У.бр.13/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста и законитоста на Уредбата за организирање, подготвување и извршување на активностите и задачите на цивилната заштита во воена состојба и за формирање и подготвување на единиците и штабовите на цивилната заштита („Службен весник на РМ“ бр.51/92).

2. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.13/2001 од 26 февруари 2003 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение, бидејќи пред Судот основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија на 31 март 2003 година донела Уредба за организирање, подготвување и употреба на силите на цивилната заштита. Во членот 58 од оваа Уредба е уредено дека со денот на влегувањето во сила на оваа Уредба престанала да важи Уредбата за организирање, подготвување и извршување на активностите и задачите на цивилната заштита во воена состојба и за формирање и подготвување на единиците и штабовите на цивилната заштита.

4. Со оглед на тоа што Уредбата означена во точката 1 од ова решение престанала да важи, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за натамошно водење на постапката и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.13/2001-а
23 април 2003 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов