199/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 февруари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 став 2 од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците “ТАТ” Битола, “АЛФА С” Скопје и “ЛАВЦИ” Охрид (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/ 2002).

2. Ефтим Цубалевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 8 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Иницијаторот наведува дека оспорениот член ги доведувал граѓаните во нерамноправна положба со тоа што право на плаќање на акции и удели со кои располага Агенцијата за приватизација на Република Македонија имаат само лица кои ќе склучат договори за приватизација со Агенцијата по влегувањето во сила на овој закон. На тој начин граѓаните кои имаат обврски кон Агенцијата за приватизација се во нерамноправна положба.

3. Судот не седницата утврди дека според член 8 став 1 од Законот, конвертибилните сертификати можат да се користат за купување и отплата на акции и удели и друг имот со кој располага Агенцијата за приватизација на Република Македонија и други акции во сопственост на државата.

Според оспорениот став 2 на членот 8 од Законот, под отплата во смисла на ставот 1 од овој член, се подразбира отплата на акции и удели и друг имот со кој располага Агенцијата за приватиза-ција на Република Македонија и други акции во сопственост на државата по договори кои ќе бидат склучени по влегувањето во сила на овој закон.

4. Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 5 став 1 од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците “ТАТ” Битола, “АЛФА С” Скопје и ” ЛАВЦИ” Охрид, за сите побарувања на секој поединечен доверител чиј вкупен износ надминува денарска противвредност на 1000 евра пресметано според средниот курс на курсната листа на Народната банка на Република Македонија на денот на влегувањето во сила на овој закон, Република Македонија, согласно членот 2 став 1 од Законот за хартии од вредност, издава конвертибилни сертификати.

Членот 8 став 1 од Законот, утврдува дека конвертибилните сертификати можат да се користат за купување и отплата на акции и удели и друг имот со кој располага Агенцијата за приватизација на Република Македонија и други акции во сопственост на државата.

Оспорениот став 2 на овој член објаснува што се подразбира под отплата во смисла на ставот 1 од овој член. Имено, под отплата се подразбира отплата на акции и удели и друг имот со кој располага Агенцијата за приватизација на Република Македонија и други акции во сопственост на државата по договори кои ќе бидат склучени по влегувањето во сила на овој закон.

Имајќи ја предвид целта на Законот, а тоа е решавање на една конкретна ситуација, законодавецот утврдил дека отплатата на акции и удели и друг имот со кој располага Агенцијата за приватиза-ција на Република Македонија и други акции во сопственост на државата може да се врши само по договори кои ќе бидат склучени по влегувањето во сила на овој закон.

Со оглед на тоа што со овој закон е уредено дека државата издава конвертибилни сертификати со точно определување за која цел се издаваат, за што тие можат да се користат и во кој период од нивното издавање (две години), Судот оцени дека е право на законодавецот да определи дека и отплатата на акции и удели и на друг имот може да се врши само по договори кои ќе бидат склучени по влегувањето во сила на овој закон, а не и по договори кои биле склучени пред неговото донесување.

Одредбите на овој закон важат подеднакво за сите граѓани – штедачи на пропаднатите штедилници “ТАТ” Битола, “АЛФА С” Скопје и “ЛАВЦИ” Охрид кои ги исполнуваат условите за добивање на конвертибилни сертификати од што произлегува дека Законот не создава никаква нееднаквост помеѓу нив поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 8 став 2 од Законот со членот 9 од Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од прет седателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.199/2002
26 февруари 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов