У.бр.169/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 декември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за користење на пазарот, донесена од Советот на Општина Облешево на седницата одржана на 24.11.2000 година, а објавена во “Службен гласник на општина Облешево” бр.1/2001 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по иницијативата поднесена од Стевчо Николов и Славе Лазаров од с.Облешево, со решение У.бр. 169/2001 од 24 април 2002 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 17 и 29 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95) и член 43 став 1 од Статутот на општината.

Во член 1 од Одлуката е утврдено дека пазарот и средствата од пазарот што ги користи Јавното претпријатие за комунални дејности “Облешево” се враќаат во користење на општина Облешево.

Според членот 2, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на општина Облешево”.

5. Судот на седницата, врз основа на одговорот на доносителот на оспорената одлука и приложената документација, исто така, ја утврди и следната фактичка состојба:

ЈПКД “Облешево”-Обелешево било основано на 30.10.1997 година и во актот за неговото основање имало евидентирано 20 дејности. Од сите наведени дејности, претпријатието вршело само изнесување на смет во нас. место Облешево, а останатите 7 населени места кои спаѓале во општина Облешево не биле опфатени со изнесување на смет. Освен тоа, во изминатите 4 години од своето постоење ЈПКД “Облешево”-Облешево вршело и наплата на пазарна такса, а притоа не развило ниту една од другите предвидени 20 дејности ниту, пак, извршило било какви други активности на тој план, а во тие рамки ниту извршило било какво инвестирање и реновнирање на пазариштето.

Од тие причини, а со цел да се поттикнат вработените да ги активираат и останатите дејности за работење и побараат извори на средства и на други полиња, бидејќи со неизвршување на останатите дејности општината трпела штетни последици, согласно член 38 од Законот за ја вните претпријатија, Советот на општината Облешево прво ја донел оспорената одлука, потоа и Одлуката за користење на паричните средства добиени од пазарната такса, која исто така беше оспорена пред Уставниот суд, но со оглед дека таа покасно е укината, односно е ставена вон сила, постапката по оваа одлука Судот ја запре.

Понатаму, Судот исто така утврди дека Советот на општината Облешево на седницата одржана на 16.12. 2001 година донел Одлука под бр. 0701 – 374/1 за ставање вон сила на Актот за основање на Јавното претпријатие за комунални дејности “Облешево” – Облешево бр.0701 – 65/2 од 30.10.1997 година.

Во членот 3 од оваа одлука, меѓу другото, се утврдува дека со нејзиното донесување им престанува работниот однос на вработените во ова јавно претпријатие, а според членот 4, работите околу наплатата на пазарната такса и изнесување на сметот ќе ги извршуваат времени извршители, а начинот на извршување на овие работи ќе се уреди со посебна одлука.

Следователно на оваа Одлука, Советот на општината Облешево на 12.03.2001 година до Основниот суд во Штип, како основач доставил барање за бришење на ова претпријатие од трговскиот регистар. Постапката по ова барање е во тек.

6. Според член 1 став 1 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на РМ” бр.38/96, 9/97-исправка и 6/2002), јавните претпријатија се основаат заради вршење на стопанските дејности од јавен интерес, а како такви дејности во член 2 став 2 меѓу другите, се утврдени и комуналните дејности.

Според ставот 3 на членот 3 од истиот овој Закон, општините и градот Скопје можат да основаат јавни претпријатија за вршење на одделни стопански дејности од јавен интерес во рамките на своите надлежности, под усл ови и начин утврдени со закон, а овие претпријатија, согласно ставот 5 од овој член од Законот се во сопственост на општината, односно градот Скопје.

Во членот 6 е утврдено дека јавното претпријатие има својство на правно лице, кое го стекнува со уписот во трговскиот регистер.

Во делот од Законот насловен како “Остварување и заштита на јавниот интерес во јавните претпријатија” се утврдува во кои случаи и кои мерки оснивачот може да ги преземе спрема јавното претпријатие.

Така, во членот 38 од Законот е утврдено дека во случај на нарушување на работењето, односно вршењето на дејноста на јавното претпријатие, или ако јавното претпријатие не ги извршува со закон утврдените обврски, а што не е последица на неизвршување на обврските од страна на основачот утврдени со актот за основање, основачот може да преземе мерки со кои се обезбедуваат услови за непречено работење на јавното претпријатие.

Во наредниот член 39 од Законот, се дефинираат ситуациите во кои во смисла на овој закон се смета дека настапило нарушување на работењето на јавното претпријатие, а во членот 40, пак, во однос на кој се оспорува законитоста на оспорената одлука, се утврдени мерките што основачот може да ги преземе спрема јавното претпријатие во случаите од членот 39. Меѓу таксативно утврдените мерки, во овој член од Законот се упатува и на други мерки утврдени со посебниот закон со кој се уредуваат условите и начинот на вршење на одделна стопанска дејност од јавен интерес, во конкретниот случај тоа би бил Законот за комуналните дејности.

За разлика од Законот за јавните претпријатија, функцијата на Законот за комуналните дејности во основа не е да се занимава со статусните прашања на јавните претпријатија и односите меѓу претпријатието и неговиот основач, туку да обезбеди правна рамка за давање на квалитетни и достапни комунални услуги на корисниците. Оттука, овој закон се занимава со уредување на основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, нивното финансирање и други прашања од значење на овие дејности (член 1).

Во членот 2 на овој Закон, покрај другите наброени дејности, кои се сметаат како комунални, се утврдени и дејностите на одр жувањето и користењето на пазарите на големо и мало, под што се подразбира одржување на комуналните објекти, односно просторот и објектите изградени за давање на услуги на трговија. Овие дејности, пак, и според стариот и според новиот Закон за локалната самоуправа спаѓаат во надлежност на општините и се од јавен интерес од локално значење, за чие вршење општината може да основа јавно претпријатие, кое, согласно новиот Закон за локалната са моуправа има третман на јавна служба и е непрофитна организација за вршење на јавни услуги на корисниците.

Во членот 26 од овој Закон утврдено е дека средствата за вршење на комунални дејности од членот 10 став 2, меѓу кои се и дејностите во врска со одржувањето на пазарите на големо и мало, се остваруваат од цената на комуналните услуги, а во конкретниот случај тоа е цената што ја плаќаат корисниците на пазарот за користење на продажно место, чија висина и начин на плаќање, пак, согласно членот 27, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, како и содржината на оспорената одлука, јасно произлегува дека со неа се уредуваат односи меѓу општината Облешево, како основач и ЈКП “Облешево” во поглед на користењето на пазарот, а која одлука Советот на општината Облешево, според одговорот што е доставен до Судот, ја донел поради тоа што констатирал дека јавното претпријатие не ги извршувало дејностите за кои е основано на задоволителен начин, односно не ги исполнувало утврдените обврски во врска со извршувањето на овие дејности.

Меѓутоа, со оглед дека во членот 40 од Законот за ј авните претпријатија децидно се утврдени мерките што основачот може да ги преземе спрема јавното претпријатие во случај кога е нарушено работењето, односно вршењето на дејноста на јавното претпријатие, Судот утврди дека во конкретниот случај Советот на Оп штината Облешево немал законско овластување за донесување на оспорената одлука, поради што оцени дека истата не е во согласност со Законот за јавните претпријатија, Законот за комуналните дејности и Законот за локалната самоуправа.

Со оглед дека оспорената одлука се оспорува и од аспект на Уставот на Република Македонија бидејќи истата влегувала во сила со денот на донесувањето, а не со објавувањето, Судот, исто така, оцени дека оваа одлука не е во согласност и со членот 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола К рлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р ЈосифТалевски.

У. бр.169/2001
25 декември2002 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов