21/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 8 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 115 став 1 точка 6 од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” ; бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98, 25/2000, 34/2000, 3/2001 и 50/2001).
2. Вера Тодоровска од Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од законот било предвидено работниот однос на работникот да му престане со отказ од страна на работодавецот ако поради болест или оправдани причини отсуствува од работа а за тоа во рок од 24 часа не го извести работодавецот. Меѓутоа со ваквата законска одредба граѓаните биле ставени во нерамноправна положба спротивно на определбите во Уставот, бидејќи во судските спорови биле принудени да докажуваат дека во критичните моменти на болест, за своето отсуство од работа не можеле лично да го известат работодавецот туку посредно преку други лица, а судовите оспорената одредба ја толкувале дека известувањето требало да биде лично од вработените лица кои отсуствувале.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 115 став 1 од Законот за работни односи е предвидено работниот однос на работникот му престанува со отказ од страна на работодавецот поради кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа, набројувајќи во 10 точки од кои причини работниот однос престанува со отказ, меѓу кои во точката 6 која е оспорена, е предвидено ако “поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 24 часа не се извести работодавецот”.
4. Уставот на Република Македонија во членот 9 став 2 утврдил дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.
Во ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” ; бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98, 25/2000, 34/2000, 3/2001 и 50/2001), во членот 1 е утврдено дека со овој закон се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос.
Според членот 2 од овој закон, работниот однос се уредува со овој или друг закон и колективен договор.
Во уредувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос, Законот со одредбите од глава ВИИ , го регулирал престанокот на работен однос по повеќе основи, и тоа по спогодба, по истекот на времето за кое е заснован работниот однос, по сила на закон, со отказ, поради економски, технолошки, структурални и слични промени и со отказ по потреба на службата.
Членот 115 од Законот, во кој е содржана оспорената одредба од став 1 точка 6, се однесува на престанокот на работниот однос со отказ, и според содржината на оваа законска одредба работниот однос на работникот му престанува со отказ од страна на работодавецот поради кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа ако поради билест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 24 часа не се извести работодавецот, меѓутоа начинот на известувањето за отсуство од работа поради овие причини во определениот рок, не е определен дека исклучиво треба да биде непосредно од работникот кој отсуствува од работа или посредно преку друг.
Исто така, неспорно е дека со оспорената законска одредба се пропишува определена обврска на работникот која произлегува од работен однос и право на работодавецот со отказ да го прекине работниот однос на работникот поради неизвршување на пропишаната обврска. Овие права и обврски од работен однос се утврдени со закон, еднакво се однесуваат за сите вработени лица и со ништо не се доведува во прашање рамноправната положба на граѓаните.
Со оглед на тоа а имајќи ги во предвид изнесените уставни норми, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за несогласност на оспорената одредба од Законот со Уставот.
Исто така, во однос на наводот во иницијативата со кој се приговара на неправилна примена на оспорената одредба од Законот од страна на надлежните судови, Уставниот суд не е надлежен да ја цени нејзината примена.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од пре тседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.21/2003
8 април 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов