У.бр.205/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за исплата на паричен надомест по основ на структурни реформи, бр.23-1453/1, донесена од Владата на Република Македонија на 19 март 2002 година.

2. Стечајни работници од ФАС “11 Октомври” АД во стечај-Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувал еднаков износ на надоместокот-испратнината за секои две години работа кај работодавецот (и најмногу 12 надоместоци), а не според висината на платата на работникот за секои две години работа кај работодавецот (до 12 надоместоци), и се определувала континуирана месечна исплата на испратнината до целосно плаќање на надоместокот, а не одеднаш целосна исплата на испратнината на денот на престанокот на работниот однос, поради што Одлуката не била во согласност со член 130 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката се определува „Од средствата на Буџетот на Република Македонија за 2002 година, раздел 09002 Министерство за финансии – функции на државата, ставка 443, потставка 443312 “Надомест по основ на структурни реформи”, на работниците од ФАС “11 Октомври” АД-Скопје да им се исплати паричен надомест линеарно за секој работник во висина од 8.986,00 денари за секои 2 години работен стаж, но најмногу до 12 надоместоци” (точка 1). “Министерството за економија до 20.03.2002 година до Министерството за финансии да достави списоци на работниците изготвени согласно утврдените постапки” (точка 2). “Се задолжува Министерството за финансии да ја спроведе оваа одлука со континуирана месечна исплата до конечната исплата на сите работници поединечно” (точка 3). “Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето” (точка 4).

4. Имајќи ја предвид изнесената содржина на Одлуката, Судот утврди дека тој акт го нема елементот – општост за да се смета за пропис во смисла на член 110 од Уставот, туку дека Одлуката е поединечен акт со оглед дека се однесува на поединечен правен субјект – ФАС “11 Октомври” АД-Скопје и за конкретно дејствие – исплата на испратнина на работниците од Претпријатието од страна на Министерството за финансии и според список на Министерството за економија.

Поради таквиот карактер на Одлуката, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нејзината уставност и законитост, па согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.205/2002
19 март 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов