12/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 февруари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 22 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”, објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.56/99 и 43/02).
2. Душан Топаловски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 22 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се нарушувале правата на вработените во Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија-Скопје, кои би произлегле од правата на приватизација, што не било во согласност со член 30 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 22 од Законот, со денот на влегувањето во сила на овој закон имотот со кој располага постојната Нивинско издавачка работна организација Службен весник на Република Македонија-Скопје станува државна сопственост.
4. Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, според ставот 2 од овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата, а според ставот 3 од овој член од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Согласно член 2 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”, објавувањето на законите и другите прописи, акти и издавањето на службеното гласило “Службен весник на Република Македонија” е од јавен интерес.
Според член 11 став 1 од Законот, работите од јавен интерес од член 2 од овој закон ги врши Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија-Скопје, а според член 21 од Законот, со денот на влегување во сила на овој закон (влегол во сила на 8 септември 1999 година) постојната Новинско издавачка работна организација Службен весник на Република Македонија-Скопје продолжува да работи како јавно претпријатие од член 11 на овој закон, а Владата на Република Македонија ги презема основачките права во него.
Согласно член 23 од Законот, вработените, средствата, правата и обврските на постојната Новинско издавачка работна организација Службен весник на Република Македонија-Скопје ги презема Јавното претпријатие.
Тргнувајќи од анализа на содржината на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека објавувањето на законите, другите прописи и акти и издавањето на службеното гласило на државата е од јавен интерес и дека тоа се врши преку посебно јавно претпријатие чиј статус и положба е утврден со самиот закон и спрема кое основачките права ги има Републиката.
Судот имаше предвид дека Новинско издавачката работна организација Службен весник на Република Македонија – Скопје, до донесување на Законот од 1999 година имаше статус и делуваше како организација од посебен општествен интерес, какви што беа и другите организации од информативно – издавачката дејност. Притоа, според Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, трансформацијата според овој закон, не се врши на прет-пријатија и организации кои со закон е утврдено дека вршат работи и дејности од посебен општествен интерес, препуштајќи ја можноста тие да се трансформираат со друг закон. Со донесувањето на Законот за објавувањето на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Решублика Македонија”, законодавниот орган, поаѓајќи од дотогашниот статус и положба, се определил НИРО со имот во општествена сопственост, да ја организира односно да продолжи со работа како Јавно претпријатие, спрема кое основачките права во него ги презема Владата на Република Македонија.
Според тоа, со содржината на оспорената одредба, според која имотот на поранешната НИРО станува државна сопственост, според мислењето на Судот, не се нарушуваат правата на вработените во Јавното претпријатие и таа одредба не е во несогласнот со уставните принципи на правото на сопственост, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 22 од Законот со одредбата на член 30 од Уставот.
Во однос на наводите во иницијативата дека службеното гласило на Републиката требало да се приватизира како и другите новинско-издавачки организации, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.12/2003
12 февруари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов