У.бр.198/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 февруари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за верификација на мандатите на членовите на Советот на Општина Желино бр.0701-378/3 од 7 октомври 2000 година, донесена од Советот на Општина Желино.

2. Советничката група на Партијата за Демократски Просперитет при Советот на Општина Желино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи оспорената одлука не била во согласност со член 5 став 1 од Законот за локалните избори. Имено, членот на Советот на Општина Желино Ајдин Нуредини на денот на верификацијата на мандатот бил вработен во Одделението за премер и катастар – Тетово, а од декември 2000 година бил именуван за директор на Одделението за премер и катастар – Тетово. Ајдин Нуредини иако бил вработен и бил директор на Одделението за премер и катастар – Тетово истовремено ја обавувал и функцијата член на Советот на Општина Желино што било спротивно на законската одредба според која вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа и во управните органи на општината односно градот Скопје не можат да ја вршат функцијат а член на совет.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Желино на седницата одржана на 7 октомври 2000 година донесол Одлука за верификација на мандатите на членовите на Советот на Општина Желино, со која меѓу другите е верификуван и мандатот на Ајдин Нуредини.

4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа не се регулираат никакви односи туку поименично се наведуваат членовите на Советот на Општина Желино на кои им се верификуваат мандатите.

Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е поединечен акт за кој Уставниот суд согласно член 110 од Уставот не е надлежен, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.198/2001
5 февруари 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов