Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 февруари 2003 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 546-г во делот “како и на лицето кое е осудено за кривично дело кое го прави неподобен за професијата на сметководител-ревизор” од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/96, 7/97, 21/98, 37/98, 63/98, 39/99, 81/99, 37/2000, 31/2001, 50/2001 и 6/2002).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на член 546-г од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата со оспорениот член по сила на законот, а не како казна што ја изрекува Судот во рамките на видовите на кривичните санкции без да се наведат кривични дела кои го прават лицето неподобен за професијата на сметководител ревизор и не му е изречена мерка забрана за вршење на дејноста, на лицето му се одзема уверението за овластен сметководител како нострифицираното звање што значи Советот се претворил во судски орган што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32 став 1 и 2 и член 54 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека во член 110 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва (»Службен весник на РМ« бр.50/2001) е предвидено дека по членот 546 се додаваат девет нови називи и девет нови членови и тоа: 546-а, 546-б, 546-в, 546-г, 546-д, 546-ѓ, 546-е, 546-ж и 546-з.
Со овие одредби се уредуваат прашања кои се однесуваат на тоа кој се смета за овластен равизор, стекнување на звањето овластен сметководител-ревизор, членови на Советот, одземање на уверението за овластен сметководител-ревизор, перманентна едукација, заштита на професијата на овластени сметководители-ревизори, водење на регистар за овластените сметководители ревизори и давање на согласност на Статутот на Сојузот на сметководители.
Во членот 546-в е предвидено дека со стекнувањето на звањето на овластен сметководител-ревизор, заради заштита на јавноста и репутацијата на самата професија и обезбедување на сигурност дека условите на овластениот сметководител-ревизор ќе бидат извршувани на едно високо професионално ниво, овластениот сметководител-ревизор станува член на советот.
Во членот 546-ѓ од Законот е предвидено дека Советот се грижи за развивање и поттикнување на сметководствената и ревизорска професија која ќе може да обезбеди услуги на доследно висок квалитет во интерес на јавноста.
Според членот 546-е од Законот е утврдено дека кодексот на етиката за професионалните сметководители го донесува Сојузот на сметководители, финансисти и ревизори на Република Македонија.
Со кодексот се утврдуваат етичките барања (детални правила, насоки, стандарди на однесување) за професионалните сметководители и ги установува основните принципи кон кои треба да се придржуваат и овластените сметководители-ревизори, со цел да се обезбеди највисок квалитет за нивното успешно работење и ја потврдува јавната доверба на професијата.
Во оспорениот член 546-г е предвидено дека Советот го одзема уверението за овластен сметководител-ревизор, како и нострифицираното звање на овластен сметководител-ревизор на лицето кое не ги почитува правилата утврдени со кодексот на етиката за професионалните сметководители, како и на лицето кое е осудено за кривично дело кое го прави неподобен за професијата на сметководител-ревизор.
Против решението од став 1 на овој член може да се поднесе жалба до министерот за финансии.
Против решението од министерот за финансии може да се поднесе тужба до Врховниот суд на Република Македонија.
5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Републиката е утврдено и владеењето на правото.
Во член 32 став 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.
Според член 51 став 1 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други рпописи со Уставот и со закон.
Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во сучаи утврдени со Уставот.
6. Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од Законот за трговски друштва со кои го уредуваат прашањето за овластен сметководител-ревизор и содржината на оспорената одредба, Судот оцени дека во конкретниов случај не е во прашање правна последица од осуда која настапува по сила на законот, што како правна основа е отстранета од правниот поредок, туку дека правосилната судска одлука всушност претставува основ за одземање на уверението за овластен сметководител-ревизор. При тоа одземањето на уверението се врши од страна на орган, а не од Судот, кој дискреционо одлучува да го одземе уверението и тоа за секогаш, без за тоа да се конкретизирани кривичните дела што го правата лицето неподобно да ја врши таа професија и без да е определена санкција што треба да е изречена за кривичното дело, што значи одредбата дава можности постоењето на неподобност да може да се оцени и кога е изречена парапенална кривична санкција, ослободување од казна како и при осуда за кривични дела кои не се во најтесна врска со професијата сметководител-ревизор.
Според тоа Судот смета дека ваквата формулација на зконската одредба е непрецизна и недоречена со што се создава основ за правна неисугурност на граѓаните како еден од елементите на принципот на владеење на правото.
7. Со оглед на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевск и, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.121/2002
5 февруари 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов