94/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) член 27 став 5 од Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.15/90, 11/91 и”Службен весник на Република Македонија” бр.11/ 94, 18/99 и 25/99 ) и

б) Правилникот за дефинирање на поимот помали и поедноставни објекти (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.26/91), донесен од министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесената иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр. 94/2002 од 18 септември 2002 година поведе постапка за оценување уставноста на член 27 став 5 од Законот за изградба на инвестициони објекти и за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за дефинирање на поимот помали и поедноставни објекти, донесен од министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на наведената одредба од Законот со Уставот и за согласноста на наведениот Правилник со Уставот и со Законот за организација и работа на органите на државната управа.

4. Судот на седницата утврди дека со одредбата од членот 27 став 5 од Законот за изградба на инвестициони објекти, е пропишано дека функционерот кој раководи со републичкиот орган на управата надлежен за работите на градежништвото, ќе донесе поблизок пропис во смисла на дефинирање на поимот помали и поедноставни објекти.

Исто така, Судот утврди дека врз основа на законското овластување кое произлегува од наведената одредба од Законот за изградба на инвестициони објекти, министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија го донесол Правилникот за дефинирање на поимот помали и поедноставни објекти.

_ 5. Уставот на Република Македонија во членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, утврдил дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), министерот меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Согласно член 1 од Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.15/90, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.11/ 94, 18/99, и 25/99), предмет на уредување на овој закон е изградбата на инвестициони објекти.
Изградбата на објектите во смисла на овој закон е вршењето на претходните работи, изработка на техничката документација, подготвителни работи и градење односно реконструкција на објекти и вршење на стручен надзор. Во рамките на уредувањето на овие прашања, во делот на одредбите од Законот кој се однесува на градењето на објекти, со членот 27 е утврдено дека инвеститорот е должен да врши постојан стручен надзор над градењето на објектите преку вработени лица кои ги исполнуваат пропишаните услови за тоа или со ангажирање на лица кои се регистрирани за вршење на таков вид работи. Стручниот надзор можат да го вршат лица кои имаат ВИИ степен на соодветна стручна подготовка и три години работно искуство во струката, меѓутоа стручниот надзор на градењето на помали и поедноставни објекти, може да се довери на стручно лице ако има ИВ степен на насочено образование од соодветната струка и три години работно искуство. Во ставот 5 од членот 27 од Законот е содржано овластувањето на функционерот кој раководи со републичкиот орган на управата надлежен за работите на градежништвото, да донесе поблизок пропис во смисла на дефинирање на поимот помали и поедноставни објекти.

Од анализата на одредбите на Законот за изградба на инвестициони објекти, произлегува дека интенцијата на законодавецот е прашањето за дефинирање на поимот и пропишување на елементите кои како содржина ги обележуваат помалите и поедноставни објекти, што секако како такви ќе се третираат и одразуваат во сверата на градежништвото особено и во правец на сручниот надзор при нивното градење, да не биде предмет на уредување на законскиот концепт, и целосно да се пренесе во надлежност на министерот од соодветниот орган на државната управа, тој да ги пропише со свој акт. При ваква состојба, а имајќи ја во предвид содржината на оспорениот Правилник, може да се констатира дека со акт на министерот, а не со закон е во потполност регулирано прашањето за дефинирање на поимот помали и поедноставни објекти.

Врз основа на изнесеното Судот смета дека одредбата од членот 27 став 5 од Законот за изградба на инвестициони објекти, претставува овластување кое нема уставна основа, врз основа на кое министерот го донесол оспорениот Правилник со кој пропишувал поими и негова содржина. Ова особено поради тоа што Законот не содржи критериуми за определување на поимот помали и поедноставни објекти туку едноставно препушта самото негово дефинирање да го пропише министерот.

Тргнувајќи од темелната вредност за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, министерот како еден од органите на извршната власт не може да има овластување во законодавната власт. Даденото овластување на министерот со свој акт да пропишува поим и негова содржина, значи навлегување во законодавната власт која е издвоена од извршната власт.

Со оглед на тоа Судот оцени дека одредбата од членот 27 став 5 од Законот за изградба на инвестициони објекти, како и Правилникот за дефинирање на поимот помали и поедноставни објекти, не се во согласност со наведените одредби од Уставот, а Правилникот не е во согласност ниту со член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав на претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.94/2002
13 ноември 2002 год.
Скопје
д.б.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов