У.бр.164/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 ноември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Владо Мицковски од с. Вранештица – Кичево за заштита на слободите и правата.

2. Владо Мицковски од с. Вранештица-Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија, на 7 октомври 2002 година, му поднесе барање за поведување постапка за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на политичка припадност, повредена со писмените опсервации на Владата на Република Македонија доставени до Европскиот суд, според кои Владата, меѓу другото, јасно укажува дека апликантот го разрешила затоа што тој бил активен член на опозициона партија во кој таа немала доверба и неможела да претпостави дека е лојална на Владата и користејќи го дискреционото право за именување и разрешување на функционери за кои таа е надлежна согласно на Законот донела решение за негово разрешување од функцијата заменик на јавниот правобранител на Република Македонија за подрачјето на Кичево. Според подносителот на барањето таквата опсервација на Владата претставувало дејство со кое се повредувале неговите права и слободи.

3. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити, слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен акт или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на барањето, според мислењето на Судот, писмените опсервации на Владата на Република Македонија доставени до Европскиот суд за човекови права што се однесуваат на апликантот, не можат да се третираат како поединечен акт или дејство со кои се повредуваат слободи и права за да се бара нивна заштита пред Уставниот суд, поради што Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за барањето и дека постојат процесни пречки за одлучување по истото.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.164/2002
20 ноември 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов