У.бр.138/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Законот за изменување и дополнување на Законот за девизното работење (“Службен весник на Република Македонија” бр. 54/02).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Маријана Миланова од Скопје со Решение У.бр.138/2002 од 19 март 2003 година поведе постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со одредбите од Уставот.

4. Судот на седницатаа утврди дека според член 1 од оспорениот закон, во Законот за девизно работење (“Службен весник на Република Македони ја” бр.34/01, 49/01 и 103/01) во членот 2 став 26 се додава нова точка 2 која гласи: “2. трансфер на пари и”, а по ставот 27 се додава нов став 28 според кој трансфер на пари претставува пренос на пари уплатени од едно лице во една земја и прием на парите од друго лице во друга земја, независно дали преносот е од или кон Република Македонија, при што истиот се врши преку банка.

Со членот 2 од оспорениот закон се додава нов член 28а со кој се уредува прашањето за трансферот на пари. Така, според ставот 1, трансфер на пари вршат овластени банки и резиденти овластени за вршење на трансфер на пари, според ставот 2 од овој член, за вршење на трансфер на пари, резидентите од ставот 1 треба да добијат дозвола од Народната банка на Република Македонија. Според став 3 од овој член, резидентите од ставот 2 склучуваат договор со други резиденти кои од името и за сметка на резидентот од ставот 2 на овој член го вршат трансферот на пари, според ставот 4 од овој закон, трансферот на пари се врши во висина на износот утврден од страна на Владата на Република Македонија согласно со членот 29 став 1 на овој закон, а според ставот 5 од овој закон, Народната банка на Република Македонија ги пропишува условите, начинот и критериумите за добивање на дозвола за вршење на трансфер на пари.

Според членот 3 од оспорениот закон, во членот 45 став 1 по штедилниците се додаваат и резиденти овластени за вршење на трансфер на пари, а со член 4 се додава нов член 54а, според кој одговорното лице во правното лице кое врши трансфер на пари без дозвола од Народната банка на Република Македонија, ќе се казни со казна затвор од три месеци до три години.

Со членот 5 од оспорениот закон се санкционира вршењето на трансфер на пари без одобрение, а одредбите на членовите 6 и 7 од оспорениот закон се од преоден и завршен карактер.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законит е се еднакви.

Согласно член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Според член 60 став 2 од Уставот, Народната банка е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство.

Со Законот за Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 3/02) се уредува работењето и организацијата на Народната банка. Со членот 10 од овој закон се утврдени функциите на Народната банка, а според член 31 од Законот, за обезбедување и одржување на сигурен и стабилен банкарски систем, почитувајќи ги меѓународните стандарди, Народната банка донесува одлуки и пропишува методологии и стандарди. Како од наведените, така и од другите одредби на овој закон со кои се уредуваат односите на Народната банка со банките и штедилниците, произлегува дека трансферот на пари претставува банкарска работа која можат да ја вршат само банки кои од Народната банка добиле овластување за вршење на платен промет и кредитни работи со странство.

Со Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија” бр. 63/00 и 37/02) се уредува основањето, работењето, супервизијата и престанокот на работењето на банките. Со одредбите на овој закон, а особено со членовите 3, 5, 45, 46, 77, 81 и 82, се уредуваат прашањата за тоа кој може да извршува банкарски работи, се конкретизираат финансиските активности што може да ги врши соодветна банка, како и надзорот на работењето на банката и контролата на законитоста во работењето на правни и физички лица. Во таа смисла, изрично е утврдено дека банката се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија која добила дозвола од Народната банка да извршува банкарски работи (член 3 став 1 од Законот) и дека платен промет со странство, кредитни и гаранциски работи со странство, тргување со девизни средства и извршување на девизни трансакции, како финансиски активности, меѓу другите, може да ги врши само банка основана со капитал од 9.000.000 ЕВРА (член 46 став 1 точка 1, 2 и 5 од Законот).

Со Законот за девизното работење (“Службен весник на Република Македонија” бр. 34/01, 49/01 и 103/01), меѓу другото, се уредуваат прашањата за тековните и капиталните трансакции, к ако и плаќањата и трансферите. Така, со членовите 26, 27 и 28 од овој закон, кои одредби инаку не се предмет на оспорениот закон, се уредуваат прашањата за платниот промет со странство, готовинското плаќање и плаќањето и трансфери на средства врз основа на капитални трансакции. Имено, според член 26 од Законот, платниот промет со странство го вршат банки, овластени од Народната банка за вршење на платен промет со странство, а за потребите на Републиката платниот промет со странство го врши Народната банка. Според член 27 став 1 од Законот, резидентите кои се трговски друштва, трговци поединци и подружници на странски правни лица во Република Македонија, можат да вршат плаќања и наплати во ефективни странски пари во трансакциите со нерезидентите на начин и под услови кои ги пропишува Народната банка.

Согласно член 28 став 1 од Законот за девизното работење, реализацијата на плаќања и трансфер на средства, врз основа на капитални трансакции е слободна, доколку се работи за трансакција која е склучена, пријавена и регистрирана во согласност со овој закон и доколку се намирени сите обврски врз основа на даноци и придонеси спрема Република Македонија. Според ставот 2 од овој член, како плаќање или трансфер на средства од став 1 на овој член се смета преносот на средства за реализација на капитални трансакции, за остварување на право на инвеститорот врз основа на учество во добивка или остаток на имот, по извршен стечај или ликвидација на правното лице во кое инвестирал. Овластената банка, според ставот 3 од овој член, не смее да го реализира налогот за плаќање во странство, односно да му овозможи на корисникот располагање со приливот од странство, ако е во спротивност со став 1 од овој член.

Со Законот за спречување на перење пари (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/01) се уредуваат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари, како и организирањето и контролата на нивната примена. Така, според член 7 од овој закон, мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари, се однесуваат на сите активности кои се преземаат при вршење на одредено занимање, професија или дејност во случаи на располагање со пари или имот кои може да се користат за перење пари, меѓу кои се: приемот и подигањето на парични депозити; сите видови вложувања и трансакции и сите видови и начини на трансфери на пари.

Трансферот на пари дефиниран како пренос на пари уплатени од едно лице во една земја и прием на парите од друго лице во друга земја, независно дали преносот е од или кон Република Македонија, во постојното законодавство на Република Македонија посебно не е уредено прашање се до донесувањето на оспорениот закон. Тргнувајќи од тоа, подносителот на иницијативата решенијата содржани во оспорениот закон, а кои исклучиво се однесуваат на трансферот на пари, ги спротивставува на постојните закони од областа на финансиите, поконкретно на банкарскиот систем. Притоа, укажува на повреда на уставните принципи за еднаквоста на граѓаните и еднаквата правна положба на субјектите на пазарот. Судот во претходната постапка, оценката на оспорениот закон ја прошири и од аспект на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Тргнувајќи од анализа на содржината на напред наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека банкарскиот систем е еден од фундаменталните столбови на државата, во кој посебно нагласено место, според Уставот, има Народната банка на Република Македонија, дека во функциите на Народната банка не спаѓа лиценцирање на правни и физички лица кои не се банки или штедилници да извршуваат банкарски работи, и дека финансиски активности на платен промет со странство, кредитни и гаранциски работи со странство, тргување со девизни средства и извршување на девизни трансакции, може да вр ши само банка основана со капитал од 9.000.000 ЕВРА, која од Народната банка добила овластување за вршење на платен промет и кредитни работи со странство. Понатаму, неспорно е дека во практиката постои нелегален трансфер на пари, но со неговата легализација со оспорениот закон, се појавува можност од паралелен платен промет во државата и паралелен платен промет со странство, се отежнува, ако не и оневозможува контролата на приливот и одливот на девизи, односно контрола во земјата од аспект на обврските према државата и може да се доведе во прашање довербата во постојниот банкарски систем.

Според мислењето на Судот, мотивите за промените во Законот за девизното работење не се спорни и се во функција на надминување на крутото работење на деловните банки и овозможување на брз трансфер на пари, меѓутоа, решенијата содржани во оспорениот закон се неконзистентни и неможат да се вклопат во постојниот систем, предизвикувајќи конфликти како со централната, така и со деловните банки. Имено, на Народната банка на Република Македонија, спротивно на Уставот и на Законот за Народната банка, и се определуваат нови функции (давање на дозволи за трансфер на пари и вршење на контрола на лицата што ќе го вршат трансферот) што е надвор од стандардното работење на една централна банка. Исто така, овозможувајќи секој да се вклучи во платниот промет, преку трансферот на пари, се создава конфликт со Законот за банките, според кој такви финансиски активности може да врши само банка основана со капитал од 9.000.000 евра. Според тоа, оспорениот закон содржи решенија спротивни на постојните закони за банкарскиот систем и нивното неотстранување доведува до слабеење на принципот на владеење на правото, со нив се повредува самостојноста и одговорноста на Народната банка на Република Македонија, а со неопфаќањето на штедилниците и банките со цензус помал од 9 милиони евра, се нарушува принципот на еднаквост на субјектите на пазарот.

Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, воведувањето на системот на трансфер на пари содржан во оспорениот закон, во услови кога тоа прашање не е уредено или поинаку е уредено со постојните закони, значи нарушување на уставниот принцип на владеење на правото, се повредува самостојноста и одговорноста на Народната банка и принципот на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, поради што Судот оцени дека Законот за изменување и дополнување на Законот за девизното работење не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков, д-р Стојмен Михајловски и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.138/2002
23 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов