Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 февруари 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Закон за амнестија (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2002).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членот 8 од Законот за амнестија.
3. Решението да се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Игнат Панчевски адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот Закон го повредувал доследното остварување на Уставот во практиката како најопшт и најсилен правен акт. Имено, според иницијаторот, во членот 1 од оспорениот Закон, било определено дека амнестијата се однесува на кривичните дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година, без прецизирање на почетниот период, па секој сторител на кривично дело можел да наведе дека сторил дело во врска со конфликтот, на кој начин се доведувало во прашање функционирањето на кривичното законодавство. Во законот немало појаснување што се подразбира под поимот “конфликт”, а овој Закон се однесувал на подинечно определени лица, со што се злоупотребувала дефиницијата на амнестијата како акт што се однесува на поименично неопределени лица. Потоа се нагласува дека при донесувањето на овој Закон било неминовно означување на кривичните дела по главите од Кривичниот Законик или поединечно набројување на кривичните дела за кои се дава амнестијата. Сето наведено го повредувало владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Исто така, иницијаторот смета дека недефинираноста на кривичните дела за кои се однесува амнестијата, овозможувала амнестирање на сторители на убиства, на кој начин се повредувал уставниот принцип за неприкосновеноста на правото на живот од членот 10 став 1 од Уставот.
Според иницијаторот, одредбите од оспорениот Закон овозможувале амнестирање и на сторителите на кривични дела извршени со мачење, нечовечко или понижувачко однесување или казнување, што не било во согласност со членот 11 став 2 од Уставот и забраната за секаков облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување од оваа одредба.
Со Законот се повредувал и уставниот принцип за неприкосновеност на правото на слобода од членот 12 став 1 од Уставот, а преку амнестирање на сите лица за сторени кривични дела што ја ограничуваат слободата на луѓето.
На крај во иницијативата се наведува дека со амнестирањето на членовите на т.н. ОНА (Ослободителна национална армија) било извршено и признавање на оваа и други паравоени формации , на кој начин се повредувал членот 20 став 4 од Уставот, според кој се забранети воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.
Поради изложените причини, иницијаторот бара Уставниот суд по спроведената постапка да го поништи оспорениот Закон.
Инаку, адвокат Игнат Панчевски од Скопје ја поднесе иницијативата во името на Здружението на ранетите и членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили на Македонија – херои на Македонија, жртви на албанскиот тероризам. Меѓутоа, кон иницијативата не беше приложено полномошно за застапување на интересите на членовите на Здружението во постапката пред Уставниот суд, ниту беше приложен доказ за регистрирање на Здружението во регистарот на здруженијата на граѓани. Со оглед на ваквите недостатоци Судот, по писмен пат, побара од адвокат Игнат Панчевски нивно отстранување, но во судски определениот рок недостатоците не беа отстранети, па Судот оцени дека иницијативата треба да има третман на иницијатива поднесена од поединец.
5. Судот на седницата утврди дека во член 1 став 2 од Законот е определено дека: со овој закон се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор (во натамошниот текст: амнестија), граѓани на Република Македонија, лица со законски престој, како и лица кои имаат имот или семејство во Република Македонија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година.
Според став 2 од членот 1 од Законот, определено е дека: амнестијата се однесува и на лица кои и пред 1 јануари 2001 година, подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот од 2001 година.
Во ставот 3 алинеи: 1 и 2 од Законот е предвидено ослободување од гонење и запирање на кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик или друг закон на Република Македонија против лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година. Во алинеата 3 од истата одредба е предвидено потполно ослободување од извршувањето на казната затвор за кривични дела според Кривичниот законик и други закони на Република Македонија на лицата кои подготвиле или извршиле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година, а во алинејата 4 е определено бришење на осудата и укинување на правните последици на осудата заклучно со наведениот датум.
Според член 1 став 4 од Законот, е определено дека амнестијата не се однесува на лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибунал за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка.
Во член 2 од Законот е предвидено дека овој закон се однесува и на лицата кои во периодот додека траел конфликтот не се одзвале на поканата и ја одбегнале воената служба и воената вежба, како и на лицата кои самоволно се оддалечиле од вооружените сили.
За лицата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржувањето на казната во казнено-поправните установи во Република Македонија, во членот 3 став 1 од Законот е определно ослободување од извршувањето на казната затвор за 25% од неиздржаниот дел од казната определена со правосилна пресуда за кривични дела пропишани во Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија.
Во член 3 став 2 од Законот е определно дека процентуалното ослободување од извршувањето на казната затвор не се однесува на лицата осудени за кривични дела против човечноста и мечународното право, неовластеното производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, овозможување на употреба наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, како и за лицата осудени на казна доживотен затвор.
Членот 4 од Законот определува дека против лицата од членовите 1 и 2, за кои не е поднесена кривична кривична пријава, истата нема да се поднесе.
Како лица овластени за покренување на постапка за примена на овој Закон, во членот 5 став 1, а по однос на ослободувањето од гонење и запирањето на кривичните постапки се определени: надлежниот јавен обвинител, надлежниот првостепен суд, лицето на кое се однесува амнестијата или лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.
За лицата кои започнале со издржувањето на казната затвор надлежни за покренување на постапка за примена на Законот по службена должност се казнено – поправната установа во која лицето ја издржува казната затвор, а за лицата кои не започнале да ја издржуваат казната, надлежни по службена должност се судовите што ја донеле првостепената пресуда или барање поднесува јавниот обвинител, односно осуденото лице, во смисла на член 5 став 2 од Законот.
Во член 5 став 3 од Законот е определено дека решението за амнестија се носи од надлежниот орган согласно со Законот за кривичната постапка, односно Законот за извршување на санкциите, во рок од три дена од денот на донесувањето на овој закон.
Кој може да поднесе жалба и кој одлучува по жалбата против решението за амнестија е регулирано во членот 6 од Законот, во зависност од тоа дали лицето започнало или незапочнало со издржувањето на казната затвор. Во став 2 од оваа одредба е определено дека јавниот обвинител не може да поднесе жалба против решението со кое лицето е амнестирано.
Во член 7 од Законот е предвидено примена на одредбите од Законот за кривичната постапка и Законот за извршување на санкциите, доколку со овој закон не е поинаку определено.
Членот 8 од Законот, го содржи овластувањето на министерот за правда да може да донесе упатство за спроведување на законот наредниот ден од денот во влегување во сила на овој закон. Во последниот член 9 од Законот е определено дека истиот влегува во сила со денот на објавувањето во “Службениот весник на Република Македонија”.
Оспорениот Закон е донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 7 март 2002 година, објавен е во “Службен весник на Република Македонија” бр.8/2002 од 8 март 2002 година и стапил во сила истиот ден.
6. Според содржината на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Правото на живот на човекот, (член 10 став 1 од Уставот), правото на физички и морален интегритет на човекот (член 11 став 1 од Уставот) и правото на слобода на човекот (член 12 став 1 од Уставот), се определени како неприкосновени права на човекот и граѓанинот, според уставниот концепт на Република Македонија. Заради заштита на наведените неприкосновени права, во Уставот се содржани и посебни механизми за нивна заштита.
Така, по однос на правото на живот на човекот, механизмот за заштита е определен преку забраната да не може да се изрече смртната казна по ниту еден основ (член 10 став 2). По однос на физичкиот и морален интегритет на човекот, механизмот на заштита е определен преку забраната за секаков облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување (член 11 став 2). Забраната за ограничување на слободата, освен со одлука на суд и во случаи и постапка утврдена со закон, претставува механизам за заштита на слободата на човекот (член 12 став 2). Во овие одредби се содржани и други механизми за заштита на наведените права, но истите не се од влијание по однос на оценката на уставноста на оспорениот Закон.
Членот 15 од Уставот го гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Со цел заштита на уставниот и безбедосен систем на државата, уставотворецот во член 20 став 4 од Уставот, предвидел и забрана за воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија, како посебно ограничување во уставно загарантираното право на граѓаните слободно да се здружуваат заради остварување на конкретно определени цели во ставот 1 од споменатата одредба.
Во член 68 став 1 од Уставот се наброени надлежностите на Собранието на Република Македонија, а во алинејата 18 е определено дека Собранието дава амнестија.
Внатрешниот правен поредок на Република Македонија, покрај Уставот, како највисок правен акт и законите го чинат и меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот, кои договори не можат да се менуваат со закон, според член 118 од Уставот.
7. Тргнувајќи од содржината на изложените уставни одредби произлегува дека Уставот во своите одредби не ги определува содржината и видовите на амнестијата и остава овие прашања поблиску да се уредат со Закон, а давањето на амнестија припаѓа во надлежност на Собранието на Република Македонија.
Со генерално дефинирање на амнестијата се занимава членот 113 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996), па во оваа одредба е предвидено дека: на лицата кои се опфатени со акт на амнестија им се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршувањето на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, им се определува бришење на осудата или им се укинува определената правна последица од осудата.
Гледано ретроспективно во Република Македонија, актите за амнестија секогаш биле донесувани како чин на добра волја на државата, со цел преку ваквите акти да се делува од кривичен аспект на генералната и специјалната превенција или со цел да се воспостави одредена хармонија и смирување на одредени состојби во општеството. Со оспорениот Закон целта е воспоставување на мирот, надминување на кризата во државата, реинтеграција на лицата кои подготвувале и сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година и нивно побрзо враќање во општеството како слободни грачани.
Потребата од донесување на конкретен акт за амнестија може да биде различна, но секогаш следува донесување на ваков акт, кога со други правни средства не може да се добие правно решение, а при тоа не треба да се занемари и гледиштето на државата дека постои потреба на овој начин да се измени она што претходно е одлучено.
Сето ова е на релација со дефинирањето на амнестијата, како акт врз основа на кој поименично неопределени лица, чиј круг се определ ува со актот за амнестија, добиваат потполно или делумно ослободување од извршувањето на казната или други поволности, како што се: запирање на постапките што се во тек, замена на изречениот вид казна со поблаг вид на казна, бришење на осудата и укинување н а правните последици на осудата. При тоа актот за амнестија може да содржи и аболиција или ослободување на сторителите на делата од кривично гонење за сторените дела за кои е во тек или не започнала да се води кривична постапка.
8. Тргнувајќи од анализа та на уставните одредби и поединечната анализа на одредбите од оспорениот Закон, кај Судот се поставија повеќе прашања за согласноста на Законот со одредбите на Уставот, па од оваа причина Судот ја оценуваше уставноста и на одредбите од Законот што не беа посебно оспорени во иници-јативата, врз основа на овластувањето од членот 14 став 2 од Деловникот на Уставниот суд.
Во обид да се даде одговор на наводот од иницијативата дека во оспорениот Закон било нужно определување на почетниот период по однос на подготвувањето на кривичните дела во врска со конфликтот, за Судот појдовна основа беше содржината на член 18 став 3 од Кривичниот законик, каде поблиску се определени однесувањата -делувањата што можат да се сметаат како подготовка на кривично дело. Во оваа одредба како подготовка за извршување на кривично дело се наведени: набавување или приспособување на средства за извршување на кривичното дело, отстранување на пречките за извршување на кривичното дело, договарање, планирање или организирање со други извршители на кривични дела, како и други дејствија со кои се создаваат услови за непосредно извршување на кривичното дело, а кои не претставуваат дејство на извршување.
Од изложениот карактер на можните активности насочени кон извршување на конкретно кривично дело, според одредбата од Кривичниот законик, според Судот, станува збор за фактичко прашање дали одредено однесување, според временскиот период кога се случувало и други показатели, може да се смета како дејствие на подготовка на кривично дело, па од изложениот аспект не може да се смета дека се повредува членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
По однос на ова спорно прашање беше изнесено и спротивно становиште, а во правец дека во Законот било неминовно означувањето на почетниот период на подготовка на кривичните дела, бидејчи со ваквата непрецизност е можно со актот на амнестија да бидат опфатени и лица подготвувачи на кривични дела што датираат од неопределено долг период во минатото, а за настани што не би можеле да се поврзат со настанатиот конфликтот.
9. Според мислењето на Судот во оспорениот Закон не било неминовно дефинирање на повече пати употребениот поим “конфликт”, на кое нешто се инсистира во иницијативата, бидејќи станува збор за општо познат поим, па не е сторена повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Од друга страна дали определен закон ќе содржи дефиниција на употребените поими или не, е оставено на оценка на законодавецот кој треба да ги почитува уставните одредби.
10. Инаку, во иницијативата се става акцентот по однос на содржината на член 1 и член 4 од Законот и најмногу се укажува на несогласноста на содржината на овие одредби со споменатите уставни одредби.
Од содржината на членот 1 од Законот, произлегува дека нема поединечно набројување на кривичните дела за кои се дава амнестија преку: ослободување од гонење, запирање на кривичните постапки, потполно ослободување од издржувањето на каз ната затвор, бришење на осудата, укинување на правните последици на осудата, односно во член 4 не се наведени кривичните дела за кои нема да се поднесе кривична пријава, освен што во двете одредби е определено дека се работи за сторени или подготвувани кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година.
Според мислењето на Судот, доколку се има во предид дека во членот 1 став 4 од Законот, е предвиден исклучок во примената на амнестијата за сторителите на кривичните дела за кои е надлежен Меѓународниот трибунал, во членот 2 има децидно набројување на кривичните дела за кои се однесува амнестијата, во членот 3 став 2 е содржан вториот исклучок во примената на амнестијата за сторителите на кривичните дела против човечноста и меѓународното право и делата во врска со неовластеното производство и пуштање во промет на наркотични дроги и други кривични дела, произлегува дека може да се определи за кои се кривични дела се даваат предвидените погодности на амнестијата. Уште повече што не секое кривично дело може да има карактер на кривично дело сторено или подготв увано во врска со конфликтот од 2001 година.
При тоа се имаше во предвид фактот дека кругот на лицата опфатени со амнестијата се определува преку повеќе елементи: видот на кривичните дела, потоа временскиот период на сторување на делата, видот и висина та на изречените казни и други елементи, а сите наведени елементи не мораат да бидат содржани во актот за амнестија за да се определи кругот на амнестираните лица. Оттука, според Судот, не се повредува владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
По однос на ова спорно прашање, беше изнесено и второ становиште во обратна насока од прво изложеното. Имено, според ова становиште повеќе моменти би можеле да укажат на повреда на принципот на владеење на правото преку злоупотреба на неопреде-леноста на кривичните дела, како од страна на лицата на кои се однесува амнестијата, така и од страна на надлежните органи за примена на Законот. Тоа се: околноста што Кривичниот законик содржи огромен број на кривични дела, а не секое кривично дело може да содржи елементи на кривично дело направено или подготвувано во врска со вооружениот конфликт од 2001 година, па неопходно било конкретно означување на кривичните дела. Потоа, до донесувањето на овој Законик во примена беа сојузни кривични прописи превземени како републички, што претставува огромен број на можни кривични дела сторени во врска со настанатиот конфликт, како и околноста што секој засегнат со актот за амнестија би можел да се повика дека делото го направил во врска со конфликтот. Надлежните органи за примена на Законот немаат точна насока за кој вид на кривични дела се определува целосно ослободување од гонење, запирање на постапките или ослободување од издржувањето на казната и другите предвидени поволности.
Ова становиште се темелеше на околноста дека кругот на амнестираните лица, се определува со самиот акт, помеѓу другото и со определувањето на видот на кривичните дела, потоа временскиот период на сторување на делата, видот и висината на изречените казни и така натаму. Тоа би значело дека според ова становиште во оспорениот Закон отсуствуваат доволен број на показатели за определување на кругот на лицата на кои се однесува актот за амнестија.
11. Според Судот со оспорениот Закон не е направена повреда на уставно загарант ираните и непрокосновени: право на живот, право на физички и морален интегритет и право на слобода со донесувањето на актот за амнестија. Имено, правото на државата да даде амнестија, не ги повредува одредбите од уставот што ги гарантираат наведените права. Ова од причина што повредата на овие уставни права, во кривичните норми добиваат обележје на конкретно кривично дело и тие дела соодветно се санкционираат. Исто така, не постои уставна забрана на сторителите на овие најтешки кривични дела или било кое кривично дело да им се даде амнестија од страна на Собранието на Република Македонија. Уставот во член 68 став 1 алинеја 18, определил можност Собранието на Република Македонија во конкретна ситуација да даде амнестија, но содржината и видовите на амнестијат а е оставено да се регулира со самиот акт за амнестија.
Од друга страна во член 1 став 4 од Законот е определен исклучок во примената на амнестијата по однос на лицата кои извршиле најтешки кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Мечународниот трибунал за гонење на лицата одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година че поведе постапка. Вториот исклучок е предвиден во член 3 став 2 од Законот, на начин што амнестијата не се однесува на осудените лица помеѓу другото и за кривични дела против човечноста и меѓународното право (глава XXXIV, член 403 до 422 од Кривичниот Законик).
Врз основа на изнесеното може да се заклучи дека со предвидените исклучоци во членот 1 став 4 и членот 3 став 2 од Законот, се обезбедени механизми за заштита на наведените неприкосновени права, со оглед дека нивната повреда е окарактеризирана како тешко кршење на меѓународното хуманитарно право, односно како кривични дела против човечноста и меѓународносто право.
12. При оценката на согласноста на ставот 4 од членот 1 од Законот со уставните одредби, кај Судот се постави и прашањето дали со ваквото законско решение не доаѓа до исклучување на домашното законодавство од надлежноста да ги гони и казни сторителите на најтешките кривични дела од периодот на конфликтот.
Од овие причини беше нужно Судот да навлезе и во анализа на одредбите на Статутот на Хашкиот суд или Хашки трибунал, формиран со Резолуцијата 808 од 22 февруари 1993 година од Советот за безбедност врз основа на Повелбата на Организацијата на обединетите нации, а врз основа на обврската на страните вмешани во конфликтот на територијата на поранешна Југославија да се придржуваат кон меѓународното хуманитарно право и посебно кон Женевската конвенција од 12 август 1949 година.
Надлежноста и постапката пред Трибуналот се уредени со Статутот на Судот, прифатен од Советот за безбедност, а покрај Статутот усвоени се и други акти што ги регулираат одделните фази во постапката пред Судот. Основното начело на кое се базира конкурентната надлежност е взаемната надлежност на Хашкиот трибунал и на националните судови.
Критериумот “тешко кршење на меѓународното хуманитарно право” како недоволно прецизно дефиниран, се разработува во одредбите на Статутот на Трибуналот, кои пак содржат јасно определување на казнивите дела со повикување на: кршење на Женевската конвенција од 1949 година (член 2), како што се: намерно убивање, тортура или нехуман теретман и други инкриминирани дејствија. Потоа член 3 од Статутот содржи казниви дела што значат кршење на законите или обичајното право, како основа за казнување според Хашката конвенција од 1907 година. член 4 од Статутот содржи казниви дела како што се гено цид или некое друго злосторство според Конвенцијата од 1948 година за превенција и закана за злосторства од овој вид. При тоа како дејствија со кои се врши геноцид се пропишани: убивање на членови или на цела група, причинување тешки телесни или ментални п овреди и така натаму. Злосторствата против човештвото се забранети без оглед по каков повод се направени, а како злосторства се прогласени со Повелбата за Нинбершкиот суд и со други документи. При тоа само членот 2 изричито се базира на Женевската конвенци ја, а за останатите одредби, заклучокот за тоа во кој меѓународен документ се предвидени се влече од анализата на описот на кривичните дела. Оттука според Судот овие кривични дела изричино се пропишани со мечународните правни акти што се ратификувани, а истите кривични дела се превземени и во националните законодавства.
Инаку, за компарација со решението во сега оспорениот Законот за аменестија по однос на планирањето на кривичните дела, во член 7 став 1 од Статутот, исто така се предвидува одговорност помечу другото и за лицето кое планирало или потикнувало кривично дело од членовите 2 до 5 од овој Статут, без определување на почетниот термин на планирање односно подготовка на кривичното дело.
Македонското кривично законодавство во целост ги санкционира кривичните дела опфатени во бројни меѓународни акти во членовите 403 до 422 од Кривичниот Законик во главата под наслов “Кривични дела против човечноста и меѓународното право”. Заклучокот што произлезе од анализата на одредбите на Статутот и оваа глав а од Кривичниот законик е дека тие не содржат изворна регулатива по однос на битијата на кривичните дела и нивните наслови туку истите се базираат на повеќе меѓународни конвенции.
Членот 9 од Статутот предвидува: Меѓународниот суд и националните судови паралелно се надлежни кривично да го гонат лицето за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право сторено на територијата на поранешна Југославија од 1 јануари 1991 година. Меѓународниот суд има примат над националните судови. Мегународниот суд може во било која фаза на постапката формално да побара од националните судови да ја отстапат надлежноста на Меѓународниот суд во согласност со овој Статут и Правилникот за постапката и доказите на Меѓународниот суд. Република Македонија на барање на Трибуналот одстапи пет предмети, формирани против извршители на кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година, чиј правен исход се уште не е познат.
Според Судот, оваа одредба ја разрешува конкурентната надлежност со давање на примат на Хашкиот трибунал над домашната или националната надлежност, бидејчи националното јурисдикција не може да ја исклучи меѓународната јурисдикција. При тоа со гонење за такви дела, како и со давање на амнестија или помилување за ваков вид на кривични дела, не би смеело да се оневозможува извршувањето на одлуките на Хашкиот трибунал.
Од вака направената анализа, произе дека содржаниот исклучок за лицата што не се амнестираат од член 1 став 4 од Законот за амнестија е неопходен заради фактот што меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија согласно член 118 од Уставот.
Исто така, треба да се има во предвид дека Република Македонија е членка на Обединетите наци и. Одлуката за пристапување кон Женевските конвенции и протоколи е донесена во 1993 година, со што Република Македонија во правниот поредок вклучи низа на мегународни акти што санкционираат тешки кривични дела. Одлуката за пристапување на Република Макед онија кон меѓународните договори за основните човекови права и слободи е донесена во 1993 година, со што Република Македонија пристапува кон: Универзалната декларација за човековите права од 10.12.1948 година, Конвенцијата за спречување на злосторства на геноцид од 9.12.1948 година и многу други мечународни акти.
Од друга страна предвидениот услов за поведување на постапка од страна на Хашкиот суд како основ за исклучување на одреден круг на лица од дадената амнестија од членот 1 став 4 од Законот, го н аметна прашањето дали тоа значи дека во случај кога трибуналот нема да поведе постапка, треба да се даде амнестија на лицата одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право и дали воопшто може да се применува домашната јурисдикција во ваков случај, како и прашањето дали оваа одредба остава простор за амнестирање на лица сторители на најтешки кривични дела во случај Хашкиот трибунал да одлучи спрема нив да не води постапка.
13. Судот посебно се задржа и на оценка на согласноста на членот 6 став 2 од Законот со членот 15 од Уставот.
При оценката на согласноста на оваа одредба со Уставот се тргна од содржината на членот 6 став 1 од Законот, што определува дека против решенијата од член 5 став 3 на овој закон жалба можат да поднесат: јавниот обвинител, лицата на кои се однесува амнестијата и лицата кои во нивна корист можат да изјават жалба. Оттука произлегува дека во случај на одбивање на барањето за примена на Законот за амнестија, јавниот обвинител има право на жалба како еден од овластените предлагаќи по член 5 став 1 и 2 од Законот, но таквото право е исклучено за случаите кога лицето е амнестирано.
Членот 15 од Уставот, го гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапката во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања. Според Судот, Уставот гарантира одредени слободи и права за граѓаните на Република Македонија, но не и за самостојните државни органи во кои спача и Јавното обвинителство, па оттука, правото на жалба на јавниот обвинител за секоја поединечна одлука единствено може да се предвиди и регулулира со посебен закон. Прашањето за користење на правото на жалба од страна на јавниот обвинител како странка во постапката е оставено на диспозицијат а на законодавецот и е предмет на регулатива на секој посебен закон, во кој јавниот обвинител се јавува како странка.
Притоа се имаше во предвид и целта што треба да се постигне со давањето на амнестија, па Судот заклучи дека, законското решение за исклучување на правото на жалба на јавниот обвинител е едно од можните законски решенија. Имено, постапувањето по изјавената жалбата едноставно би ја одолжило имплементацијата на рамковниот договор и реинтеграцијата на лицата учесници во конфликтот. Или со давањето на право на жалба во случај на еднаш дадена амнестија, која не може да се отповика, не би можела брзо да се постигне целта на законодавецот и да се спроведе добра волја на државата, а постапката по изјавената жалба од страна на јавниот обвинител би ја одолжило постапката за примена на Законот за амнестија.
По однос на ова спорно прашање се истакна и становиштето дека ваквата законска конструкција го оневозможува Јавниот обвинител да ја спроведе уставната обврска за гонење на сторителите на кривичните дела од член 106 став 1 од Уставот, па во Законот било неминовно да се предвиди правото на жалба против решението со кое лицето се амнестира, без оглед на фактот што истакнатата жалба би ја одолжило примената на Законот.
14. Според Судот со оспорениот Закон не е сторена повреда на членот 20 став 4 од Уставот на Република Македонија. Имено, најнапред во одредбите од оспорениот Закон никаде не се споменува дека амнестијата се однесува на членовите на таканаречената ОНА, а од друга страна признавање то на било каква формација, па и на паравоена не може да се направи со одредби од закон. Признавањето на формации и други облици на здружување настанува со нивното регистрирање во постапка пред надлежен суд, или со изречна изјава на надлежни државни органи, врз основа на позитивните законски прописи.
15. Што се однесува до наводот од иницијативата дека со оспорениот Закон се отстапува од дефиницијата на амнестијата содржана во членот 113 од Кривичниот законик, а на начин што амнестијата е дадена на определени лица наместо на поменично неопределени лица, најнапред се имаше во предвид дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на одредбите од различни закони. Во секој случај, според мислењето на Судот со оспорениот Закон не се отсапува од дефинирањето на амнестијата како акт што опфаќа поименично неопределени лица, бидејќи во него не се содржани конкретни имиња на сторителите на делата, туку само се определува дека аместијата се од несува на: граѓани на Република Македонија, лица со законски престој, како и лица кои имаат имот или семејство во Република Македонија, кои се подготвувачи или сторители на кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година. При ваква состојба нема доволе н број на елементи што укажуваат на поименичо определување на лицата опфатени со актот за амнестија, туку само според наведените показатели се определува нивниот круг. Впрочем со актот за амнестија се опфатени сите учесници во конфликтот без оглед на страната на која и припаѓале.
16. При оценката на согласноста на членот 7 од оспорениот Закон со Уставот, Судот заклучи дека предвидената примена на одредбите на Законот за кривичната постапка, се однесува само по однос на постапката за спроведување на амнестијата, а не и за други области на кривичното право.
17. Согласно член 25 став 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), решенијата, односно одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број судии на Уставниот суд, па иако на седницата се изнесоа различни становишта по одделни спорени правни и фактички прашања, врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
18. Врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Имено, Судот со Решение У.бр.65/2002 од 22 мај 2002 година, одлучи да не поведе постапка за оценување уставноста на членот 8 од Законот за амнестија, што сега се применува, бидејќи утврди дека овластувањето на министерот за правда да донесе упатство за спроведување на законот не излегува надвор од уставните рамки, како и од рамките предвидено во Законот за организација и работа на органите на управата, а што е во рамките на поставеноста на државната управа.
Со оглед дека членот 8 од Законот не се оспорува посебно, Судот за истата работа веќе одлучувал и нема основи за поинакво одлучување, по однос на оваа одредба од Законот, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.
19. Согласно член 78 став 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи решението да се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
20. Ова решение Судот го донесе во состав во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. Решението од точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови, а решението од точките 2 и 3, Судот го донесе едногласно.
У.бр.169/2002
19 февруари 2003 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов
Издвоено мислење по предметот У.бр.169/2002