У.бр.105/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 март2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката бр.07-1215/1 од 08.12.2001 год. на Советот на Општина Ново Село за усвојување на проектот на Т.П. “Сицилија” од с.Мокрино.

2. Папуљев Васил од с. Ново Село на Уставниот суд му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, со оспорената Одлука всушност се прифатил урбанистичкиот проект на Т.П. “Сицилија” за определување на услови за градба на градежна парцела формирана од КП.бр.1959 и дел од КП.бр.1967/2 во К.О. Борисиво, со цел изградба на три нови објекти: магазин, котлара со сушара и универзален магазин.

Со вака определните услови се извршило нарушување на урбанистичкиот план за с.Борисово, кој бил усвоен со Одлуката бр.07-84 од 02.03.1999 година, бидејќи покрај објектите на споменатото претпријатие на овој простор било предвиден и проект за поставување на колска вага, што се наоѓала во фаза пред пуштање во употреба, а за потребите на ЈТП “Папуљ – Пром” од с.Ново Село, сопственост на иницијаторот.

Бидејќи со оспорената Одлука се предвидува изместување на колската вага на несоодветно место, според иницијаторот, измената на урбанистичкиот план била направена незаконито, а како измената е пред истекот на пет години и ваквата одлука не била ставена на јавен увид заради произнесување на други заинтересирани субјекти. На крај се предлага поведување на постапка за оценување законитоста на оспорената одлука заради повреда на одребите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 1 од оспорената Одлука бр.07-1215/1 од 08.12.2001 година на Советот на Општина Ново Село, се усвојува проектот на Т.П. “Сицилија” од с.Мокрино и се потврдува техничкиот број на истиот, со тоа што дислокацијата на вагата ќе се изврши во што е можно најкраток рок. Во член 2 е определено дека Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службениот гласник на Општината Ново Село”.

4. Од приложената и прибавената документација, Судот исто така утврди дека со решение бр. 04 -2045/1 од 03.02.2000 година, Министерството за урбанизам и градежништво на Општината Ново Село и доделува градежно земјиште со непосредна спогодба со вкупна површина од 36.982 м2 во кое земјиште не спаѓаат КП.1959 и КП.бр.1967/2, ш то се предмет на покасно усвоениот урбанистички проект.

Општината Ново Село, како инвеститор и ЈТП “Папуљ-Пром” во својство на соинвеститор, а застапувано од иницијаторот како директор, склучиле договор бр.03-391/1 од 05.09.2000 година за изградба со соинвеститорство и давање на користење на објект. Предмет на договорот е изградба на вага за товарни возила на пазарот на големо, а на земјиште на кое Општината има право на користење. Помеѓу другото во договорот е определено дека по изградбата на објектите од страна на соинвеститорот, истите се даваат на користење за време од 30 години.

Советот на Општината донел заклучок бр.07-479/1 од 6.04.2001 година за покренување на постапка за раскинување на договорот за размена на земјиште склучен помеѓу поранешниот Градоначалник Ѓорги Пециров и лицето Киро Велков од Ново Село и други такви договори. Градоначалникот на Општината Ново Село, со заклучок бр.08-479/2 од 06.04.2001 година го прогласил Заклучокот за покренување на постапка.

Од страна на Градоначалникот донесено е решение бр.08-882/1 од 7.09.2001 година за раскинување на договорот за изградба со соинсвеститорство и давање на користење на објект – вага, склучен под број 03-39171 од 5.09.2000 година.

Од страна на Претпријатието “ПРЕС-ИНГ” од Струмица изготвен е урбанистички проект за определување услови за градба на градежната парцела формирана од КП бр.1959 и дел од КП бр.1967/2 за КО Борисово, во кој проект помеѓу другото се сугерира дислокација на веќе изградената колска нефункционална вага со нејзино поместување за 35 метри на северозапад.

Советот на Општината донел Одлука бр.1215/1 од 8.10.2001 година, па во членот 1 го усвоил урбанистичкиот проект со технички број 15-1206/4 поднесен од ТП “Сицилија” за повеќе катастарски парцели, со кој проект се врши дооформување на градежна парцела од наброените во индустриска зона предвидена со УДНМ за неселеното место Борисово. Во членот 2 е определно дека КП бр.1933/3 сопственост на Општината му се доделува на користење на сопственикот на ТП “Сицилија” на долготраен закуп.

На истата седница Советот на Општината ја донел оспорената Одлука бр.07-1215/1 со која се усвојува проектот на ТП “Сицилија” од с.Мокрино и се потврдува техничкиот број на проектот и воедно се налага дислокација на вагата во што е можно пократок рок. Определено е оваа одлука да влезе во сила со денот на донесувањето и да се објави во “Службениот гласник на Општината Ново Село”. Градоначалникот донел Заклучок бр.07-1215/2 од 08.12. 2001 година за прогласување на оспорената Одлука.

Пред донесувањето на оспорената одлука, Советот на Општината Ново Село донел и Одлука бр. 1214/1 од 8.12.2001 година за усвојување на урбанистичките документации на населените места Старо Коњарево, Мокриево и Борисово. Урбанистичкиот проект е донесен како акт за реализација на усвоената урбанистичка документација.

5. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на дрзгите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992).

Со оглед на фактот што иницијаторот бара поведување на постапка за оценка на законитоста на Одлуката со која се усвојува урбанистички проект, Судот се задржа на анализата на одредбите од Законот што се однесуваат на доделувањето на градежното земјиште и условите за градба од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96) влезе во сила на 3 февруари 1996 година, после што се направени повеќе измени и дополнувања и тоа со донесување на:

– Закон за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.28/97), што влезе во сила на 28 јуни 1997 година;
– Закон за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.18/99), што влезе во сила на 8 април 1999 година;
– Закон за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.53/01), што влезе во сила на 20 јули 2001 година и
– Закон за изменување и дополнување на Законот (“Служб ен весник на РМ” бр.45/02), што влезе во сила на 6 јули 2002 година.

Во конкретниот случај во време на донесување на оспорената Одлука во сила била предпоследната измена на Законот, што стапила во сила на 20.07.2001 година, а оспорената Одлуката е донесена на 8.10.2001 година.

Согласно член 25 од Законот, изградбата на населено место, кое нема урбанистичка документација за населено место во општината, може да се врши, до нејзиното донесување, под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината. Општиот акт се донесува по предходна согласност на Министерството надлежно за работите на уредување на просторот.

Во смисла на член 28 од Законот, земјиштето предвидено за градба со кое управува Републиката, се доделува на користење на физички и правни лица заради изградба на објекти. Со решението за доделување на земјиштето се утврдува инвеститор – корисник на земјиштето, а доделувањето го врши Министерството надлежно за работите на уредување на просторот.

Согласно член 29 став 3 од Законот, градежното земјиште се доделува на користење со непосредна спогодба и со јавно наддавање.

Согласно член 31 од Законот министерството надлежно за работите на урбанизмот најдоцна во рок од пет дена од поднесувањето на барањето ги соопштува условите за градба на објектот. Условите за градба содржат општи и урбанистичко – архитектонски услови утврдени со плановите од член 7 и општиот акт од член 25 на овој закон и графички прилог кој претставува извод од планот. Условите за градба се основа за изработка на проектна документација за градба на објектот. Ако условите не содржат доволно податоци, истите се основа за изработка на урбанистички проект.

Во смисла на член 32 од Законот, урбанистичките проекти се изработуваат за стопански, деловни, станбени и други урбани модули со примена на стандарди и нормативи за уредување на просторот, со што се разработува организацијата на конкретниот локалитет, со идејни проекти на објектите. Урбанистичкиот проект го заверува органот кој ги соопштува условите за градба, а заверениот урбанистички проект претставува основа за оформување подетални услови за градба на објект и за изработка на проектна документација за градба на објектот.

Според содржината на оспорената Одлука, а врз основа на анализата на споменатите одредби од Законот, Судот оцени дека оспорената Одлука е поединечен акт донесен од страна на Советот на Општината Ново Село, како основа за оформување на подетални услови за градба на објектот и за изработка на проектната документација или поинаку кажано оспорената Одлука е еден од документите што треба да се прибават пред да се започне со градба на претходно планиран објект.

Тоа значи дека донесувањето на ваков вид одлуки веќе навлегува во реализацијата на урбанистичкиот план во која фаза на просторно и урбанистичко планирање Уставниот суд не ја цени уставноста и законитоста на актите на доносителот. Урбанистичкиот проект представува основа за издавање на услови за градба, во смисла на член 32 од Законот.

Од тука, според Судот, не треба да се навлегува во оценка на наводите на иницијаторот по однос на околноста дека оспорената Одлука не била ставена на јавен увид за да по неа се произнесат и други за интересирани субјекти, дека доделувањето на градежното земјиште не било направено со јавно наддавање, односно не изминал рокот од пет години за донесување на ваков акт, а не треба да се навлегува и во испитување на околноста дали Општината има законско овластување за донесување на ваков вид акти.

6. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 105/2002
12 март 2003 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов