У.бр.132/2001-1 и У.бр.149/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 декември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 84 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001 и 43/2002).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на членот од Законот означени во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативите поднесени од Ѓузелов Борче и 11 други подносители, вработени во Основното јавно обвинителство и Основниот суд во Струмица и Панче Докузов, адвокат од Штип, со Решение У.бр.132/2001 од 2 октомври 2002 година поведе постапка за оценување уставноста на член 84 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

Судот со наведеното решение истовремено изрече и времена мерка за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на членот 84 од Законот означен во точката 1 на оваа одлука.

5. Судот на седницата утврди дека член 84 од Законот е поместен во главата VIII насловена како “Преодни и завршни одредби”.

Според ставот (1) на овој член од Законот, работниците од членот 83 од овој закон (а тоа се оние работници кои засновале работен однос до денот на влегувањето во сила на овој закон) се должни во рок од три години од денот на донесувањето на актите од став (3) на овој член, да положат преоден испит за проверка на знаењето и се распоредуваат согласно со актот за организација и систематизација на работните места на органот во звање кое е соодветно на стекнатото звање. (став 1).

Владата во рок од шест месеци од денот на отпочнувањето со работа на Агенцијата, по предлог на Агенцијата, со уредба ќе го утврди описот на звањата и соодветноста на постојните звања со групите и звањата утврдени со овој закон (став 2).

Актите за подготвување и спроведување на преодниот испит од став (1) на овој член ќе ги подготви Агенцијата во рок од шест месеци од денот на отпочнувањето со работа на Агенцијата (став 3).

Агенцијата ќе го спроведе преодниот испит од став (1) на овој член според динамиката која ќе ја утврди со програма (став 4).

На работникот од став (1) на овој член кој ќе го положи преодниот испит, Агенцијата му издава потврда (став 5).

И на крај, во ставот 6 од овој член е утврдено дека лицата вработени во органите на државната управа и стручните служби во органите од член 3 на овој закон кои на денот на влегувањето во сила на овој закон имаат над пет години работен стаж, се распоредуваат на работни места согласно со актите за систематизација на работните места во звање кое е соодветно на стекнатото звање без да го полагаат испитот од став (1) на овој член.

6. При оценувањето на уставноста на овој член од Законот, Судот како релевантни ги имаше предвид следните одредби од Уставот:

Во членот 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се утврдени и основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како и принципот на владеењето на правото.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверувње, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 32 од Уставот, покрај правото на работа, слободниот избор на вработувањето и достапноста на секое работно место на секому, под еднакви услови, е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Како една од гаранциите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, во членот 52 став 4 од Уставот е утврдена забраната на повратното дејство на законите и другите прописи, освен во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, според мислењето на Судот неспорно е дека др жавата има право да ги уредува правата на вработените и нивната положба, а пред се на вработените во нејзините органи и институции, што во дадениот случај тоа и го сторила со Законот за државните службеници.

Меѓутоа, ова право на државата не е и неограничено, но границите во кои таа може да се движи во изборот на решенијата и мерките кои ќе ги примени за постигнување на легитимните цели се определени со Уставот.

Според тоа, во однос на прашањето дали со оспорената одредба од Законот се повредува начелото на еднаквост на граѓаните утврдено во членот 9 од Уставот, како и правото на работа утврдено во членот 32 од Уставот, во однос на кои членови се оспоруваше нејзината уставност со овие иницијативи Судот не најде основи за изразување на сомневање во нејзината согласност со наведените уставни одредби.

Имено, според мислењето на Судот различната положба на работниците кои засновале работен однос во органите на државната управа и другите државни органи наведени во членот 3 од Законот за државните службеници, во поглед на нивниот третман во преодниот режим, е заснован на објективизиран критериум (должината на работното искуство) кој подеднакво важи за сите вработени во овие органи и не може да се смета како извор на нееднаквост во смисла на значењето на членот 9 од Уставот.

Исто така, според мислењето на Судот, оспорената одредба од Законот не е во несогласност и со членот 32 од Уставот од причина што оваа одредба уредува прашања на преоден режим и се однесува на веќе вработените, а за ново вработените важат општите и посебните услови, како и правилата утврдени со овој закон.

Меѓутоа, разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот од аспект на принципот на владеењето на правото, Судот оцени дека таа не е во согласност со овој уставен принцип, кој е утврден како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Имено, според Судот самото утврдување на обврската за полагање на преоден испит од страна на работниците кои засновале работен однос до денот на влегувањето во сила на Законот за државните службеници, како услов за стекнување на статус на државен службеник согласно овој закон, не е спорно, бидејќи државата има право при промена на режимот на уредување на односите во одделна област, да утврди мерки и механизми со кои ќе се обезбеди преминот од стариот во новиот режим.

Но, според мислењето на Судот, овој премин државата треба да го обезбеди на начин кој подразбира избраните мерки, односно средства да бидат доволни и соодветни на целите и причините поради кои се предвидуваат, а со цел да не ја доведат во прашање, или во поголем обем да не ја загрозат, правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на субјектите на кои се однесуваат тие. Понатаму, при изборот на мерките и средствата државата, исто така, треба да ја има предвид и различната правна положба во која се наоѓаат одделни субјекти.

Имајќи предвид дека во оспорената одредба, преодниот испит е утврден како обврска која подеднакво (и по обем и по содржина) се однесува за сите работници кои имаат помалку од пет години работен стаж, независно во кој орган од член 3 од Законот се вработени, Судот смета дека оваа одредба е премногу рестриктивна во однос на целта што треба да се постигне со неа.

Имено, тргнувајќи од тоа дека полагањето на преодниот испит, а кој има за цел проверка на знаењето, се однесува и на вработените во судовите и јавното обвинителство, кои според lex specialis како услов за засновање на работен однос го имаат положено правосудниот испит, а законодавецот не водејќи сметка за оваа нивна специфика, оваа категорија вработени ги става во ситуација двапати да полагаат иста материја, и на овој начин нивното оптоварување, со полагање на преоден испит, без диференцирање на содржините што се опфатени со програмата за правосудниот испит според мис лењето на Судот не е пропорционално на целта за која е утврден преодниот испит, но напротив претставува прекумерно ограничување на нивните права и слободи и истовремено загрозување н а нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото, ако се имаат предвид последиците што оваа категорија на вработени ќе ги трпи доколку не го положат преодниот испит.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Со оглед дека оваа одлука е конечна и извршна, Судот во однос на изречената времена мерка одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловск и, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.132/2001 и У.бр.149/2001
18 декември 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов