У.бр.197/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26 февруари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Пеце Ристевски, Стефан Ристевски, Зоран Ристевски, сите од Битола и ПП “Ротекс”-Битола, за заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Пеце Ристевски, Стефан Ристевски, Зоран Ристевски, сите од Битола и ПП ” ;Ротекс”-Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на социјалната припадност утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот и заштита на правата утврдени во членот 3 и членот 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и членот 1 од Протоколот кон Конвенцијата, кои биле повредени со неправилно и незаконито постапување и одлучување од страна на редовните судови и Јавното обвинителство. Според подносителите на барањето, со решението на Основниот суд во Битола КС.бр.330/02 од 17.06.2002 година и решението на Апелациониот суд во Битола КСЖ.бр.56/2002 од 22.10.2002 година, неправилно бил применет законот на нивна штета, а како причини поради кои се бара заштитата пред овој Суд, се наведени незаконитото и неправилно работење и одлучување на надлежните органи и злоупотреба на службената должност на лицата кои одлучувале во судските поста пки во кои биле донесувани одлуките, па оттука тоа претставувало дирекна повреда на слободите и правата со дискриминација по основ на социјална припадност на подносителите на иницијативата, поради што се бара поништување на наведените судски решенија.

3. Судот врз основа на наводите во барањето и приложените докази ја утврди следнава фактичка состојба:

Со решение КС.бр.330/02 од 17.06.2002 година на Основниот суд во Битола, отфрлен е обвинителниот акт поднесен од тужителите Пеце Ристевски, Стефан Ристевски и Зоран Ристевски, сите од Битола и ПП “Ротекс”-Битола, против Бранко Цонкински, Симеон Шопов, Сотир Прчковски и Кирил Тасевски, сите од Битола и Балканска банка-Скопје, а за наведени кривични дела предвидени со одредби од Кривичниот законик.

Судот го донесол наведеното решение за отфрлање на обвинителниот акт од причини што согласно одредбите од Законот за кривична постапка, подносителите во барањето и во дополнување на барањето, не извршиле прецизирање на обинителниот акт, ниту предложиле докази, поради што не можело да се утврди кои дејствија обвинетите ги презеле и за кои кривични дела станува збор, времето и местото на извршување и други обележја за кривичните дела. Кривичниот совет на судот по увидот во супсидијарниот обвинителен акт во овој предмет и увидот во списите по истиот, одлучил дека тој треба да се отфрли како нејасен и непрецизен и по него не може да се постапува.

Со решение КСЖ.бр.56/2002 од 22.10.2002 година, Апелациониот суд во Битола, ја одбил како неоснована жалбата на Пеце, Зоран и Стефан Ристевски и ПП ” Ротекс” – Битола, против решението КС.бр.330/02 од 17.06.2002 година донесено од Основниот суд Битола.

Кривичниот совет на овој суд, постапувајќи по жалбата, утврдил дека првостепеното решение е донесено во совет составен од тројца судии на тој суд согласно членот 22 став 6 од Законот за кривичната постапка, па неосновани се наводите дека судот бил непрописно составен. Тоа што оштетените како тужители, од Врховниот суд на Република Македонија побарале комплетно изземање на битолското Апелационо подрачје од понатамошното постапување по предметот, не значи дека судот бил непрописно составен кога го донесол решението, од причини што странката може да бара изземање само на поименично определен судија кој постапува по предметот односно на судија на повисокиот суд и за таквото барање одлучува Претседателот на Судот. Такво барање не е поднесено поименично, па затоа неоснован бил наводот за сторена суштествена повреда на Законот за кривична постапка. Исто така, оценето е дека првостепениот суд правилно го отфрлил обвинителниот акт како нејасен и непрецизен и по истиот не можело да се постапува. Воедно Апелациониот суд во Битола, во образложението на решението дал одговор и во врска со наводот за повредата на членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, дека таа одредба кога е во прашање кривична постапка се однесува на правата, обврските или основаноста на било какви обвиненија против обвинето лице, но во случајов оштетените како тужители не се обвинет и, затоа и не е сторена повреда на таа одредба од Европската конфенција а следствено на тоа и од одредбата од член 1 од Протоколот на Конвенцијата.

Основното јавно обвинителство – Битола, со решение КО.бр.653/2000 од 20.03.2001 година, ја отфрлил кривичната пријава поднесена од Стефан, Пеце и Зоран Ристевски, сите од Битола, против Кирил Тасевски, Симеон Шопов,Сотир Прчковски и Бранко Цонкински, сите од Битола, за кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување”, бидејќи не постоеле основи на сомнение дека пријавените Симеон Шопов и Кирил Тасевски, како судии на Основниот суд Битола и Сотир Прчковски и Бранко Цонкински како судии на Апелациониот суд Битола, сториле кривично дело.

Основното јавно обвинителство во решението утврдило дека Кирил Тасевски постапувајќи како извршен судија на Основниот суд Битола, по предлог за извршување од доверителот Балканска банка-Скопје, во кој како хипотекарни должници се јавуваат Стефан, Пеце и Зоран Ристевски, донел решение И.бр.247/99 од 21.01.1999 година за извршување со продажба на хипотекарниот недвижен имот на Ул. “Маршал Тито” бр.86 во Битола, врз основа на судска спогодба ВПП.бр.70/98 од 30.03.1998 година. Со решение И.бр.247/99 од 1.03.1999 година приговорот е одбиен на должниците и извршното решение останува во сила. Со решение ССЖ.бр.252/99 од 14.04.1999 година на Апелациониот суд Битола, е одбиена и жалбата против извршното решение на првостепениот суд.

Исто така наведените лица со тужба до Основниот суд Битола ПС.бр.193/99 против Балканска банка – Скопје, барале банката да го исполни договорот и на ПП ” Ротекс” на име кредит му исплати 10.000 германски марки, како и да им биде исплатен одреден паричен износ на име претрпена штета и изгубена корист, но првостепениот суд донесол пресуда на 16.06.2000 година со која го одбил барањето, а Апелациониот суд Битола, донесол пресуда на 2.10.2000 година со која ја одбил жалбата и ја потврдил пресудата на Основниот суд. Водените постапки на судовите и судиите биле законски и во согласност со нивните законски овластувања.

Врховниот суд на Република Македонија, со свој акт под бр.273/02 од 20.05.2002 година го известил барателот Пеце Ристевски од Битола, дека согласно Законот за кривична постапка, решение за определување друг стварно надлежен суд може да се донесе по предлог на истражниот судија, судија поединец или од претседателот на советот или по предлог на Јавниот обвинител, кога кривичната постапка се води по барање на Јавниот обвинител. Другите странки учесници во постапката не се овластени да предлагаат пренесување на надлежноста.

4. Според член 9 од Уставот, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според членот 8 став 1 алинеја 11 од Уставот, е и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Од суштината на наведените уставни одредби произлегува дека уставното начело на еднаквост на граѓаните значи забрана на дискриминација на граѓаните по било кој основ утврден во членот 9 од Уставот. Оваа уставна забрана подеднакво ги обврзува сите органи, организации и други субјекти, а вотие рамки и судовите, кога тие решаваат за остварувањето односно заштитата на одделни права подеднакво да го применуваат законот спрема сите граѓани, што значи во исти случаи да донесуваат исти одлуки независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, како и имотната, општествената и политичката припадност на граѓанинот, како и тоа дека заштитата на уставната забрана на дискриминација на граѓаните по наведените основи е утврдена во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Имајќи ја во предвид фактичката и правната состојба по предметот, Судот утврди дека во конкретниов случај не постојат елементи врз основа на кои може да се утврди повреда на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност, затоа што и самите подносители на барањето не наведуваат односно не се повикуваат на ниту еден елемент и податок од кои може да се утврди нивната социјална припадност, а кои евентуално би биле причина за нивна дискриминација по наведените основи од страна на судовите и другите органи кои постапувале по нивните барања.

Со оглед на тоа Судот оцени дека во конкретниот случај барањето на подносителите во суштина не се однесува за заштита од дискриминација по основ на нивната социјална припадност, туку барањето се однесува за испитување на законитостана актите (решенија и одлуки) на судовите и другите правосудни органи кои што постапувале по нивните барања, а за кое Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Исто така, и во однос на одредбите од членот 3 и членот 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, кои се однесуваат дека никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување и дека секој има право на правилна судска постапка на какви и да било кривични обвиненија против него, и членот 1 од Протоколот кон Конвенцијата со кој е обезбедена заштитата на сопственоста, на кои норми се повикуваат подносителите на иницијативата, Судот оцени дека намерата е со начелното повикување на овие норми всушност Уставниот суд да врши контрола на законитоста на поединечните акти на судовите, по кое овој Суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.197/2002
26 февруари 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов