176/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 јануари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за определување работници во органите на управата надлежни за внатрешни работи што имаат својство на овластени службени лица донесен од Републичкиот секретар за внатрешни работи (“Службен весник на СРМ” бр.25/82).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорениот правилник не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот и членовите 24, 74 и 76 став 2 од Законот за внатрешни работи, затоа што од членот 24 од Законот за внатрешни работи не произлегувала можноста со правилник да се определува кои службени лица се сметаат за овластени службени лица во Министерството за внатрешни работи. Од друга страна, пак, според член 76 став 1 од Законот за внатрешни работи, подзаконски акти предвидени со Законот за внатрешни работи се донесени поради што оспорениот правилник не може да се применува.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен врз основа на член 48 став 3 од Законот за внатрешни работи од Републичкиот секретар за внатрешни работи.
Со овој правилник се определуваат работниците во органите на управата надлежни за внатрешни работи што имаат својство на овластени службени лица.
Во Законот за внатрешни работи (“Службен весник на РМ” бр.19/95) во Глава ИИИ се уредени прашања кои се однесуваат на посебните должности и овластувања на министерството и права и должности на овластените службени лица .
Во членот 24 став 1 од наведениот закон е определено дека работниците во Министерството кои имаат посебни должности и овластувања определени со закон и овластени службени лица.
Во став 2 на овој член е определено кои лица се сметаат за овластени службени лица 1) работниците на полицијата и оперативни работници; 2) работниците кои извршуваат работи кои се во непосредна врска со полициските и оперативните работи и 3) министерот, неговите заменици, раководните работници и работници кои раководат со одредени организациони единици.
Во актот за систематизација на работните места на Министерството се утврдуваат работните места со посебни должности и овластувања во смисла на став 2 од овој член.
4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што оспорениот акт фактички престанал да важи, Судот смета дека не постои акт подобен за уставно судска оценка.
Имено, Судот смета дека и ако не постои изречна правна дерогација на оспорениот правилник со донесување на законот со кој е уредено прашањето, оспорениот правилник е без правна сила и тој престанал да важи.
Со оглед на наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.176/2002
15 јануари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов