У.бр.200/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Кирил Бошковски од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на уверувањето, јавното изразување на мислата и забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Кирил Бошковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата означени во точката 1 од ова решение, за кои што смета дека му биле повредени со Решението бр.14/4-372/2 од 3.08.2001 година од Министерството за одбрана, како и Решението бр.28/ ИИ -183/3 од 17.10.2001 година од Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на одбраната на Владата на Република Македонија.

Во барањето се наведува дека именованиот во 1998 година завршил Школа за резервни официри во Билеќа, со што се стекнал со вишо воено образование и за тоа има приложено диплома.

По распаѓањето на СФРЈ и осамостојувањето на Република Македонија, како независна и самостојна држава тој до Министерството за одбрана поднел барање стекнатиот степен на образование, односно стручна подготовка, да му се верифицира, односно признае и во Република Македонија.

Меѓутоа, со напред наведеното решение Министерството за одбрана го одбило неговото барање, а жалбата изјавена против тоа решение му е одбиена како неоснована.

Подносителот смета дека и со првостепеното и со второстепеното решение тој е дискриминиран во однос на другите граѓани на Република Македонија, кои исто како и него завршиле ист степен на образование согласно истите прописи, а тоа нивно стекнато право никој не им го оспорувал, што не е случај со неговото право.

Со непризнавање на завршеното вишо воено образование, освен што е ставен во позиција да го третираат како работник, односно граѓанин со пониско образование од фактичкото, истовремено му се ограничувала и слободата на јавно изразување на неговата мисла и убедување во врска со прашањата, односно материјата за која ја стекнал дипломата.

3. Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба: Лицето Кирил Бошковски на 18.04.2000 година до Министерството за одбрана-Одделението за одбрана Кисела Вода, поднел барање за верификација на завршеното вишо воено образование – Школа за резервни офицери во Билеќа, во времето од 21.09.1988 година до 13.04.1989 година, во смисла на признавање на завршеното вишо образование во високообразовните установи на Републиката, повикувајќи се на член 20 од Законот за воените школи и научно-истражувачките установи на Југословенската Народна Армија (“Службен лист на СФРЈ” бр.12/78 и 43/86).

Одделението за одбрана Кисела Вода со Решение бр.14/4-372/2 од 3.08.2001 година го одбило барањето на именуваниот со образложение дека според член 20 став 4 од споменатиот Закон, лицето кое завршило школа за резервни офицери стекнува виша воена стручна спрема во смисла на распоредување на должности во вооружените сили и можности за унапредување во чинови, според кој со завршувањето на школата за резервни офицери лицето не се стекнало со вишо образовние кое се добива во високообразовните установи на Републиката, но се стекнува со виша стручна подготовка во смисла на распоредување на должности во вооружените сили и можност за унапредување во чинови. Понатаму првостепениот орган образложува дека лицето кое ја има завршено Школата за резервни офицери станува резервен офицер и се распоредува во резервниот состав на Армијата.

Незадоволен од решението на Одделението за одбрана, именуваниот изјавил жалба до Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на одбрната на Владата на Република Македонија, по што Комисијата разгледувајќи го решението по повод изјавената жалба истата ја одбила како неоснована со Решение бр. 28/И -183/3 од 17.10.2001 година, констатирајќи притоа дека првостепениот орган правилно постапил кога врз основа на расположивите докази го одбил барањето на именуваниот, притоа во целост потврдувајќи ги наводите во првостепеното решение.

Именованиот, во рок од 30 дена од денот на приемот на решението на Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на одбраната на Владата на Република Македонија, поднел тужба за поведување на управен спор пред Врховниот суд на Република Македонија.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување, политичкото здружување и дејствување и забрана од дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од денот на неговото преземање.

Согласно член 68 од Деловникот, а во врска со примената на член 28, исто така, од Деловникот, Уставниот суд ќе го одбие барањето за заштита на слободите и правата ако не е надлежен да одлучува или ако постојат други процесни пречки за одлучување по барањето.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, а со оглед на фактот што од денот на приемот на решението на Комисијата за решавање во втор степен на Владата на Република Македонија, со кое е одбиена жалбата изјавена против решението на Министерството за одбрана, до поднесувањето на барањето за заштита поминале повеќе од 2 месеци, Судот утврди дека ова барање не е поднесено благовремено, односно во рокот предвиден во членот 51 од Деловникот, поради што постојат и процесни пречки за одлучување по истото.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазов а, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.200/2002
19 март 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов