел. Тоа, со други зборови би значело дека и при секои изменувања и дополнувања на планот, планот мора содржински да ги има сите прилози, односно делови на оргинерниот план што се менува и дополнува, што не е така во конкретниот случај.
Како повреди на Законот од суштинска природа што се направени со оспорената одлука, според Судот се следните:
Со текстуалниот дел на оспорената одлука, кој е нејзин составен дел, всушност се навлегува и во другите делови, конкретно во графичкиот дел, на планот. Ова од причина што параметрите, односно нормативите и стандардите утврдени во текстуалниот дел практично се единствени нумерички, односно физички параметри, кои непосредно се однесуваат на секоја градба и се уредуваат во графичкиот дел на планот.
Со оглед дека во конкретниот случај со оспорената одлука не се извршени измени и на графичкиот дел на Деталниот урбанистички план за Месната заедница ‘’Вардар’’ фактички постои неусогласеност на податоците меѓу текстуалниот и графичкиот дел на овој план, односно овие податоци меѓусебно се спротивставени.
Од друга страна, стандардите и параметрите за коефици-ентот на искористување на земјиштето и процентот за изграденост на локацијата утврдени во Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот се користат при планирањето и важат за изготвувачот на планот, а не за органите што го спроведуваат планот, поради што тие и не можат да бидат предмет на уредување со одредбите за спроведување на планот.
Понатаму, со текстуалниот дел на оспорената одлука всушност се врши делегирање на правото на планирање од Советот на општината Кисела Вода на подрачната единица на Министерството за урбанизам, бидејќи се допушта планираните габарити на објектите во графичките прилози на планот да се менуваат со урбанистички проект, а се допушта и бројот на објекти на една парцела да се планира со урбанистички проект, наместо со планот. Тоа практично би значело дека на овој начин се утврдуваат нови услови за градба кои не се содржани во ниеден дел од деталниот урбанистички план, односно ни во неговиот текстуален ни графички дел, што од друга страна пак значи да се гради вон уставните и законските рамки за планирање на просторот.
И на крајот, со оглед на тоа што со оспорената одлука, преку изменување и дополнување само на одредбите за спроведу-вање на Деталниот урбанистички план за Месната заедница ‘’Вардар’’ се овозможува на органот на управата надлежен за работите на урбанизмот при издавање на услови за градба да врши измена на урбанистички план вон законски утврдената постапката, Судот смета дека индиректно се повредуваат и уставно утврдените темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, како што се принципот на владеењето на правото во уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, што се операционализира и остварува на начин и постапка утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање.
7. Поради сите напред наведени причини, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот и со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, кои важеле во времето на нејзиното донесување.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.8/2003
2 јули 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова