203/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 122 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” бр. 18/01).

2. Д-р Маргарита Шијакова од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 122 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба од Законот, се овозможувало ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа и се допуштало правото на надградба и доградба да се пренесува на трето лице со што се загрозувале правата на сопствениците, што не било во согласност со членовите 8, 9, 26, 30, 33, 43, 54 и 55 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 122 став 1 од Законот, доградба и надградба на зграда се врши врз основа на детален урбанистички план и урбанистички проект. Според ставот 2 од овој член, доградба, односно надградба има право да бара сопственик, односно сопствен ици на постојна зграда. Со доградбата, односно надградбата сопственикот, односно сопствениците стекнуваат право на сопственост и врз доградбата, односно надградбата.

Согласно ставот 3 од овој член од Законот, право на доградба, односно надградба на згра да во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови што им припаѓаат на две или повеќе лица) имаат сопствениците на посебните делови од зградата. За доградбата, односно надградбата одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата. Ако за доградбата, односно надградбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност меѓу нив, по барање на секој од заинтересираните одлучува судот, водејќи сметка за принципот на правичност.

Според ставот 4 од овој член од Законот, ако за доградбата, односно надградбата не се заинтересирани сопствениците на посеб-ните делови од зградата, правото на градење можат да им го отстапат на трети лица со мнозинство гласови на посебните делови од зградата кои вредносно претставуваат повеќе од половина од вредноста на зградата, со тоа што градителот, односно градителите се должни да платат соодветен надоместок за правото на градење врз туѓо земјиште, како и за штетите што можат да бидат предизвикани како резултат на градењето.

4. Според член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 26 од Уставот се гарантира неповредливоста на домот. Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.

Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, според ставот 2 од овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата, според ставот 3 од овој член, никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со член 43 став 1 од Уставот се уредува дека секој човек има право на здрава животна средина, според ставот 2 од овој член, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата, а според ставот 3 од овој член од Уставот, Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со уставот, а според ставот 3 од овој член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, според ставот 2 од овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а според ставот 3 од овој член од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со Законот за сопственост и други стварни права се уредува правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот. Правото на сопственост, според член 2 од овој закон, се стекнува под услови и на начин предвидени со овој и друг закон, а според член 5 од Законот, правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозција со нужни ограничувања предвидени со Уставот и законите.

Во однос на стекнувањето на правото на сопственост, со член 112 од Законот е определено дека тоа се стекнува според закон врз основа на правна работа и со наследувње, како и со одлука на надлежен државен орган, на начин и под услови определени со закон. Така, според член 113 од овој закон, според закон правото на сопственост се стекнува, меѓу другото и со создавање нова ствар, со мешање и спојување, со градење на земјиште и со стекнување сопственост од несопственик, а според член 116 од Законот, сопственик на земјиште предвидено со закон или врз основа на закон за градежни објекти, стекнува право на сопственост и на градежниот објект кој го изградил на земјиштето согласно со градежните прописи и со запишување на правото во јавните книги за запишување на правата на недвижностите. Под овие услови, градителот на градежниот објект со согласност на сопственикот на земјиштето, стекнува сопственост врз објектот. Исто така, под условите утврдени со членовите 117 до 121 од Законот, право на сопственост може да се стекне и со градење на туѓо земјиште без согласност на сопственикот.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба од Законот, и причините за нејзиното оспорување наведени од подноси-телот на иницијативата, според мислењето на Судот, единствено допирни точки оспорената одредба има со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот, но не и со другите наведени уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Имено, уставните одредби во однос на еднаквоста на граѓаните, неповредливоста на домот, јавните давачки, животната средина и природата, ограничувањето на слободите и правата и слободата на пазарот и претприемниш-твото, не би можело да се доведат во корелација со одредбите за сопственоста и правата кои од неа произлегуваат.

Од содржината на оспорената одредба јасно произлегува дека дограба и надградба на зграда се врши врз основа на детален урбанистички план и урбанистички проект, дека таква градба има право да бара секој сопственик односно сопственици на постојна зграда и дека тие стекнуваат право на сопственост на таквата градба. Понатаму, право на доградба односно надградба на зграда во етажна сопственост имаат сопствениците на посебните делови од зградата, за што одлучуваат мнозинството сопственици кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата. Притоа, во самата одредба е содржан механизам за разрешување на спор, доколку за доградбата односно надградбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност помеѓу нив. Доколку, пак, за доградбата односно надградбата не се заинтересирани сопствениците на посебните делови од зградата, правото на градење тие можат да им го отстапат на трети лица со мнозинство гласови на посебните делови од зградата кои вредносно претставуваат повеќе од половина од вредноста на зградата. Притоа, недвосмислено е утврдено дека градителот односно градите-лите се должни да платат соодветен надоместок за правото на грдење врз туѓо земјиште, како и за штетите што можат да бидат предизвикани како резултат на градењето.

Стекнувањето со правото на сопственост (член 112 од Законот), начините на стекнување со тоа право (член 113 од Законот); стекнување на сопственост врз основа на градење, со или без согласнот на сопственикот на земјиштето (член 116 до 121 од Законот) се прашања уредени со Законот за сопственост и други стварни права, а кои одредби подносителот на иницијативата не ги доведува во прашање. Според тоа, не би можело да се прифати приговорот на подносителот на иницијативата дека третите лица како градители кои се стекнале со право на градење врз туѓо земјиште, како несопственици, го ограничувале правото на сопствениците, бидејќи тие тоа право го стекнале врз основа на закон, така што третите лица на кои им е пренесено правото на доградба, односно надградба, всушност се стекнуваат со право на сопственост врз изградената доградба односно надградба, со што тие имаат исти права како и останатите сопственици на посебните делови на зградата во етажна сопственост.

Понатаму, тргнувајќи од содржината на одредбите на членот 122 од Законот, со кои и покрај тоа што им се дава право на сопствениците на посебните делови на згради чија вредност изнесува повеќе од половина од вредноста на зградата, правото на доградба односно надградба да го пренесат на трети лица, на сите сопственици овие трети лица како градители се должни да им платат соодветен надоместок за правото на градење врз туѓо земјиште, како и да платат за штетите што можат да бидат предизвикани како резултат на градењето, што значи тие ја надоместуваат цената на нужните ограничувња на правото на сопственост. Оттука, произлегува дека, сите штети кои ќе бидат предизвикани како резултат на вршењето на градежните работи при доградбата односно надградбата на зградата (оптеретување на постоечката инфраструктура на зградата, бучава, прашина, неможност на користење на земјиште околу зградата и слично) ќе бида т парично надоместени од градителите, а со тоа и овие штети кои претставуваат еден вид на ограничување на правото на сопственост на соптвениците (без оглед дали се сложиле со надградбта односно доградбата или не) ќе им бидат надоместени.

Тргнувајќи од наведеното, според мислењето на Судот, член 122 од Законот за сопственост и други стварни права не овозмо-жува ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, а со пренесувањето на правото на доградба односно надградба на трето лице не се загрозуваат правата на сопствениците, поради што не го постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.203/2002
12 март 2003 година
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов