Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 февруари 2003 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а) Ценовникот на аеродромски услуги во делот ИИ насловен како Ценовник на останати аеродромски услуги на Аеродромот Скопје и Аеродромот Охрид, донесен од Управниот одбор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги “Македонија” – Скопје на 24.11.1999 година;
б) Одлуката за измена и дополнување на Ценовникот на основните и останатите аеродромски услуги донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие на 20 декември 2001 година дел ИИ;
в) Ценовникот на услуги во складовите на Стоковите центри и Шпедиции на Аеродромите во Скопје и Охрид донесен од Управниот одбор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги “Македонија” – Скопје бр.02-567/4 на 25 мај 1998 година; и
г) Одлука за дополнување на Ценовникот бр.02-567/4 на услугите во складовите на Аеродромот во Скопје и Охрид, донесена од Директорот на Јавното претпријатие за аеродромски услуги »Македонија« П.О. Скопје и заведен под бр.02-557/2 на 22 мај 2002 година и бр.1657 од 28 мај 2002 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на ДХЛ – Интернационал ДООЕЛ – Скопје преку полномошникот Пандорка Кимова-адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 под а), в) и г) од оваа одлука.
При проучување на предметот Судот одлучи по сопствена иницијатива да поведе постапка за оценување уставноста и законитоста и на актот означен во точката 1 б) од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на наведените акти со Законот за јавните претпријатија и член 52 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на ЈПАУ »Македонија« на 24 ноември 1999 година донел Ценовник на ЈПАУ на основните и останатите аеродромски услуги на аеродромите Скопје и Охрид.
Овој Ценовник е составен од 2 дела. Во првиот дел се утврдени цени на основните аеродромски услуги на Аеродромот Скопје и Охрид и тоа: цени на хендлинг услуги за патнички сообраќај, попусти на цени на хендлинг услуги; услуги опфатени во основната хендлинг цена на платформа; хендлинг услуги – пристанишна зграда; цени за хендлинг за хеликоптери; цена за паркинг; патничка такса; цени на хендлинг за карго авиони; хендлинг услуги за карго авиони и други услуги.
Во вториот дел од оспорениот Ценовник а кој се однесува на останати аеродромски услуги на аердормот Скопје и Охрид е предвидено дека: цените на услуги во карго центар, цени за издавање на деловен простор, цените за издавање под закуп на рекламен простор, цените на кетеринг сервис, цените на угостителски објекти, малопродажните цени на про изводи во СЦП и продавници, цените на паркинг, цените за агенциско работење, цените за користење на услуги од Секторот за ПДЗ и ОТ
обезбедување и цените на останатите дополнителни услуги се утврдуваат со посебни ценовници кои ги донесува Директорот на јавното претпријатие.
На вака донесениот Ценовник Владата на Република Македонија на 25 јануари 2000 година дала согласност бр.23-5497/1.
5. Понатаму Судот утврди дека на 20 декември 2001 година Управниот одбор на ЈПАУ »Македонија« донесол Одлука за измена и дополнување на Ценовникот на основните и останатите аеродромски услуги.
Измената се однесува на дел И од Ценовникот во делот на основните аеродромски услуги и тоа: такса за безбедност, услуги опфатени во основните хендлинг цени на платформа, цени на услуги на посебни барања.
Измената се однесува и на дел ИИ од Ценовникот односно во делот на останатите аеродромски услуги при што се додава точка 11 која гласи: 11. Цените на користење на услуги во ВИП и ЦИП салоните при ЈПАУ »Македонија« – Скопје и Охрид се утврдуваат со посебен Ценовник кој го донесува Директорот на Јавното претпријатие.
За одлуката и измени и дополнување на Ценовникот на основните и останати аеродромски услуги Владата на Република Македонија со Одлука бр.23-134/1 од 22 јануари 2002 година дала согласност.
6. Исто така Судот утврди дека врз основа на член 27 точка 8 од Статутот на ЈПАУ »Македонија«, а во врска со Дел ИИ точка 1 од Ценовникот на аеродромските услуги, Управниот одбор а не директорот како што наведува иницијаторот на 25 мај 1998 година донесол Ценовник на услуги во складо вите на стоковите центри и шпедиции на аеродромите Скопје и Охрид бр.02-567/4. Во овој Ценовник се утврдени цени на услуги за стоков промет (основни складишни манипулативни услуги, складишнина, посебни складишни услуги, цени на извршени услуги за транзитни стоки и друго); цени на шпедитерски и останати услуги на стоки (цени за шпедитерски услуги цени на услуги за одвоз и довоз на стоки) цени на услуги за превоз на
стоки со товарни возила од аеродромите Скопје и Охрид (поеди нечни пратки, цени на услуги за полетизбрани пратки, ослободување од плаќање и начин на наплата).
На вака донесениот Ценовник Владата на Република Македонија нема дадено согласност.
7. Воедно Судот утврди дека на 20 мај 2002 година Директорот на ЈП АУ донесол Одлука за дополнување на Ценовникот на услугите во складовите на стоковите центри и шпедиции на Аеродромите Скопје и Охрид.
Со оваа одлука се утврдуваат дополнителни ставки и цени на Ценовникот за услугите во складовите на Аеродромот во Скопје и Охрид.
8. Според член 1 став 2 од Законот за јавните претпријатија (»Службен весник на Република Македонија« бр.38/98) стопанските дејности од јавен интерес се дејности кои се незаменлив услов за животот и работата на граѓаните, за работа на правните лица и на државните органи.
Според член 2 од наведениот закон како стопански дејности од јавен интерес се сметат дејностите со кои се остварува јавниот интерес и тоа во: енергетиката, железничкиот сообраќај, телекомуникации, воздушниот сообраќај. . . .. и други стопански дејности утврдени со закон.
Согласно член 3, пак, од Законот, јавните претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија.
Јавните претпријатија основани од Република Македонија се во сопственост на Република Македонија.
Според член 11 од Законот, основачот на јавното претпријатие дава согласност, покрај другото и на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците.
Според член 16 од Законот, органи на јавно претпријатие се: управниот одбор, одбор за контрола на материјално финансиското работење и директор.
Според член 19 точка 8 од Законот, Управниот одбор на јавното претпријатие ги утврдува цените на прозводите и услугите.
Според член 23 став 1 од Законот со работата на јавното претпријатие раководи директорот што го именува односно разрешува основачот.
Според став 4 на член 23 од Законот директорот на јавното претпријатие го обезбедува спроведувањето на одлуките и заклучоците на управниот одбор учествува во спроведувањето на основите на програмата за работа и развој, учествува во утврдувањето на критериуми за користење и располагање со средства и употребата на средства остварени со работењето на јавното претпријати, врши усогласување на деловната активност на јавното претпријатие и врши други извршни работи во врска со работата и работењето на јавното претпријатие утврдено со статутот.
Според член 29 од Законот, со статутот на јавното претпријатие поблиску се уредува организацијата, управувањето и раководењето со јавното претпријатие, општите акти и постапката за нивно донесување, како и други прашања од значење за јавното претпријатие.
Од наведеното произлегува дека одделни стопански дејности кои се незаменлив услов за живот и работа на граѓаните, правните лица и државните органи се утврдени како дејности од јавен интерес и за нив се основаат јавни претпријатија од страна на физички и правни лица под услови утврдени со закон.
Поаѓајќи од карактерот на дејноста како незаменлив услов за живот и работа на граѓаните, законодавецот го утврдил режимот на работењето на јавните претпријатија без оглед дали тие се основани од државата, единицата на локалната самоуправа или од физички лица.
Понатаму од законот произлегува дека Управниот одбор на јавното претпријатие ги утврдува цените на производите и услугите за кои согласност дава основачот со цел да се сугерира одредено ниво на цена кои од една страна ќе обезбедат рентабилно работење на претпријатијата, а од друга страна ќе бидат достапни на граѓаните.
Според тоа само управниот одбор на јавното претпријатие е овластен да ги утврдува цените на производите и услугите на овие претпријатија и дека тој тоа законско овластување не може да го пренесе на директорот на јавното претпријатие.
Исто така од Законот не произлегува можност и основачот кој дава согласност на цените на производите и услугите на овие претпријатија при давањето на согласноста да даде согласност на актот со кој се предвидени цените на услугите, одредени цени на услуги да ги утврдува директорот со посебни правилници.
Од друга страна, пак, имајќи ги предвид законските овластувања на директорот на јавното претпријатие, исто така не произлегува можност директорот да ги утврдува цените на производите и услугите.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека Управниот одбор на јавното претпријатие не ги пречекроил законските овластувања со оглед на тоа што на директорот на јавното претпријатие му пренесол надлежност тој со посебни правилници да ги утвр дува цените на услугите на останатите аеродромски услуги, односно оцени дека Ценовникот на аеродромските услуги дел ИИ донесен од Управниот одбор на Јавното претпријатие во 1999 година и Одлуката за измена и дополнување на Ценовникот на основните и останатите аеродромски услуги донесен од Управниот одбор во 2001 година дел ИИ не се во согласност со Законот за јавните претпријатија.
Исто така Судот оцени дека Ценовникот на услугите во складовите на стоковите центри и шпедиции бр.02-567/4 донесен о д Управниот одбор на ЈП на 25 мај 1998 година не е во согласност со Законот за јавните претпријатија со оглед на тоа што за овој Ценовник основачот односно Владата не дала согласност.
Воедно Судот оцени дека Одлуката за дополнување на Ценовникот на услуги во складовите, донесен од Директорот на ЈП од 28 мај 2002 година не е во согласност со Законот за јавните претпријатија.
9. При проучување на оспорените акти Судот утврди дека тие не се објавени во службеното гласило на Републиката, односно утврди дека според член 52 од Статутот на ЈП општите акти се објавуваат на огласна табла, а влегуваат во сила со денот на неговото објавување доколку со одредбите на општиот акт не е определено поинаку.
Имајќи го предвид фактот дека оспорените акти се подобни за уставно-судска оценка, а истите не се објавени согласно член 52 од Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека тие не се во согласност со наведената уставна одредба.
10. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлу ка.
11. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.128/2002
19 февруари 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов