Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 15 април 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 24/2000) и на членовите 147 и 150 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/93).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 24/2000).
3. Филип Котели и Борис Стојаноски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите означени во точките 1 и 2 од ова решение затоа што со нив се повредувал основниот принцип за недискриминација на граѓаните пред Уставот и законите, што со Уставот не била предвидена можност за ограничување или исклучување на правото на граѓанинот да ја прима заработената плата и што се повредувало уставното право на граѓаните на социјална сигурност, поради што оспорените законски одредби не биле во согласност со членовите 9, 34, 35 и 54 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека со член 27 од Законот се уредува начинот на определувањето на најниската старосна пензија и тој е – од просечната плата во нестопанството во државата остварена во претходната година се утврдува 40%, 37% и 34% зависно од должината на работниот стаж на осигуреникот и тој износ се исплатува од 1 јануари 1997 година (пред тоа, најниската старосна пензија се утврдуваше од просечната плата во стопанството и нестопанството на државата остварена во претходната година и од тој износ 60%, 55% и 50% зависно од должината на работниот стаж на осигуреникот).
Понатаму, Судот утврди дека со член 28 од Законот се уредува начинот на определувањето на највисоката старосна пензија и тој е – од просечната плата во нестопанството во државата остварена во претходната година се утврдува 80% и се зголемува за 2,7 пати, што се исплатува од 1 јануари 1997 година (пред тоа, највисоката старосна пензија се утврдуваше од просечната плата во стопанството и нестопанството на државата остварена во прет-ходната година и од тој износ 80% зголемен за 4 пати).
Исто така, Судот утврди дека со одредбите од членовите 147 и 150 од Законот се уредува начинот на доставувањето на пензиите, при што се определува дека на осигурениците кои живеат во Република Македонија пензиите им се доставуваат од Фондот, а на оние кои живеат или се иселени во странство пензиите им се исплатуваат таму доколку тоа е така уредено со меѓународен билатерален договор, доколку постои реципроцитет во практиката иако нема меѓународен договор и доколку материјалната положба и оправданоста на иселувањето се такви Фондот пензијата да ја исплатува таму.
5. Според член 34 од Уставот, “граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.”
6. Од изнесената уставна одредба, во врска со оспорените членови 27 и 28 од Законот, произлегува дека законодавецот има уставен основ да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните,па законското спуштање на основицата на најниската и највисоката старосна пензија е движење на законодавецот во рамките на неговите уставни овластувања во оваа сфера. Притоа, со таквите норми е обезбедена еднаквоста меѓу граѓаните за иднина, а нееднаквоста која настанува како последица на различни правни решенија донесени во различен временски период е делокруг на Парламентот, не на Уставниот суд (во прашање е однос закон – закон) и е прашање на извршување на закон, што исто така не е делокруг на Уставниот суд.
Од тие причини, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување уставноста на член 28 од Законот, а во однос на член 27 од Законот, одлучи да ја отфрли иницијативата со оглед дека таа одредба веќе беше оценувана од наведениот аспект и сега нема основи за поинакво одлучување.
7. Од изнесената уставна одредба, во врска со оспорените членови 147 и 150 од Законот, произлегува дека законодавецот е овластен да го уреди и начинот на исплатата (доставувањето) на пензијата до граѓанинот-пензиски осигуреник. Притоа, начинот на кој е уредена таа материја со оспорените одредби не создава нееднаквост помеѓу граѓаните кои се во иста правна положба (во Република Македонија им се доставува на сите; вон Република Македонија им се доставува на оние каде со меѓународен договор или со реципроцитет е тоа предвидено или практикувано; ако, пак, нема таква уреденост, тие лица се во поинаква правна положба отколку оние во странство каде има уреденост;…). Исто така, нема ограничување на правата на граѓаните, ниту повреда на нивната социјална сигурност, бидејќи им стојат на располагање сите други облици на прием на нивната пензија а кои не се обврска на Фондот (државата).
Поради тоа, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување уставноста на членовите 147 и 150 од Законот.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.
У. бр. 46/2002
15 април 2003 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов