60/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 јуни 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 157 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002 и 98/2002).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 157од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорениот член од Законот за служба во Армијата на Република Македонија била нарушена концепцијата на системот на плати и надоместоци на плати на воените старешини која е утврдена со одредбите од членовите 144 до 163 од овој закон, бидејќи се предвидувало само за офицерите со генералски чинови покрај додатоците на основната плата да можат да добиваат и посебен додаток на платата заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата, а такви стручни работи вршеле и други офицери кои биле поставени на командни должности во Армијата. Воедно, посебниот додаток на платата со оспорениот член од Законот, само бил определен со вреднување на бодови од 50 до 800, според висина на износот кој го утврдувал министерот за одбрана, меѓутоа, со Законот не биле определени критериумите врз основа на кои министерот би го утврдувал овој додаток. Од овие причини иницијаторот смета дека со оспорениот член од Законот се повредуваат членовите 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 3 и 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 157 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија е предвидено офицерите со генералски чинови , покрај додатоците на основната плата од членовите 150 до 154 на овој закон, можат да остварат право и на посебен додаток заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата.
Додатокот од ставот 1 на овој член се вреднува во бодови во зависност од чинот и тоа од 50 до 800 бода.
Висината на износот на додатокот од став 2 на овој член го утврдува министерот за одбрана.
4. Според членот 28 од Уставот, одбраната во Република Македонија е право и должност на секој граѓанин и остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.
Врз основа на членот 79 став 2 и 3 од Уставот, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија и претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Со членот 122 од Уставот е утврдено дека вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката.
Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Членот 1 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр. 42/2001 и 5/2003) утврдува дека одбрана-та на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката. Одбраната ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија. Со овој Закон се утврдуваат надлежностите во остварувањето на одбраната, на претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата, како и надлежностите на Министерството за одбрана.
Согласно членот 18 став 1 точка 11 од овој Закон, во остварувањето на одбраната, претседателот на Република Македо-нија и врховен командант на Армијата, поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали.
Според членот 20 став 1 точка 20 од овој Закон, Министерството за одбрана поставува, унапредува и разрешува воени старешини на должности за кои е предвиден чин од мајор до полковник.
Со овој закон е определено во членот 26 став 1 точка 18, дека Генералштабот на Армијата поставува, унапредува и разрешува професионални војници и воени старешини заклучно со чин капетан.
Законот за одбрана во системското уредување на прашањата од сферата на одбраната, поаѓајќи од изнесените уставни норми, јасно ги определил надлежностите на органите на државната власт односно на претседателот на Републиката и на Министерството за одбрана, и статусот на Армијата како вооружена сила на сите граѓани на Републиката заради остварување на уставната функција за одбраната на земјата. Во тие рамки со Законот е определено дека оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана, со кое раководи началник кој го поставува и разрешува претседателот на Републиката и началникот на Генералштабот на Армијата му одговара на претседателот на Републиката и на министерот за одбрана.
Следствено на овој законски концепт, предмет на уредување со Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002 и 98/2002) е статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата во служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.
Системот на плати и надоместоци на плати на воените лица е уреден во главата ЏИ од Законот, со членовите од 144 до 163.
Според овие одредби од Законот се утврдува дека платата се состои од основна плата и додатоци на основната плата. Основната плата се определува според чинот, должноста на военото лице, работното искуство и армискиот додаток, кои елементи во целост се утврдени со Законот.
Додатоците на основната плата ги сочинуваат: додаток за вршење специфична воена служба, додаток за вршење служба со висок ризик, додаток за вршење трупна служба, додаток за посебен степен на образование и додаток за застапување, при што во Законот се определува максимален број на бодови во чија висина додатоците можат да се движат. Согласно член 155 од Законот, овие посебни специјалности во вршењето на служба од особено значење за Армијата, работните места (должности) и висината на износот на додатокот на основната плата, на предлог на началникот на Генералштабот на Армијата, со правилник ги утврдува министерот за одбрана.
Во рамките на вака нормираниот систем на плати и надоместоци на плати, со Законот за служба во Армијата на Република Македонија во членот 157 е предвидено и право офице-рите со генералски чинови, покрај додатоците на основната плата од членовите 150 до 154 на овој закон, да можат да остварат право и на посебен додаток заради вршење на стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата, кој се вреднува во бодови во зависност од чинот и тоа од 50 до 800 бода, а висината на износот на додатокот го утврдува министерот за одбрана.
Од анализата на оспорениот член од Законот произлегува дека само за одредената категорија на воени лица односно за офицерите со генералски чинови, кои согласно со закон ги поставува и разрешува претседателот на Републиката, се предвидува покрај правото на основната плата и додатоците на основната плата да остварат и друго право односно право на посебен додаток, но само како можност истиот да се реализира во законска рамка од 50 до 800 бода, по оцена на министерот за одбрана кој е надлежен да ги донесува сите решенија за плати и надоместоци на плати на воените и цивилните лица на служба во Армијата (согласно член 182 и член 251 став 1 точка 20 од Законот).
Според членот 158 од овој Закон, вредноста на бодот за плата на професионалните војници и воени старешини претставува количникот меѓу месечните вкупни средства наменети за плати и надоместоци на плати за професионалните војници и воени старешини обезбедени од Буџетот на Републиката и вкупниот број бодови за плата и надоместоци на плата на професионалните војници и воени старешини.
Поаѓајќи од уставната определба во членот 32 став 5 од Уставот, дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, Судот оцени дека право на законодавецот е да ги утврдува правата и обврските и на лицата во служба во Армијата на начин и под услови кои тој ќе ги определи со законот, Па оттука и правото кое го утврдил со оспорениот член од Законот само за офицерите со генералски чинови и под определени со законот услови, е законска материја која во случајов тоа прашање го регулирала како посебно право. Воедно, ова право може да се оствари врз одредени критериуми односно во зависност од чинот и даден лимит на бодови во износ кој со законот е овластен министерот да го определи, па со оглед на овие елементи кои се содржани во оспорениот член од Законот, не може да се постави прашањето за неговата согласност со одредбите од Уставот на Република Македонија.
Имено, оспорениот член од Законот воопшто не го нарушува системот на плати и надоместоци на плати кој е утврден со одредбите од Законот за служба во Армијата со тоа што предвидува посебно и исклучиво право на посебен додаток само за одредена категорија на воени лица, со оглед на тоа што диференцијацијата на воените должности и одговорности за различните категории на воените лица го детерминира и соодветното законско нормирање на правата, на начин и под услови кои законот ќе ги утврди. Со ваквата законска определба, според Судот, воопшто не се повредени уставните принципи на владеење на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите предвидени со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот, и наполно е во согласност со определбата секој вработен да има право на соодветна заработувачка, и остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори, како што е утврдено со член 32 став 3 и 5 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 60/2003
25 јуни 2003 год.
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова