193/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште на територијата на Општина Велес, донесена од Советот на Општина Велес на 26 мај 2000 година и на 25 април 2001 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Решението бр.1803-646/47 од 28 март 2002 година донесено од Одделението за комунални работи, урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина при Општина Велес.

3. Трговското друштво за производство и обработка на тутун “СОКОМАК БИТОЛА” – АД Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во то?ката 1 од ова решение. Иницијаторот наведува дека оспорената одлука била донесена врз основа на членовите 44 и 45 од Законот за градежното земјиште кој престанал да важи, поради што таа не била во согласност со Законот за градежното земјиште. Понатаму во иницијативата се наведува дека корисниците на објектите од инфраструктурата плаќале надоместок секој месец за канализација, за вода, за фрлањето на сметот и др. давачки во износи кои ќе ги одредат советите на општините врз основа на доставе ната Програма за работа на комуналните претпријатија, во која Програма се опфатени сите трошоци што ги имаат комуналните претпријатија за одржување на објектите од инфраструктурата со кои стопанисуваат. За користење на градежното земјиште плаќале надоместок преку данокот на имот кој се плаќа годишно преку Министерството за финансии. Поради тоа иницијаторот смета дека давачката определена со оспорената одлука не била во согласност со член 33 од Уставот. Исто така, во иницијативата се наведува дека оспореното решение кое е донесено врз основа на оспорената одлука не било во согласност со Законот за градежното земјиште. На крајот, иницијато-рот бара до конечната одлука, Судот да донесе времена мерка забрана за присилна наплата на паричното побарување определено со оспореното решение, со цел да не дојде до блокирање на сметката на подносителот на иницијативата и предизвикување на штета.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 17 точка 4 од Законот за локалната самоуправа и членовите 44 и 45 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 18/89 и 21/91), Советот на општината Велес донесол Одлука за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште на територијата на Општина Велес, со која се утврдува обврска за плаќање на надоместок за употреба на градежното земјиште на подрачјето на Општина Велес, висината и роковите на плаќање и начинот на пресметување на овој надоместок.

Судот, исто така, утврди дека Одделението за комунални работи, урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина при Општина Велес донело Решение со кое корисникот “СОКОМАК” АД Битола се задолжува за плаќање надоместок за употреба на градежно земјиште за цела 2002 година во вкупен износ од 291.540,00 денари и тоа за деловен простор и деловно земјиште.

5. Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 17 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95), кој согласно член 96 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.5/2002) продолжува да се применува до усогласувањето на посебните закони со кои се уредуваат прашањата од надлежност на општините, но најдоцна до 31 декември 2003 година, единиците на локалната самоуправа самостојно донесуваат програма за уредување на градежното земјиште, вршат работи на уредување и употреба на градежното земјиште во согласност со закон и утврдуваат зони и собираат земјишна такса во согласност со закон.

Од наведеното произлегува дека единиците на локалната самоуправа вршат работи на уредување и употреба на градежното земјиште и утврдуваат зони и собираат земјишна такса во согласност со закон.

Законот за градежното земјиште кој престана да важи содржеше посебни глави кои се однесуваа на уредувањето и на употребата на градежното земјиште.

Така во делот од овој закон кој се однесуваше на употребата на градежното земјиште односно во членот 44 беше утврдено дека собранието односно советот на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Со одлука се утврдува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот. Надоместокот го плаќа непосредниот корисник на земјиштето, а како непосреден корисник се смета носителот на правото на користење на недвижности и нивниот сопственик.

Оттука произлегува дека надоместокот за употреба на градежното земјиште како јавна давачка беше утврдена со Законот за градежното земјиште.

Законот за градежното земјиште од 2001 год. концепциски е поставен на сосема поинакви основи од претходниот закон. Имено, за разлика од поранешниот закон според кој градежното земјиште единствено беше на Републиката, според постојниот закон градежното земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и на домашни физички и правни лица под услови утврдени со овој и друг закон. Носителот на правото на сопственост на градежното земјиште може земјиштето да го отуѓи и даде под долготраен и краткотраен закуп. Градежното земјиште во сопственост на Република Македонија може да се отуѓи, да се даде под концесија и под закуп.

Врз основа на изнесеното, произлегува дека според постојниот Закон за градежно земјиште, градежното земјиште може да биде во сопственост или пак за него да се плаќа закуп. Оттука, овој закон содржи одредби за уредувањето на градежното земјиште, меѓутоа не содржи одредби за употреба на градежното земјиште. Имено, ако се има предвид дека според Законот, градежното земјиште е во сопственост или, пак, за него се плаќа закуп, надоместокот за употреба на градежното земјиште како јавна давачка не е уреден со овој закон.

Тргнувајќи од фактот дека надоместокот за употреба на градежното земјиште како јавна давачка не е утврдена со закон, Судот смета дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со членот 33 од Уставот.

6. Што се однесува до делот од иницијативата кој се однесува на Решението бр.1803-646/47 со кое корисникот СОКОМАК АД Битола се задолжува за плаќање надоместок за употреба на градежно земјиште, Судот оцени дека ова решение е поединечен акт за кој согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува. Поради тоа согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот Судот оцени дека иницијативата во овој дел треба да се отфрли.

Со оглед на тоа што Судот оцени дека треба да ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Решението бр.1803-646/47, Судот оцени дека нема основа да донесе решение со кое ќе го запре извршувањето на ова решение.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во сос тав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.193/2002
26 март 2003 година
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов