Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 март 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за работите што се во спротивност со службената должност на работник на орган за внатрешни работи, донесен од републичкиот секретар за внатрешни работи на 5 март 1975 година (“Службен весник на СРМ” бр.10/75).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение затоа што со него се предвидувале субјекти кои не постојат во позитивниот правен поредок, должности надвор од законските и без законско овластување за министерот за тоа, поради што со оспорениот Правилник се повредувале членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 68 став 1 алинеја 2, членот 95 став 3 и членот 96 од Уставот на Република Македонија, членовите 74 и 76 од Законот за внатрешни работи и членот 55 став 1, членот 56 став 1 и членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник беше донесен врз основа на Законот за внатрешни работи од 1972 година (“Службен весник на СРМ” ; бр.45/72, 8/73, 31/74, 24/80, 37/80, 24/88, 36/91 и 19/92 – член 105 став 2) и дека наведениот закон престана да важи со Законот за внатрешни работи од 1995 година (“Службен весник на РМ” бр.19/95, 55/97 и 37/2002 – член 77).
4. Со оглед дека престанаа правните основи врз основа на кои и заради чие спроведување беше донесен оспорениот правилник, Судот утврди дека престана да важи и Правилникот, поради што нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата. Поради тоа, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Судот се одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.175/2002
12 март 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов