Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 февруари 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста и законитоста на точка 2 од Тарифата на телефонските услуги која е составен дел од Одлуката за одобрување на промена на тарифите на ТФ услуги донесена од Менанџмент колегиумот на АД “Македонски телекомуникации” на 26 април 2002 година.
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актот означен во точката 1 од ова решение.
3. Уставниот суд на Република Македонија по сопствена иницијатива со решение У.бр.217/2001 од 13 февруари 2002 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за определување на висината на надоместокот за добивање на телефонски приклучок, донесена од Извршниот директор на АД “Македонски телекомуникации” од 13 јули 2001 година. По поведување на постапката, Судот утврди дека оспорената одлука престанала да важи и дека на 26 април 2002 година е донесена Тарифа на телефонски услуги која е составен дел на Одлуката за одобрување на промена на тарифите на телефонските услуги во која, покрај другото, во точка 2 е утврден надоместок за засновање на претплатнички однос.
4. Судот на седницата утврди дека по поведување на постапката за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение донесено на 17 јули 2002 година, Менаџмент колегиумот на АД “Македонски телекомуникации” на 25 јули 2002 година донесол Одлука за измени и дополненија на Ценовникот за телефонските услуги на АД “Македонски телекомуникации”.
Во член 1 од одлуката е предвидено дека со оваа Одлука се вршат следните измени и дополненија:
– Во дел И точка 1.1. – “Засновање на претплатнички однос” се брише.
Точката 1.2 се менува и гласи:
1.2. НАДОМЕСТ НА ИНСТАЛАЦИОНИ ТРОШОЦИ ЗА ПСТН
ТЕЛЕФОНСКИ ПРИКЛУЧОК
1. за растојание до 250 м од извод – микролокација 50 евра*
2. за растојание над 250 м од извод – микролокација 50 евра*
+ стварни трошоци за растојаниетзо над 250 м
– Во дел ИИ точка 2.1. – “Засновање на претплатнички однос” се брише
Точката 2.2 се менува и гласи:
2. НАДОМЕСТ НА ИНАСТАЛАЦИОНИ ТРОШОЦИ ЗА ИСДН2
ТЕЛЕФОНСКИ ПРИКЛУЧОК
1. за растојание до 250 м од извод – микролокација 82 евра*
2. за растојание над 250 м од извод – микролокација 82 евра*
– стварни трошоци за растојанието над 250 м
2.3 ДИГИТАЛЕН МРЕЖЕН УРЕД (НТ)
1. НТ дигитален 3.000,00 денари
2. НТ нет 5.000,00 денари
5. Со оглед на тоа што точка 2 од Тарифата на телефонски услуги која е составен дел од Одлуката за одобрување на промена на тарифите на ТФ услугите престанала да важи, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за натамошно водење на постапката и одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр. 124/2002
5 февруари 2003 година
С к о п ј е
ла
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов