79/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 23 став 1 од Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/97 и 16/2000).
2. Здружението на граѓани ПОЛИО-ПЛУС-пост полио група за поддршка од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 23 став 1, а во врска со членовите 21 и 22 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот биле несогласни со Уставот, затоа што правото на постојана парична помош го условуват со едновремено кумулативно исполнување на два услови: 1) лицето да е неспособно за работа и 2) лицето да нема приходи или неговите приходи по сите основи, како приходи на целото семејство, да бидат помали од постојаната парична помош утврдена со овој закон.
Ваквото кумулативно предвидување на условите за примање на постојана парична помош, посебно условувањето на истата со висината на приходите во целото семејство, не кореспондирало со уставно загарантираното право на помош на немоќни и неспособни за работа граѓани, со грижата за социјална заштита и сигурност, ниту со начелото на социјална правичност, затоа што овие права Уставот му ги гарантирал на поединецот.
3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот член 23 став 1 за социјално необезбедно лице, во смисла на овој закон, се смета лице кое нема приходи или чии приходи, по сите основи, како приход на целото семејство, се помали од постојаната парична помош утврдена со овој закон.
Исто така, Судот утврди дека согласно членот 21 од Законот Право на постојана парична помош има лице неспособно за работа и социјално необезбедно, кое не може да обезбеди средства за својата егзистенција врз основа на други прописи и дека согласно членот 22 став 1 алинеја 1 од Законот неспособно за работа во смисла на овој закон се смета лице со умерени, тешки и најтешки пречки во психичкиот развој, кое заради степенот на попреченоста не може да се стекнува со образование, како и лице кое по развојниот период стекнало инвалидност, поради која е неспособно за работа (овие два члена, подносителот на иницијативата не ги оспорува туку ги поврзува со оспорениот член 23 став 1 од Законот).
4. Согласно член 34 од Уставот на Република Македонија граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.
Согласно ставот 1 на член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Во ставот 2 на овој член од Уставот е предвидено дека Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани.
Според ставот 3 на овој член од Уставот, Републиката им обезбедува заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Од содржината на наведените уставни одредби произлегува дека: Републиката им го обезбедува правото на граѓаните на социјална сигурност условувајќи ова право да биде утврдено со закон и колективен договор; Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните повикувајќи се на начелото на социјална праведност кое, како такво, без поблиско определување за негово реализирање, е предвидено во членот 8 став 1 алинеја 8, како една од темелните вредности на Уставот; Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани како поединци; Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека во остварувањето на економските и социјалните права на граѓаните, Уставот употребува различна теминологија: “гарантира”, “се грижи” и “обезбедува” и дека сите овие термини имаат различен интензитет во остварувањето на економските и социјалните права на граѓаните.
Во оваа констелација на односи, за Судот е битно што Уставот упатува прашањата од областа на социјалната сигурност на граѓаните да се уредат со закон.
Врз таа основа е донесен и Законот за социјална заштита (“Службен весник на РМ” бр.50/97 и 16/2000).
Со овој закон, законодавецот ја предвидува државата како основен носител на социјалната заштита на граѓаните и обезбедува услови за нејзино остварување (член 1 став 1).
Согласно ставот 2 на овој член од Законот, државата го воспоставува системот на социјална заштита и го овозможува неговото функционирање, обезбедува услови за вршење на социјално заштитната дејност и развива форми на самопомош.
Дејноста од социјалната заштита, согласно членот 3 од овој закон е од јавен интерес.
Социјалната заштита, согласно членот 4 од овој закон, е организирана дејност од страна на државата за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот, семејството и групи население во текот на животот.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека Законот за социјална заштита ги решава сите прашања сврзани со правото на социјалната сигурност на граѓаните, нивната социјална заштита, го решава правото на помош на немоќните и неспособните за работа граѓани и им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот, поради што оцени дека не држи наводот во иницијативата според кој одредбите од член 23 став 1 во однос на одредбите од членовите 21 и 22 став 1 од овој закон меѓу себе не кореспондираат, а уште помалку дека истите се несогласни со Уставот.
Посебно, Судот се осврна на прашањето дали примањето на парична помош на лицето кое ги исполнува критериумите предвидени за тоа, треба да се условува со висината на приходите на целото семејство или, пак, тоа е индивидуално право на хендикепираното лице, независно од тоа од какво семејство потекнува.
Според Судот, условувањето на примањето на парична помош на хендикепираното лице со приходите во неговото семејство е согласно со Уставот, поради следното:
Согласно членот 2 од Законот за семејството (“Службен весник на РМ” бр.80/92 и 9/96) семејството е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство.
Согласно членот 3 од овој закон, односите во семејството се засноваат врз рамноправност, заемно почитување, меѓусебно помагање и издржување и заштита на интересите на малолетните деца.
Во членот 11 став 1 од овој закон е предвидено дека издржувањето е право и должност на родителите, на децата и на другите роднини утврдени со овој закон, како и на лицата кои живеат во брачна и вонбрачна заедница.
Согласно ставот 2 на овој член од Законот, доколку издржувањето не може да се оствари од лицата од став 1 на овој член, на необезбедените членови од семејството, Републиката им обезбедува средства, под услови определени со закон.
Во случајов, тие услови се определени со Законот за социјална заштита.
Од изнесените одредби од Законот за семејство, според Судот, недвосмислено произлегува дека статусот на хендикепираното лице треба да се гледа во контекст на неговото семејство, во смисла што истото ќе добива постојана парична помош, кога е неспособно за работа и кога е социјално необезбедено, односно кога приходите на семејството не се на задоволително ниво, и обратно.
Со ваквиот начин на регулирањето на паричната помош не се повредува Уставот, од причина што граѓанинот како поединец ниту според Уставот ниту според Законот не може да се гледа одвоено туку во контекст на неговото семејство во кое владеат односи на меѓусебно помагање и издржување.
Со други зборови, хендикепираното лице ќе го оствари своето право на парична помош како поединец, но во контекст на неговото семејство, поради што, Судот оцени дека, не може основано да се постави прашањето за согласноста на Законот за социјалната заштита со Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова ре шение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.79/2002
26 март 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов