Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 февруари 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 алинеја 2 и член 58 став 4 точка 3 од Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2000, 103/2000 и 37/2002).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 алинеја 1 и алинеја 3 и член 53 од Законот означен во точката 1 од оварешение.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 62 став 3 точка 3 од законот означен во точката 1 од ова решение.
4. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот за банките биле несогласни со Уставот, затоа што противуставно ги ограничувале загарантираните права на граѓаните со што се создавала нееднаквост помеѓу нив пред Уставот и законите.
Според подносителот на иницијативата, со членот 53 од Законот, банките вршеле и судска власт затоа што биле овластени да утврдуваат дали сопственоста на средствата потекнувала од криминални или други активности.
5. Судот на седницата утврди дека согласно алинеја 2 на член 7 од Законот акционер на банка не може да стане лице кое е осудено закривично дело против имотот и кривично дело од областа на финансиското работење.
Исто така, Судот утврди дека согласно член 58 став 4 точка 3 од Законот член на управен одбор на банка не може да биде лице кое е осудено закривично дело против имотот и од областа на финансиското работење.
6. Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Согласно член 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде осуден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена судска одлука.
Од означените уставни одредби произлегува дека пред донесувањето на правосилна судска одлука (со која се утврдува дали постои или не постои вина за некое дело на граѓанин), граѓанинот не може да трпи штетна последица. Имено, правните последици од осудата не можат да се утврдуваат со закон и да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, што значи дека казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.
Со оглед на тоа што, во случајов правните последици од осудата настапуваат по сила на закон, а не како казна што ја изрекува судот во рамките на видовите на казни, односно санкции, Судот смета дека со оспорените оредби од членовите 7 и 58 став 4 точка 3 се повредени правата на граѓаните, поради што основано може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
7. Судот на седницата, исто така, утврди дека согласно член 7 алинеи 1 и 3 од Законот, акционер на банка не може да стане лице:
– спрема кое е во тек стечајна постапка;
– лице на кое му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење професија, дејност или должност.
Исто така, Судот утврди дека согласно членот 53 од Законот банката нема да прими депозит ниту да изврши налог за уплата, исплата или пренос на парични средства или други сопствености, доколку има непобитни сознанија или основано сомневање дека сопственоста на средствата потекнува од криминални активности.
Сознанието од став 1 на овој член треба да произлегува од објективни и фактички околности.
Согласно ставот 3 на овој член од Законот банката е должна да ја извести Дирекцијата за спречување на перење на пари за сомнението или знаењето од став 1 на овој член и, на барање на надлежниот орган да обезбеди дополнителни релевантни информации во согласност во важечките прописи”.
8. Судот оцени дека алинејата 1 и алинејата 3 на членот 7 од Законот, се предвидени со цел да се спречи предизвикување на намерни стечаи, а капиталот да се инвестира во банка, или стечаи кои се последица на лошо работење.
Од тие причини, Судот оцени дека овие одредби претставуваат еден вид превенција со што се спречува можноста на лицата кои се склони на вршење кривични дела од оваа област да основаат банка, да управуваат со неа, со лиценца од Народната банка на Република Македонија да прибираат штедни влоговои и депозити на правни лица, да ја злоупотребуваат банката, и да ги повредуваат правата на клиентите.
Според Судот, елиминирањето на претпоставената опасност од ризик кој го носи лицето спрема кое е во тек стечајната постапка и лицето на кое му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење професија, дејност или должност, не може да се оквалификува како ограничување на акционерството, затоа што станува збор за акционерство со право на управување во банка. Ова од причина што алинеите 1 и 3 од член 7 од Законот не се однесуваат на стекнување на приоритетни акции (без право на глас) за кои не се бара согласност од Народната банка на Република Македонија и овие околности не се проверуваат.
Што се однесува до одредбата на членот 53 од Законот, Судот, исто така смета дека наводите во иницијативата не држат, од причина што законодавецот на овој член му дал, еден вид, превентивна улога.
Имено, доколку во банката постојат непобитни сознанија или основани сомневања дека парите, што лицето ги депонира, потекнуваат од криминални активности, банката не одбива еднаш за секогаш да ги прими парите, туку тоа го пролонгира, а едновремено за сомнението ја известува Дирекцијата за спречување на перење пари, која треба да го провери тој факт, и да и достави информации за истиот.
Од тие причини, Судот смета дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оваа одредба од Законот.
9. На крај, Судот утврди дека согласно член 62 став 3 точка 3 од Законот работоводен орган на банката не може да биде лице кое е осудувано за кривично дело против имотот и од областа на финансиското работење.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа дека Судот со Одлука У.бр.201/01 од 5 јуни 2002 година го укинал овој член од Законот, како несогласен со Уставот, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, ја отфрли иницијативата за оценување на неговата уставност.
10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседатело т на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.179/2001
19 февруари 2003 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов