У.бр.33/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Драган Петрушевски од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот.

2. Драган Петрушевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, а кои права му биле повредени со преземање на дејствие на службеното и одговорно лице за обезбедување на Уставниот суд на Република Македонија.

Имено, подносителот на барањето наведува дека со оглед на тоа што Министерството за внатрешни работи или друг орган нема донесено поединечен акт со кој е сторена повреда на слободите и правата утврдени во Уставот, туку таа повреда е сторена со нечовечко дејство на службеното лице, Судот согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија треба да го заштити подносителот на барањето и да му забрани на службеното лице понатамошно нечовечко и понижувачко однесување односно дејствување а на подносителот на барањето да му дозволи во иднина слободно да може да влегува во просториите на Уставниот суд на Република Македонија.

3. Според член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Поаѓајќи од наведената уставна одредба како и содржината на барањето Судот утврди дека во случајов со барањето подносителот само начелно се повикува на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот кој ги штити Уставниот суд, односно се утврди дека преземените дејствија од страна на службеното лице од обезбедувањето не се дејствија со кои се повредуваат слободите и правата утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, туку тоа се дејствија кои се превземаат за обезбедување на редот и дисциплината во Судот кој ред се должни да го почитуваат сите граѓани односно подносители на иницијативи.

4. Со оглед на тоа Судот смета дека барањето во иницијативата во суштина не претставува барање за уставна заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот за кој е надлежен Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д- р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.33/2003
12 март 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов