142/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 29 јануари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на Заводот за платен промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/2002).
2. Акционерското друштво за производство и конзервирање на печурки и други земјоделски производи “Шампињони” од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 1 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата оспорената одредба не била во согласност со една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 од Уставот, а тоа е владеење на правото, бидејќи на Агенцијата за работа со блокирани сметки и се овозможува право на покренување на стечајна постапка над нејзините ” привремени” коминтенти иако тоа претставува законско право на доверителите. Со овластување на Агенцијата да поднесува предлози за отворање на стечајна постапка се доведува во прашање и основната цел на стечајната постапка за колективно намирување на доверителите на стечајниот должник бидејќи Агенцијата нема статус на доверител и нема право на активно учество во постапката.
Во практичната примена на оспорената одредба ќе се случува Агенцијата само да предложи отворање на стечајна постапка а истата постапка да ја водат доверителите што претставуваше темел на стариот начин на водење на стечајните постапки утврден со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација.
Со ваквата практична примена сериозно се доведуваат во прашање правата кои произлегуваат од сопственоста, кои според Уставот можат да се ограничат со закон единствено заради заштита на безбедноста на Републиката зачувување на природата и човековата околина и на здравјето на луѓето.
3. Судот на седницата утврди дека со донесување на Законот за платен промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/2001) како носители на платниот промет согласно член 3 од наведениот закон се утврдени Народната банка на Република Македонија и банките кои добиле дозвола за вршење на платен промет согласно со закон.
Во член 5 од Законот се утврдени работите што ги врши Народната банка како носител на платниот промет, а во член 6, пак, се утврдени работи што ги вршат банките кои добиле дозвола за вршење на платен промет.
Во член 28 од Законот е предвидено дека учесниците во платниот промет се должни своите жиро сметки од Заводот за платен промет да ги пренесат кај носителите на платниот промет најдоцна до 31 декември 2001 година.
По донесување на Законот за платен промет донесен е Закон за трансформација на Заводот за платен промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/2001) со кој се уредува престанокот со работа на Заводот за платен промет, пренесувањето на работите што ги врши Заводот за платен промет на носителите на платниот промет и другите институции како и распределбата односно преземање на имотот, опремата и вработените од Заводот за платен промет.
Во член 2 е предвидено дека Заводот за платен промет престанува со работа на 31 декември 2001 година, а согласно член 3 од наведениот закон работите што Заводот ги вршел се пренесуваат на надлежните носители на платниот промет и други институции најдоцна во рок од член 2 на овој закон.
Во Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на Заводот за платен промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/2001) односно во член 3 е предвидено дека по членот 17 се додаваат два нови члена 17а и 17б.
Во членот 17-а е предвидено дека жиро сметките (блокирани сметки)на учесниците во платниот промет кои се водат во Заводот за платен промет, а кои нема да се пренесат кај носителите на платниот промет до 31 декември 2001 година се пренесува во посебна Агенција.
Агенцијата се основа од страна на Владата на Република Македонија најдоцна до 31 декември 2001 година.
Агенцијата има својство на правно лице.
Делокругот на работа и надлежност на Агенцијата ќе ги утврди Владата на Република Македонија.
Имотот, опремата, и вработените од Заводот за платен промет кои се во функција на вршење на работите на Агенцијата се пренесува на Агенцијата врз основа на Одлука на Владата на Република Македонија.
Врз основа на член 17а од Законот за трансформација на Заводот за платен промет Владата на Република Македонија на 1 август 2001 година донела Одлука за основање на Агенцијата за работите со блокирани сметки на учесниците во платниот промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2001).
Со оваа одлука се основа Агенција за работа со блокирани сметки на учесниците во платниот промет чии жиро сметки (блокирани сметки) нема да се пренесат на носителите на платниот промет најдоцна до 31 декември 2001 година.
Во членот 5 од Одлуката се утврдени надлежностите на Агенцијата.
Во член 8 од Одлуката е предвидено дека Агенцијата ќе отпочне со работа на 1ёјануари 2002 година, а ќе престане со работа на 31 декември 2003 година.
4. Понатаму Судот утврди дека во оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на Заводот за платен промет е предвидено дека “во Законот за трансформација на Заводот за платен промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/2001, 50/2001 и 103/2001) во членот 17а став 1 зборот “посебно” се брише а по зборот “Агенција” се додаваат зборовите “за работа со блокирани сметки на учесниците во платниот промет”.
По ставот 3 се додава нов став 4 кој гласи: “Агенцијата покрај делокругот на работа и надлежностите кои ќе ги утврди Владата на Република Македонија е должна да поднесува предлози за отварање на стечајна постапка за субјектите на чии сметки нема средства за наплата на пристигнатите побарувања непрекинато 45 дена”.
Ставовите 4 и 5 стануваат ставови 5 и 6 .
Од наведените законски одредби како и од Одлуката за основање на Агенцијата за работа со блокирани сметки произлегува дека со реформите извршени во платниот промет и трансформација на Заводот за платен промет преку кој се одвиваше платниот промет во земјата, законодавецот со цел за поефикасно функционирање на новиот начин на платниот промет за носителите на платниот промет и за учесниците во платниот промет утврдил одредени рокови за преструктуирање и започнување на новиот начин на работа.
При тоа за учесниците на платниот промет кои своите жиро сметки не ги пренеле кај овластените носители на платниот промет односно не ја почитувале законската обврска, законодавецот основал Агенција и утврдил обврска за Агенцијата која работи со блокирани сметки да поднесе предлог за отворање на стечајна постапка.
5. Исто така Судот утврди дека според член 46 од Законот за стечај (” Службен весник на Република Македонија” бр.55/97, 53/2001 и 37/2002) стечајната постапка се поведува на предлог на доверителот или на должникот и во други случаи утврдени со закон. Стечајната постапка се спроведува само по предлог на овластено лице.
Имајќи ја предвид наведената законска одредба како и членовите 48, 49, 64, 68 и 86 од Законот за стечај произлегува дека покрај доверителот или должникот предлог за отварање на стечајна постапка над имотот на должникот можат да поднесат и други субјекти утврдени со закон, при што без оглед кој е предлагач за отварање на стечајната постапка над имотот на должникот се спроведува целокупната постапка за стечај односно од спроведување на претходната постапка за тоа дали има основ за спроведување на стечајна постапка па се до заклучување на стечајната постапка.
6. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот на владеењето на правото, правната заштита на сопственост и слободата на пазарот и претпримништво се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 55 од Уставот Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот Собранието на Република Македонија донесува закон.
7. Тргнувајќи од наведените уставни одредби како и од анализата на Законот за платен промет, Законот за трансформација на заводот за платен промет и Законот за стечај, Судот утврди дека законодавецот со Законот за стечај врз начелата на итност, судското раководење со постапката, воспоставување на органи на стечајната постапка и нивната хиерархија, престанокот на постоењето на извесен правен субјект кој се бави со дејност од која остварува приходи не го препуштил само на доверителот односно на оној кој е најнепосредно погоден од работење на претпријатието – должник туку допуштил со други закони во определени случаи да се јават и други предлагачи за отварање на стечајна постапка во интерес на слободата на пазарот и претприемништвото во правниот промет да егзистираат платежно способни правни субјекти.
Оттука Судот смета дека со оспорената одредба од Законот за трансформација на Заводот за платен промет според каја Агенцијата за работа со блокирање сметки е должна да поднесе предлог за отварање на стечајна постапка за субјекти на чии сметки нема средства за наплата на присилни побарувања непрекинато 45 дена, законодавецот на оваа Агенција не и признал статус на доверител во стечајната постапка, ниту пак, имал за цел државата преку пренесување на јавно право овластување на Агенцијата да го контролира работењето на субјекти на пазарот и со тоа да го наруши концептот на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот.
Со вака поставениот концепт, државата не сака на пазарот во недогледно време да егзистираат правни субјекти кои во определен временски период не ги испочитувале законите и работат нерентабилно и тие треба да бидат ликвидирани.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената одредба со наведените уставни одредби, и одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.142/2002
29 јануари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов