146/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 4 декември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос на Министерството за одбрана, бр.01-92/1 склучен на 15 април 2002 година, и тоа

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Колективниот договор означени во точката 1 од ова решение. Имено, според наводите во иницијативата, со колективен договор можат само да се доуредуваат правата, обврските и одговорностите на работниците и работодавецот од работен однос, па поради тоа оспорените делови во насловот и во членот 1 и членот 2 од Колективниот договор, во кои се употребува терминот уредување на овие односи, не се во согласност со членот 8 став 1, членот 51 и членот 110 од Уставот како и со членот 84 од Законот за работни односи.

Во однос на оспорената одредба од членот 29 алинеја 5 и 6 од Колективниот договор со кој е предвидено работникот во текот на траењето на работниот однос, според потребата на процесот на работата, а во согласност со актот за систематизација на работните места во Министерството и актот за формација во Армијата, да може да биде распореден на секое работно место кое одговара на неговиот степен на струена подготовка и тоа во случај на: замена на отсутен работник додека трае отсуството и зголемен обем на работа додека траат таквите околности, но не подолго од 30 дена, исто така подносителот на иницијативата смета дека не е во согласност со Уставот и со членот 1 и членот 23 став 1 точки 2 и 3 од Законот за работни односи кој поинаку го уредил прашањето за работен однос на определено време. Па оттука, произлегува дека со Колективниот договор сега повторно се уредуваат прашања кои веќе се со Законот уредени и се законска материја бидејќи се однесуваат за права и обврски на граѓаните.

Во однос на оспорените членови 42 и 43 од Колективниот договор подносителот на иницијативата наведува дека со нив се уредуваат основи по кои работодавецот има право да ја утврдува должината на годишниот одмор на работникот, меѓутоа работодавецот има такво право само применувајќи ги наведените критериуми во членот 43 став 4 од Законот за работни односи. Поради тоа, и овие членови од Колективниот договор биле во несогласност со споменатите одредби од Уставот и со членот 43 став 3 и 4 и членот 89 став 2 од Законот за работни односи.

3. Судот на седницата утврди дека Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана, број 01-92/1 склучен на 15 април 2002 година, кој е на ниво на работодавец, помеѓу министерот за одбрана и Самостојниот синдикат на вработените во одбраната, го содржи терминот “уредување, односно доуредување”, како во насловот, така и во текстот на членовите 1 и 2 од истиот.

Имено, во членот 1 е утврдено дека со овој Колективен договор согласно закон и Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопански дејности се уредуваат односно доуредуваат правата, обврските и одговорностите од работен однос на вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија (во понатамошниот текст: работниците) и Министерството за одбрана како работодавец (во натамошниот текст: Министерството), обемот и начинот на нивното остварување и други одредби за прашања од интерес на работниците, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните односи.

Со членот 2 е утврдено дека со овој Колективен договор се уредуваат, односно доуредуваат: засновањето на работниот однос; приправници; распоредувањето на работниците; работното време; одморите и отсуствата; плата и надоместоци на плата и други прашања како што се: стручното оспособување и образование; условите за работа; одговорноста на работниците; престанокот на работниот однос; материјалната одговорност; заштитата на правата на работниците; заштита при работа; информирањето; измената и дополнувањето на колективниот договор; решавањето на спорови и преодни и завршни одредби.

Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за работни односи (“Службен весник на РМ” бр. 80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98, 25/2000, 34/2000, 3/2001 и 50/2001), во еленот 2 е утврдено дека работниот однос се уредува со овој или друг закон и колективен договор.

Во делот на одредбите од Законот, кои се однесуваат на колективни договори, во членот 84 е пропишано дека со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Имајќи ги во предвид изнесените одредби од Уставот и Законот за работни односи, Судот утврди дека со колективен договор се уредуваат односно се доуредуваат прашањата од работниот однос и правата, обврските и одговорностите кои произлегуваат од работен однос.

Со оглед на тоа во однос на делот од Колективниот договор, гледано од аспект на наводите изнесени во иницијативата со кои се оспорува употребата на терминот “уредување, односно”, во насловот и во членовите 1 и 2 од истиот, поради тоа што предмет на Колективниот договор не можело да биде уредувањето на работниот однос туку тоа само со закон се уредувало, Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот и Законот за работни односи.

Во однос на оспорениот член 29 алинеја 5 и 6 од Колективниот договор, со кој е предвидено работникот во текот на траењето на работниот однос, според потребата на процесот на работата, а во согласност со актот за систематизација на работните места во Министерството и актот за формација во Армијата, да може да биде рапореден на секое работно место кое одговара на неговиот степен на струена подготовка, и тоа во случај на замена на отсутен работник додека трае отсуството и заради зголемен обем на работа, додека траат таквите околности, но не подолго од 30 дена, исто така Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот и закон.

Имено, со членот 30 и членот 31 од Колективниот договор е уредено дека во случаи на распоредување на работник, според член 29 алинеја 5 и 6, распоредувањето се врши со решение кое го донесува министерот или од него овластено лице, во кое ќе се образложи причината за распоредувањето и времето на траењето на распоредувањето.

Според членот 27 од Законот за работни односи, работникот работи на работно место за кое засновал работен однос, а во случаи утврдени со колективен договор работникот може да биде распореден на секое работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка, и одлука за распоредување донесува работодавецот или работникот кого тој ќе го овласти.

Оттука произлегува дека оспорениот член 29 алинеја 5 и 6 од Колективниот договор не е во спротивност со членот 27 од Законот за работни односи, ниту со него се пропишани помали права за работниците од правата утврдени во одредбите од Законот, поради што временото прераспоредување од едно на друго работно место како е предвидено со оспорениот член од Колективниот договор, не ги доведува во прашање правата на работниците од работен однос, утврдени со Устав и закон.

Со оспорениот член 42 од Колективниот договор, се дадени 4 критериуми за утврдување на должината на годишниот одмор на работникот, и тоа – должината на работното искутво, – сложеноста на работното место, – услови за работа и – здравствената состојба на работникот.

Со членот 43 од Колективниот договор е уредено дека должината на годишниот одмор се утврдува така што на 18 работни дена се додаваат деновите предвидени во членот 42, и доколку се надминува максимумот од 26 работни дена, работникот има право на годишен одмор во траење до 26 работни дена, освен во случајот од член 42 став 6 на овој колективен договор (кој се однесува на тоа дека должината на годишниот одмор за работници кои работат во посебни услови за работа, изнесува до 36 работни дена).

Според член 32 став 4 од Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Според став 5 на овој елен, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со членовите 43 до 47 од Законот за работни односи се уредува правото на работникот на одмори и отсуства.

Според членот 43 од овој Закон, работникот има право на годишен одмор во една календарска година во траење од најмалку 18, а најмногу 26 работни дена. Ако во календарската година во која засновал работен однос, работникот нема една година работа, има право на годишен одмор во траење од по два работни дена за секој месец поминат на работа, но не повеќе од 18 работни дена. Со грански колективен договор се определува должината на годишниот одмор за работници кои работат под посебни услови на работа, но не подолго од 36 работни дена. Должината на годишниот одмор ја утврдува работодавецот, особено врз основа на: должината на работното искуство, сложеноста на работите на работното место, условите за работа, и здравствената состојба на работникот. Според елен 45 став 1 од овој закон, распоредот на користењето на годишниот одмор го утврдува работодавецот или органот што тој ќе го определи во согласност со колективен договор.

Согласно членот 90 став 2 од овој Закон, со колективен договор на ниво на работодавец, на работниците може да се утврдат поголеми права од правата утврдени со грански колективен договор, но не помали од правата утврдени со закон.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека конкретното утврдување и разработка на критериумите за определување на должината на годишниот одмор, како што е тоа уредено со еленовите 42 и 43 од Колективниот договор, е со цел за остварување на правото на годишен одмор на вработените во Министерството за одбрана, во согласност со Уставот утврденото право на вработените на годишен одмор и определбата со закон и колективен договор да се уредуваат правата на вработените.

Оттука, имајќи ја во предвид основната дејност на Министерството за одбрана како и специфичниот работен статус на вработените и нивното учество во одбраната на државата, Судот утврди дека со оспорените одредби конкретно се уредиле овие прашања соодветно за вработените во ова министерство, наполно во согласност со одредбите од Законот за работни односи кој во основа ги пропишал правото и начинот на остварувањето на правото на годишен одмор на вработените.

Поради тоа, и во однос на членовите 42 и 43 од Колективниот договор не може основано да се постави прашањето за согласност со Уставот и закон.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.146/2002
4 декември 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов